Memorandum_mk
Даночен речник - преглед по поими

Даночниот речник опфаќа дефиниции на поими и кратенки кои директно или индиректно се поврзани со даночното работење. Како систематизиран материјал, речникот првенствено е сублимат на терминологија опфатена и дефинирана во законските и други прописи.


Г
Гарант

Лице кое гарантира за туѓи даночни долгови, под услови пропишани со закон, за што се задолжува со решение за гаранција.

 
Гаранција во даночна постапка
  • на правниот наследник - одговорност на трето лице на кое е пренесено претпријатие или дел од претпријатие, за даночните долгови на пренесеното претпријатие или делот на претпријатието, кои настанале од почетокот на последната календарска година пред пренесувањето, во големина на преземениот имот.
  • при ликвидација - одговорност на основачите, управителот или членовите на управата ако, во согласност со законот, статутот или актот за основање на правното лице, се солидарно или според удел одговорни за обврските на правното лице, за преостанатиот даночен долг на правното лице во ликвидација кое нема доволно парични средства да го исполни даночниот долг во целост, вклучувајќи ги и приходите од продажбата на имотот.
  • при промена на статусот - одговорност на правниот следбеник за даночниот долг на правно лице кое заради статусни промени престанало да постои (спојување, припојување, поделба), без оглед на тоа дали пред завршување на постапката на статусната промена знаел дека правниот претходник не го исполнил, делумно или во целост, својот даночен долг и споредните даночни давачки.
  • при одбивка - одговорност на лицата кои се одговорни за пресметувањето и за плаќањето на данок по одбивка, во смисла на Законот за персонален данок од доход, за пресметувањето и плаќањето на овој данок.
  • за обезбедување на плаќање на даночен долг – хипотека од прв ред на недвижност на даночен обврзник, залог на подвижни предмети на даночниотобврзник, неотповиклива банкарска гаранција и гаранција од друго лице.во случаи кога даночниот обврзник бара продолжување на пристигнатоста, одлагање на плаќање на даночен долг во целост или
    делумно.
  • за обезбедување на плаќање на даночен долг - хипотека на недвижност на даночен обврзник, залог на подвижни предмети на даночниот обврзник, неотповиклива банкарска гаранција, гаранција од друго лице кое е сопственик на имот чија вредност не може да биде помала од 150% од висината на даночниот долг чија наплата се обезбедува, и трасирана меница акцептирана од страна на два жиранти, во случаи кога даночниот обврзник бара продолжување на пристигнатоста, одлагање на плаќање на даночен долг во целост или делумно и одлагање на извршувањето на даночниот управен акт по повод приговор.
 
Глоба

Прекршочна санкција изразена во паричен износ.

 
Годишен данок на доход

Данок на доходот кој даночниот обврзник го остварил во текот на календарската година.

 
Годишна сметка

Вклучува Биланс на состојба и Биланс на успех преку кои се обезбедуваат податоци за средствата, капиталот, обврските, приходите и расходите и резултатот од работењето, остварени во периодот (деловна година) за кој годишната сметка се составува.

 
 
http://www.ujp.gov.mk
© Управа за јавни приходи на Република Северна Македонија