Memorandum_mk
Затајувачите на даноци се кријат зад непрецизните закони
10.03.2007

За Утрински весник, 10.03.2007 година
Новинар: Катица Чангова и Мирче Јовановски


Господине Трајковски, Уставниот суд ја оспори одредбата за неплаќање на добро или услуга ако не се издаде фискална сметка. Без да ја коментираме одлуката, дали во практика одредбата се покажа успешна или, пак, и без Уставниот суд, можеби самата влада требаше да заклучи дека решението е несоодветно?

- Ако вие немате куриозитет да коментирате судска одлука, и јас немам куриозитет да коментирам законско решение. Министерството за финансии ценело дека треба да има таква одредба, што помина како измена и дополнување на законот. Она што го имаме како официјален податок е дека по таа основа на нашата дежурна линија 198, од моментот кога се кажа дека постои можноста да не платите доколку не ви биде издадена фискална сметка, имаме само четири пријави, на ниво на Македонија. Значи, никој не се жали. Тоа е повеќе, слободно да интерпретирам, заштита на правата на купувачот. Инаку, јас како купувач, ако ценам дека некој на моја сметка ги крши законите и се богати незаконито, не плаќа даноци, едноставно нема да пазарам кај него. Ќе одам таму каде што ме почитуваат како купувач.

Постојано се потенцира пластичарската улица во Скопје како синоним за сива економија, каде што луѓето не добиваат фискална сметка. Дали имате некаква ингеренција за тоа?

- Имаме ингеренција во нашиот дел, значи контрола на регистрирани правни субјекти, по сите аспекти, па и од аспект на Законот за регистрирање готовински плаќања, има или нема фискален апарат и дали издава или не фискална сметка.

И каква е таму ситуацијата?

- Се' уште не сме излегле таму на терен.

Кога ќе излезете, имате ли намера да излезете?

- Премногу комплексно прашање. Дека имаме намера, имаме. Дека сакаме секаде да влеземе, тоа е природно. Да можеме секаде да влеземе, во исто време и со ист аршин, тоа е желба на секој што работи во Управата. Меѓутоа, во моментот на ниво на Македонија располагаме со 260 даночни инспектори. Со Законот за даночни постапки од 1 април минатата година, даночни дејства за водење даночна постапка може да водат само лица со посебни овластувања. Тоа се тие 260 инспектори.

Другите вработени во УЈП имаат статус на државни службеници. Ако влеземе кај голем трговец, каква било контрола е нецелисходна ако таа не почне со физички попис на стоките. Во спротивно, може да гледаме се', а документацијата да биде идеална. Ако пописот го правиме два, три или пет дена, објектот не може да работи. Ако контролата покаже дека тој бил уреден, тогаш може да бара материјална, нематеријална штета, нарушен углед и ред други работи.

Тоа значи дека стравувате дека нема да успеете?

- Ние ќе успееме. Она што последните пет месеци го бараме како управа е УЈП, во најмала рака, да го добие истиот статус на Царинската управа. Нема логика два идентични органа со идентични овластувања да администрираат исти даноци, тие ДДВ при увоз, ние во внатрешниот промет. Таму да има царински работници, а во УЈП државни службеници. Она што сега го бараме, што наиде и на поддршка од ММФ, е итно да се смени статусот на УЈП.

Мислите со новото решение УЈП ќе биде поефикасна?

- Апсолутно. Сите анализи од ММФ, Светска банка, УСАИД ... велат дека треба да броиме 2.000 - 2.100 вработени на ниво на РМ. Ако немаме можност да вработиме 800 луѓе, во најмала рака, овие 1.300 треба да направиме да имаат статус на даночни службеници.

Сепак, станува збор за очигледни работи, дека има сиви зони каде што не се издаваат фискални сметки. Како тогаш може да зборуваме за еднаков третман на субјектите на пазарот, кога едни се казнуваат, а други се толерираат?

- Да не биде сфатено како демагогија, мисија на УЈП е еднаков и фер даночен третман на сите даночни обврзници. Типот поплаки зошто мене, а не комшијата, зошто во трговски, а не надвор, не се критериуми на УЈП. Во име на УЈП, можам да гарантирам дека прашање е на време кога секој ќе биде контролиран. Колку е подолго неправилното работење, толку е поголем ризикот за оној што не работи правилно. Ако сте почнале со дејност во 2004 година, може контролата да биде во 2008 година. Кој ќе ги плати каматите од 2004? Самиот тој. Значи, и казната е пропорционална со периодот на незаконско работење.

Се плаши ли УЈП да влезе во сивите економски зони?

- Најодговорно тврдам – не! Најопасно е ако кое било дејство на УЈП биде сфатено како акција. Секоја акција има рок на траење. Ќе ги наполниме насловните страници, но истите медиуми што ќе кажат дека УЈП конечно излезе на фронт со сивата економија, по три месеци ќе побараат отчет и ќе прашаат што направивте. Управата за потребите на дневната политика може да направи се'. Но, на долг рок штетата е повторно на сметка на УЈП и на вработените во Управата.

Кои функционери се збогатиле на нечесен начин, а тоа не го пријавиле. УЈП работи на повеќе од 60 случаи, а вети транспарентност. Првото име кое го обелоденивте беше судијката Снежана Попчевска. Има ли некои други звучни имиња?

- За Попчевска постапката е целосно завршена од УЈП и ние стоиме на наодите дека нема аргументи со кои го докажува потеклото на имот од 40.000 евра. За сметка на тоа, донесовме решение и наложивме да се плати 70 % од неоданоченото, односно 1,76 милиони денари даночна обврска. Завршивме уште два предмета, за градоначалничката на Центар, Виолета Аларова, и за цариникот Момчило Георгиевски. Аларова ја должиме со неполни 6 милиони денари, а Георгиевски со околу 3 милиони денари. Има и други предмети во обработка.

Не споменавте име на ниту еден бел мантил, а изјавивте дека сте биле изненадени за богатствата на луѓето од оваа бранша?

- Има бели мантили. Случаите ги работевме од аспект на Антикорупцискиот закон, а кога изведовме докази дека има повеќе од реалните приходи, продолживме според Законот за персонален данок од доход. Постапките се долги. Во најидеални услови, под услов да ги имаме сите документи, имотен и поседовен лист, прегледи на регистрирани возила, со одговарање по приговори и жалби, од наша страна процедурата не може да биде завршена покусо од 60 дена.

Анкетните листови и нивната веродостојност се грижа на УЈП. Што се случува откако ќе констатирате затајување, кој го наплаќа данокот?

- Според анкетните листови имаме 3.600 стандардни, потенцијални затајувачи на данок, актуелни и поранешни функционери. Кога ќе го донесеме решението, го доставуваме до судот и бараме да се изрече мерка замрзнување имот. За функционери водиме постапки според Антикорупцискиот закон, а за сите други физички лица според Законот за персоналецот.

Конечен акт, според Антикорупцискиот закон, треба да биде судската одлука. Има една таква, која е единствена во Македонија, а таа е за Стојмир Петров. Но, тука имаме небулоза. Законодавецот предвидел се', ама дозволил слонови да ни бегаат. Со конечна судска пресуда, со утврден датум, се поставува прашањето - кој ќе постапи, кој ќе изврши, кој ќе наплати. Нема закон кој децидно кажува чија е обврската, дали на судот преку судски извршители, на УЈП или на Антикорупциската комисија. Имаме апсурдна сопка и тоа не е случајно. За сите празнини, од наша страна до овластените, поднесени се амандмани.

Значи ли тоа дека имате врзани раце за наплата на скриениот данок?

- Изгледа смешно, но ние сме ја пропуштиле најдилетантската работа, не можеме да наплатиме. Органи докажуваат неоданочени приходи и нелегално стекнат имот, има судска завршница, никаде системот не потфрла и одеднаш правна празнина. А тој на кого треба да му се наплати, сеир гледа. Секој ден ни стигнуваат прашања за тоа до каде сме со извршувањето кај Попчевска. Парите треба да завршат во Буџетот, за даноци, на сметка на персоналниот данок од доход. Кој има најдобар механизам за наплата нека наплати, или судски извршител или УЈП, трет нема. Но, законот точно да каже кој. Се прашувам каде се сите оние кои ги фалеа нашите европски закони за кои се потрошени илјадници евра.

Дали сте доволно екипирани за да одговорите на предизвикот наречен спречување на корупцијата?

- Постојано зборуваме за антикорупциска битка. Нека се види кога во УЈП почнуваат да се пополнуваат најбаналните работни места во одделението кое работи на ова сериозно системско прашање, односно корупцијата. Тоа се случи во последниот месец од ланската година, а надлежноста ја имавме од 2002 година. Екипата е далеку од реалните потреби. Има 4.000 анкетни листови кои треба да се администрираат, класифицираат и да се внесат податоците. До 31 декември 2006 година работевме на небитна работа, дали е или не е поднесен анкетен лист, дали се задоцнило со обврската...

Се крена многу прашина во јавноста околу анкетниот лист на Бранко Црвенковски. Шефот на државата Ве повика побрзо да ја завршите работата. Го отворивте, дали нешто најдовте за тие 160.000 евра?

- Го отворивме, но тоа што беше изнесено во јавноста не го најдовме. Документ за тие 160.000 евра нема. Не ми е пријатно да го кажам ова, но ние не сме толку спремни како институција за проверката. Прво го отворивме анкетниот лист на Црвенковски, потоа проследивме писма до Катастар и секаде каде што треба.

Сакаме за оној фамозен договор на кој се гледа потпис на сопругата на претседателот да го видиме документот со свои очи. Не можеме да се потпреме на факсимил објавен во весник. Во меѓувреме ги развивме сите можни сценарија, што можеме да очекуваме, ако е вистина, полувистина, или ако е невистина. Епилог во секој случај ќе има. Жал ми е што не можам да му ветам на претседателот дека за пет дена ќе го затвориме прашањето што го нагризува неговиот авторитет, меѓутоа и тој е дел од вкупниот амбиент во државата. Такви сме, бавни.

ДЗР констатира нерегуларности во купопродажниот договор за зградата „Тифани“ која го склучила Вашата претходничка Петра Митева. Постапивте ли по препораката на ревизијата, да направите оперативен план за да се спречи еродирањето државни средства?

- „Тифани“ е голема приказна. УЈП се наоѓа во многу незавидна положба. Во овој случај ние сме странка во купопродажен договор, а од друга страна сме институција која може да ја злоупотреби позицијата, да удри по Љупчо Палевски. Не смееме да ја направиме таа грешка. Се' што цениме дека не било комплетирано, го правиме, за да бидеме спремни доколку дојде до судска расправа за раскинување на договорот. Треба да доплатиме 20 милиони денари ако го земаме просторот или 35 милиони да ги вратиме. Вистина е дека ни треба простор за Дирекцијата за големи даночни обврзници.

Но, прво треба да знаеме дали е тоа деловен простор. Во моментот тоа се' уште е станбен простор. Има многу шпекулации и за квадратурата, но треба некој да мери, дали се навистина 640 квадрати. УЈП има потпишано договор за таа квадратура и платено 64 проценти од вкупната вредност. Ние сакавме, како Управа, да го затвориме прашањето поскоро, но не се случи тоа. Моето доаѓање на функцијата коинцидираше со редовна контрола на ДЗР, но не сме задоволни од наодите. Ревизорот само ги утврдува неправилностите, но тука застанува. Не кажува што натаму, а станува збор за огромни суми пари. Што се однесува до препораките на ревизијата, Управата ќе постапува по нив.

 
http://www.ujp.gov.mk
© Управа за јавни приходи на Република Северна Македонија