Memorandum_mk
04.02.2011
Панел дискусија: Македонско-Германско стопанско здружение и УЈП

На покана на Македонско-Германското стопанско здружение, директорот Горан Трајковски и тимот на експерти од УЈП учествуваа на панел дискусијата на тема: „Даночното работење во Република Македонија и предлози за негово подобрување“, која се одржа вчера / 03.02.2011 година.

На средбата, стопанствениците ги изнесоа проблемите со кои се соочуваат во своето работење, можностите за поедностанување на даночните процедури, скратување на роковите, но истовремено се запознаа и со новините во делот на даночното работење и активностите на УЈП.

Со подготовките на Македонија кон патот на Европската Унија ќе следат и реформи и прилагодување кон европскиот даночен систем со цел да се подобри работењето на даночната управа, избегнување на нелојалната конкуренција, намалување на сивата економија - изјави Михаел Шмидт, директор на Германското стопанство во Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово.

Инаку, голем број од компаниите се јавија со свои предлози, еден од нив беше ДДВ-то да се враќа навреме со што компаниите подобро би ги помирувале своите обвски, кон своите добавувачи. Но мораме да напоменеме дека во овој тежок период на работење, сепак, имавме голема поддршка и разбирање од Дирекцијата за големи даночни обврзници за пребивање на повратот со ДДВ – изјави Леонида Трајковска, финансиски директор во Макстил.

Многубројното присуство на компаниите на овој настан покажа дека стопанствениците сакаат со своите предлози да учествуваат во изготвувањето на прописите и правилата во даночното работење, како што ја изразија и желбата за редовни средби со претставници од Управата за јавни приходи.

Инаку, во последните два месеци, ова е втора панел дискусија организирана од страна на Македонско-Германското стопанско здружение. И првата со Царинската Управа, така и втората панел дискусија со УЈП, имаат за цел доближување на идејата дека стопанствениците се нивни клиенти, а Управите нивен сервис, како и надминување на перцепцијата дека станува збор за спротивставени страни.

Инаку, македонското даночно законодавство е копија на германското, посебно Законот за ДДВ кој се разбира е прилагоден на економската состојба во Македонија - изјави Трајковски, кој соопшти и дека резултатите од воведувањето на новата услуга „електронска даночна картичка“ во која компаниите во секој момент можат да ги проверат своите даночни обврски и побарувања, како и ефектите од наплатата преку должников должник се очекуваат во втората половина од 2011.

Во секој случај, стопанствениците заклучија дека трендот на подобрување на услуги на Управата за јавни приходи е во подем.

 
http://www.ujp.gov.mk
© Управа за јавни приходи на Република Северна Македонија