Memorandum_mk
26.09.2007
Се воведува бенефицирано ДДВ оданочување за лекови, компјутери ...

Управата за јавни приходи ги информира даночните обврзници дека Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност (Службен весник на Република Македонија, бр. 114 од 21.09.2007 година) ќе се применува од 29.09.2007 година.

ШТО СЕ МЕНУВА СО ОВОЈ ЗАКОН?
Наместо досегашното оданочување со општата даночна стапка од 18%, од 29.09.2007 се воведува бенефицирано оданочување по стапка од 5% за следните добра и услуги:
1. Лекови и медицински помагала (помагала за надополнување или замена на анатомски дел од телото или физиолошки процес, ортопедски помагала, помагала за отстранување на анатомски, односно функционални пореметувања, како и инвалидски колички);
2. Машини за автоматска обработка на податоци и нивни единици (компјутери);
3. Термални сончеви системи и компоненти;
4. Превоз на лица и нивниот придружен багаж;
5. Софтвер за машини за автоматска обработка на податоци и нивни единици (компјутери).
Добрата и услугите кои подлежат на бенефицираната стапка ќе бидат поблиску одредени од страна на Владата, со донесување на измени и дополнувања на Одлуката за определување на производите кои подлежат на повластената стапка на ДДВ која ќе биде објавена во Службен весник на Р. М.

КАДЕ СЕ ПРИМЕНУВА ПРОМЕНЕТАТА СТАПКА?
Променетата даночна стапка еднакво ќе се применува во сите фази на прометот - при увоз на добра, при продажба на добрата на големо и на мало, и при вршење на услугите во земјата.

КАКО ДА СЕ СПРОВЕДАТ ПРОМЕНИТЕ?
I. Примената на бенефицираната стапка, нема да придонесе до никакви промени или посебни постапки за даначните обврзници кои вршат увоз на добра, продаваат добра од деловни единици каде истите ги водат по набавни, производни или продажни цени во кои не е вкалкулиран ДДВ, и кои вршат промет на услуги. На прометот што ќе го извршуваат, даночните обврзници ќе пресметуваат ДДВ од 5% (наместо досегашните 18%) и како таков ќе го искажуваат во сите документи кои ги издаваат за означување и евидентирање на прометот (фактури, сметки, договори, декларации и сл.). Овие даночни обврзници, треба да овозможат уредна и точна книговодствена евиденција која содржи податоци за извршените промети и пресметаниот данок по двете различни даночни стапки.

II. Даночните обврзници кои остваруваат промет на мало од деловните единици каде наведените добра се водат по малопродажни цени со вкалкулиран ДДВ, треба да ја спроведат следната постапка:
1. Да извршат попис на залихите на добра кои до 28.09.2007 год. се наоѓаат во единиците за малопродажба;
2. Од продажната цена на добрата да го пресметаат вкалкулираниот ДДВ по стапка од 18% и да го исклучат од цената;
3. На така добиената вредност на добрата која претставува продажна цена без ДДВ, да го пресметаат и да го додадат данокот на додадена вредност од 5%.

Даночните обврзници не треба да ги збунува фактот што во времето на набавката на добрата или услугите врзани за тие добра, им бил пресметан ДДВ по стапка од 18%, кој тие го одбиле од својата даночна обврска. Така функционира данокот на додадена вредност. Неговиот механизам овозможува сите добра со кои располагаат даночните обврзници и се додека се на залиха кај нив, да не се оптоварени со данок, се до моментот на прометот. Одлучувачко за оданочувањето со ДДВ е примена на важечката стапка во моментот на вршење на прометот.

Пример: Во месец јули 2007, аптеката А набавува лек од добавувач Б (големопродажба) во вредност од 118 ден., од кои 100 ден. е набавна вредност, а 18 ден. ДДВ. Во својата ДДВ пријава за месец јули 2007 год., данокот од набавката од 18 ден., аптеката го искажува како претходен данок и со него ја намалува својата даночна обврска за тој месец. Аптеката прави калкулација на својата малопродажна цена и на набавната вредност од 100 ден., понатаму додава манипулативни и други трошоци и малопродажна маржа во вкупен износ од 50 ден., со што ја формира малопродажната цена без ДДВ - 150 ден. На оваа цена се пресметува ДДВ од 18% во вредност од 27 ден. и лекот го внесува во аптеката со малопродажна цена - 177 ден. На 28.09.2007 лекот сеуште е на залиха, аптеката го внесува во својата пописна листа и прави пресметка за намалување на вкалкулираниот ДДВ, од 18% на 5%.
Од малопродажната вредност од 177 ден. го исклучува ДДВ од 18% со примена на формулата:
 

Данок = бруто износ х даночна стапка = 177 х18 = 27 денари
                                    100+даночна стапка 118

На новодобиената даночна основица се пресметува данок од 5% (150 ден х5%=7,5 ден), кој се додава со што се формира новата малопродажна цена од 157,5 ден.
Во книговодствената евиденција на даночниот обврзник се спроведува намалување на задолжувањето на продавницата (аптека) за износот на намалената малопродажна цена од 19,5 ден., и за истиот износ се спроведува намалување на вкалкулираниот данок за истата вредност. Од 29.09.2007 год .даночниот обврзник почнува да го продава лекот по цена од 157,5 ден.

ЗОШТО Е ПОТРЕБНО ДА СЕ СПРОВЕДАТ ВАКВИТЕ АКТИВНОСТИ?

Бенефицираната даночна стапка се воведува и користи во случаи и за промети кои се важни за оддржување на одредени состојби во општеството - подобрување на животниот стандард и поголема достапност на одредени добра или услуги до граѓаните, подстрек на одредени активности и сл. Со проширување на обемот на добра и услуги кои се оданочуваат со бенефицирана стапка, Државниот буџет се откажува од одреден обем на средства за да им го овозможи наведеното на граѓаните.
Доколку даночните обврзници не постапат на наведениот начин и не ги намалат малопродажните цени на добрата и услугите со кои вршат промет, тие делот на намалениот данок ќе го приклучат кон својата маржа и на тој начин ќе го присвојат приходот од кој Државата се откажува за добробит на своите граѓани.
 

 
http://www.ujp.gov.mk
© Управа за јавни приходи на Република Северна Македонија