Традиционалната хуманитарна акција под мотото „Биди човек, биди хуман“  и оваа година се реализираше во  рамки на програмата за одбележување на Св.Матеј - Ден на даночните работници.  Вработените во Управата за јавни приходи традиционлано секоја година донират парични средства од кои потоа се  купуваат производи и се донираат на  ранливи категории на граѓани.  Оваа година директорката на УЈП  Сања Лукаревска во име на вработените во Управата за јавни приходи додели донација во ЈУ Дом за доенчиња и мали деца-Битола.  Донацијата е обезбедена преку синдикалната организација „Солидарност“, односно сите средства се обезбедени од вработените.
„Како општествено одговорни граѓани, но и како даночници секогаш помагаме таму каде што е најпотребно. За оваа установа, во рамки на донацијата, набавивме се што и е неопходно: креветчиња,  постелнини, дубаци, витамини и уште многу други неопходни производи. Иако мислам дека на дечињата им треба  топла насмевка. Во иднина ќе продолжиме со исто темпо, затоа што традицијата треба да ја одржуваме и тоа го правиме во пресрет на секој наш празник, денот на даночните работници „Св. Матеј“. Горда сум што водам институција која што првенствено е општествено одговорна“ -  истакна Лукаревска.
Донацијата ја прими  В. Д директорката на  Јавната установа „Дом за доенчиња и мали деца во Битола“, Анета Талевска, која и додели Благодарница на директорката на УЈП и на вработените.
„Голема благодарност за поддршката од страна на една ваква значајна институција – Управата за јавни приходи, која со нивната донација придонесува за збогатување на квалитетот на живеење на децата во Установата во однос на нега, исхрана, здравствена заштита и стимулација за правилен психомоторен развој   “ – рече Анета Талевска,  директор на ЈУ Дом за доенчиња и мали деца во Битола.
Домот за доенчиња и мали деца во Битола е основана во 1971 година. Установата згрижува, дава нега, исхрана и стимулација на доенчиња и мали деца како и деца со посебни потреби. Згрижува малолетни родители со деца,  а привремено сместува и самохрани бремени жени еден месец пред породување и самохран родител до три месечна возраст на детето.