Memorandum_mk
Доход од продажба на сопствени земјоделски производи

Дефиниција

Под доход од продажба на сопствени земјоделски производи се подразбира доходот што обврзникот го остварува од промет на земјоделски производи од сопствено производство.

Даночен обврзник

Обврзник на данок на доход од продажба на сопствени земјоделски производи е физичко лице кое остварува доход од продажба на сопствени земјоделски производи на откупувачи кои водат деловни книги, на друго физичко лице надвор од продажни места на зелени пазари и на продажни места на зелени пазари, а кое не се оданочува согласно со член 20 од Законот за данокот на личен доход.

Даночна основа

Основа за пресметување на данокот претставува разликата помеѓу остварениот вкупен доход и признатите нормирани трошоци во висина од 80%.

Даночна стапка

Пресметката и плаќањето на данокот на доход од продажба на сопствени земјоделски производи се врши по стапка од 10%.

Електронска пресметка на аконтација на данок на доход (е-ППД)

  1. Откупувачот на земјоделски производи (исплатувачот на доход кој води деловни книги) врши пресметка на аконтација на данок на доход од продажба на сопствени земјоделски производи по основ на извршен откуп на земјоделски производи од физички лица.
    Исплатувачот на доходот пресметката на аконтација на данокот на доход кој се плаќа по одбивка ја врши пред исплатата на доходот, за секое физичко лице на кое врши исплата на доход, со примена на стапките пропишани со Законот за данокот на личен доход.
    Исплатувачот на доходот изготвува Електронска пресметка (е-ППД) со податоци за секое физичко лице на кое врши исплата на доход која ја доставува електронски до Управата за јавни приходи, преку системот https://e-ujp.ujp.gov.mk
    Пресметката ја одобрува Управата за јавни приходи, пред да се изврши плаќањето на данокот и исплатата на нето доходот кај носителот на платниот промет.
    Исплатувачот е должен на обврзникот при секоја исплата да му издаде примерок од пресметката за аконтацијата на данокот.
  2. Примател на доход (физичко лице) врши пресметка на аконтација на данокот на доход од продажба на сопствени земјоделски производи на физички лица надвор од продажни места на зелени пазари.
    Примателот на доходот пресметката на аконтација на данокот на доход ја врши за секој остварен доход, со примена на стапките пропишани со Законот за данокот на личен доход.
    Примателот на доходот за секој остварен доход изготвува Електронска пресметка (е-ППД) која ја доставува електронски до Управата за јавни приходи преку системот https://e-ujp.ujp.gov.mk, најдоцна до 10-ти во месецот за доходот остварен во претходниот месец.
    Пресметката на аконтацијата на данокот на доход ја одобрува Управата за јавни приходи.
  3. Управата за јавни приходи врши пресметка на аконтација на данок на доход од продажба на сопствени земјоделски производи на физички лица на продажни места на зелени пазари, доколку физичкото лице (примател на доходот) се оданочува според паушално утврден нето доход.
    Паушалниот нето доход за физичките лица кои вршат продажба на сопствени земјоделски производи на други физички лица на продажни места на зелени пазари, го утврдува Управата за јавни приходи врз основа на висината на закупнината на продажното место на зелениот пазар и големината на нето доходот на обврзникот кој под исти или слични услови врши иста или слична дејност.
    Управата за јавни приходи за секое физичко лице кое остварува доход од продажба на сопствени земјоделски производи на продажни места на зелени пазари изготвува Електронска пресметка (е-ППД) и Решение за утврдување на аконтација на данок на доход кое го доставува до примателот на доходот.
    Управата за јавни приходи пресметката на аконтација на данокот на доход ја врши врз основа на податоци од извештаите на организаторите на зелените пазари за корисниците на продажните места.

Враќање на платениот данок за остварениот доход од продажба на сопствени земјоделски производи на откупувачи и на други физички лица надвор од продажни места на зелени пазари

  • Обврзникот кој во текот на календарската година остварил доход од продажба на сопствени земјоделски производи (на откупувачи и на други физички лица надвор од продажни места на зелени пазари) кој не го надминал износот од 1.000.000 денари има право на враќање на платениот данок за остварениот доход од продажба на сопствени земјоделски производи.
  • Правото на враќање на платен данок го остварува даночниот обврзник кој во календарската година остварил доход кој не се одданочува согласно со одредбите од Законот за данокот на личен доход, освен доходот од член 13.
  • Правото на враќање на платен данок не го остварува обврзник кој во календарската година остварил друг доход кој се оданочува согласно со одредбите од овој закон, со исклучок на добиените репроматеријали без надоместок од страна на откупните претпријатија кои се во функција на дејноста, како и добиените репроматеријали согласно закон.
  • Врз основа на податоците од потврдените годишни даночни пријави, органот за јавни приходи изготвува листа на обврзници на кои треба да им биде вратен платениот данок која се доставува до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, заради потврдување или коригирање на податоците.
  • По проверка на податоците од листата, преку споредување со податоците од Единствениот регистар на земјоделските стопанства и други податоци со кои што располага Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, листата по потврдување или коригирање се доставува до органот за јавни приходи.
  • Враќањето на платениот данок се врши најдоцна до крајот на годината која следи по годината за која што се однесува потврдената годишна даночна пријава.

Регистрирајте се доколку доходот од продажба на сопствени земјоделски производи надмине 1 милион денари

Oбврзникот чиј вкупен доход од продажба на сопствени земјоделски производи (на откупувачи и на други физички лица надвор од продажни места на зелени пазари) во годината го надминува износот од 1.000.000 денари, должен е најдоцна до 15–ти јануари наредната година да се регистрира за вршење на дејност согласно закон (без оглед дали остварил или не остварил доход и по други основи).

Годишна обврска на физичкото лице 

Управата за јавни приходи изготвува пополнета Годишна даночна пријава за сите граѓани - физички лица кои оствариле доход од продажба на сопствени земјоделски производи во текот на 2023 година.
Пополнетата Годишна даночна пријава (ДЛД-ГДП), Управата за јавни приходи ја доставува до граѓаните најдоцна до 30 април 2024 година преку системот https://e-ujp.ujp.gov.mk
Секое физичко лице е должен да ја потврди точноста на податоците од пополнетата Годишна даночна пријава или да ја коригира пријавата најдоцна до 31 мај 2024 година.
Доколку граѓанинот не ја потврди или коригира пополнетата Годишна даночна пријава најдоцна до 31 мај 2024 година, пополнетата ДЛД-ГДП издадена од УЈП ќе се смета за потврдена.

 
http://www.ujp.gov.mk
© Управа за јавни приходи на Република Северна Македонија