Министерството за образование и наука (МОН) и Управата за јавни приходи (УЈП) потпишаа Меморандум за соработка со кој се воспоставува институционална рамка за заедничка реализација на проектот „Фискална едукација“. Меморандумот го потпишаа министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, и директорката на УЈП, м-р Елена Петрова.
Проектот „Фискална едукација“ ќе се имплементира во основните и средните училишта, преку организирани предавања, интерактивни работилници, симулации, натпревари, како и посети на даночната организација, со што учениците ќе имаат можност да се запознаат со улогата на даночниот систем и да ги надоградат своите знаења за фискалната писменост.
Фокусот на проектот е младите генерации да научат: што се даноци и зошто се важни, како функционира УЈП, како се пресметува, пријавува и плаќа данок, кои се граѓанските обврски и права поврзани со јавните приходи и кои се придобивките од одговорно и навремено исполнување на даночните обврски.
Директорката на УЈП, м-р Елена Петрова, изјави дека „Фискалната едукација е стратешка инвестиција во иднината – градиме фискално писмена и одговорна генерација граѓани“.
Според министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска:, „Преку овој проект, образованието се поврзува со реалниот живот, а учениците се подготвуваат да бидат активни и информирани учесници во општеството“.
Целта на проектот е да се поттикне развој на даночна култура заснована на знаење, свест и лична одговорност, разбирање, наместо на страв или принуда. Преку „Фискална едукација“ УЈП има за цел да создаде идни граѓани кои разбираат како функционира државата и кои активно придонесуваат за нејзината стабилност, правичност и развој.
Со „Фискална едукација“, институциите не само што градат знаење, туку и формираат вредности. Проектот го поврзува образованието со реалниот живот, го охрабрува младите да размислуваат критички, да дејствуваат одговорно и да ја препознаат својата улога во градењето на функционално и праведно општество. Проектот претставува долгорочна инвестиција во создавање на општество со поголема доверба во институциите и со поголема подготвеност да се учествува во јавниот живот.