Etax
Физички лица Правни лица Меѓународни организации
Пребарување на даночни
обврзници
Внесете назив, седиште, единствен даночен број (ЕДБ) или матичен број (МБ) на даночниот обврзник
П
В
С
Ч
П
С
Н
        1 2 3
4 5 6 7 8 9 10
11 12 13 14 15 16 17
18 19 20 21 22 23 24
25 26 27 28 29 30 31
Recnik
08.06.2018
Со рано идентификување и брзо реагирање кон долгот, до поефикасна наплата

Скопје - На 8 и 9 јуни 2018 година, Управата за јавни приходи организира семинар на тема „Со рано идентификување и брзо реагирање кон долгот, до поефикасна наплата“ чија цел е унапредување на практичните вештини и знаења на 100 даночни службеници кои вршат наплата и управување со долгови, но и тимбилдинг, развивање на работна култура која ја негува соработката, заедничкото размислување и размена на идеи за подобрување на ефикасноста и продуктивноста, поддршка и мотивација за поставување и примена на заеднички, единствени и подобрени цели, вредности, стратегии и практики во функцијата за управување на долгови на УЈП.

УЈП е исправена пред предизвик да ја зголеми ефикасноста на постапките за наплата на даночните долгови и да ја намали стапката на неплатени даночни обврски, мерена преку соодносот со наплатените даночни приходи. На ова поле УЈП работи во повеќе насоки за зајакнување на својот инстутиционален капацитет, почнувајќи со воведување на функцијата управување со долгови, подобрување на законската рамка за наплата на даночните долгови, како и зајакнување на капацитетот на човечките ресурси кои работат во оваа функција, за што еден од инструментите е дводневниот семинар.

Семинарот го отвори Директорката на УЈП, Сања Лукаревска која потенцираше дека „Секоја функција во Управата за јавни приходи е подеднакво важна, и потфрлање на било која функција го нарушува работењето на другите. Затоа на секоја функција и се посветува максимално внимание. Како и кај останатите даночни администрации, така и за УЈП, основна цел е да се наплатат даноците со што ќе се овозможи и гарантира довербата во даночниот систем. Токму во овој сегмент наидуваме на разни препреки од најразлични причини, некои даночни обврзници не ги исполнуваат даночните обврски поради незнаење, некои од негрижа, а некои од несакање. За секој предмет мора да има решение согласно законот, со секој даночен обврзник може да седнеме, да разговараме и да помогнеме во надминување на проблемот посочувајќи му ги утврдените можности за подмирување на долгот. УЈП се стреми кон целосно и паметно искористување на постоечките мерки на присилно извршување, како и евентуално изнаоѓање на нови мерки преку законски измени, користење на добрите практики од други земји и нивно имплементирање се со цел постигнување на ефикасна наплата, што подразбира и намалување на долговите. Партнерскиот однос и соработката се неопходни за постигнување на резултати, очекувањата од нас се преголеми. Тоа ќе ни го наметнат и новите трендови во регионот, каде нашата даночна управа високо котира...“

Семинарот треба да им овозможи на даночните службеници пристап до информации и знаења битни за нивната работа, преку презентациите на колегите од Бирото на проценувачи на РМ кои ќе пренесат знаења за меѓународните стандарди за процена, методологиите за процена на вредноста на недвижен имот, машини, опрема и транспортни средства, начелата и пристапите на проценка. Исто така, претставници од Комората на извршители на РМ ќе имаат презентација поврзана со постапката за извршување од подвижни предмети и недвижности согласно Законот за извршување, а гостите од Македонската банкарска асоцијација ќе ги пренесат искуствата за управување со ризици, мониторинг во тек на плаќање, рани мерки за наплата и наплата на ризични пласмани.
Даночните должници по дефиниција се ризични даночни обврзници, за кои УЈП мора да има соодветен пристап во комуникацијата, со соодветни стратегии за справување, употреба на вештини за ефективна комуникација и сл., за што вработените ќе слушнат од презентација на проф.д-р Диана Белевска, декан на Факултетот за психологија при Меѓународниот славјански универзитет Гаврило Романович Державин.
Но, вработените од УЈП ќе бидат и активни учесници на семинарот, со свои презентации на теми поврзани со процедуралната рамка за спроведување на наплата на даночен долг и со можностите за обезбедување на точни и ажурни информации како основа за постапката за наплата, како и со учество во панел-дискусија за предизвиците при извршување на своите работни задачи.

Мотото на семинарот е „Со рано идентификување и брзо реагирање кон долгот, до поефикасна наплата” и ја покажува определбата на УЈП да биде активен доверител за обезбедување и наплата на побарувањата на државата по основ на даноци и придонеси, почнувајќи од првиот ден после доспевањето на долгот, затоа што ниту еден должник не е толку лош, како неактивниот доверител.

 


© Управа за јавни приходи на Република Северна Македонија