Etax
Физички лица Правни лица Меѓународни организации
Пребарување на даночни
обврзници
Внесете назив, седиште, единствен даночен број (ЕДБ) или матичен број (МБ) на даночниот обврзник
П
В
С
Ч
П
С
Н
        1 2 3
4 5 6 7 8 9 10
11 12 13 14 15 16 17
18 19 20 21 22 23 24
25 26 27 28 29 30 31
Recnik
29.04.2020
ПРЕС КОНФЕРЕНЦИЈА НА УПРАВАТА ЗА ЈАВНИ ПРИХОДИ, МИНИСТЕРСТВО ЗА ФИНАНСИИ И СВЕТСКА БАНКА ЗА МЕРКАТА 14.500 ДЕНАРИ

На денешната прес конференција која се одржа во Владата на Република Северна Македонија Директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска заедно со Министерката за финансии Нина Ангеловска ја презентираа мерката за која работодавачите и самостојните вршители на дејност ќе можат да аплицираат од почетокот на мај, а видео обраќање имаше и директорот на Светска банка за Република Северна Македонија и Косово, Марко Мантованели.
Министерската ги претстави новините за оваа мерка и истакна дека една од новостите е малите и микро претпријатија можат да го задржат истиот број на вработени минус 15%, средните до минус 10% и големите до минус 5% од вработените. Пред промената на овој услов тие беа обврзани да го задржат истиот број на вработени до јули, односно два месеци по користење на мерката. Со воведувањето на овие проценти, повторно ќе се спречат отпуштања, но се зголемува опфатот на фирми кои ќе можат да аплицираат за мерката, а со тоа и да продолжат да функционираат. Ова е особено важно за микро и малите претпријатија. Се излегува во пресрет и на најпогодените дејности од КОВИД-19, односно угостителството, туризмот и транспортот со дополнителна поддршка, така што се дозволува антикризните мерки „14.500 денари по вработен“ и „50% субвенција на придонеси“ да се комбинираат за овие дејности, доколку фирмите немале загуба за 2018 и 2019 година, не се на листата на должници на УЈП од март 2020 година и заклучно февруари не доцнеле со плаќање на обврски по основ на кредити подолго од 90 дена од денот на достасување.„Со ова тие ќе може да исплатат поголеми плати на работниците, бидејќи поддршката која ќе може да ја добијат изнесува и до 19.500 ден. Односно 14.500 ден од оваа мерка и по основ 50% субвенционирање на придонесите до максимум просечна плата околу 5.000 ден“, рече министерката за финансии Нина Ангеловска.
Трета нова поволност е можноста средствата кои фирмите ги земале преку мерката да им се трансформираат во грант, односно неповратни средства.
„Како што знаете и претходно компаниите кои би оствариле загуба во 2020, нема да ги враќаат средствата од помошта, односно доделените средства од државата ќе бидат неповратни за нив. Сега се проширува опфатот на мерката и со оние фирми кои се очигледно опфатени од кризата, односно со фирми кои последниве две години имаат добивка, кои не се на листата на должници на УЈП и кои до март месец годинава не доцнеле со плаќање на обврските по основ на кредит подолго од 90 дена од достасаноста, како и ако инвестираат еднаков или поголем износ на добиената поддршка во тренинзи на вработени, надградба на процеси, продуктивен капитал. Средствата и за нив ќе се трансформираат во грант средства“, рече Ангеловска.

Директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска истакна дека „Управата за Јавни приходи за оваа мерка го надгради својот систем со цел да им излезе во пресрет на сите работодавачи да може на брз и едноставен начин да аплицираат за оваа финансиска поддршка - 14.500 денари нето плата за секој вработен.”
„Сите Вие кои ќе побарувате финансиска поддршка за исплата на плати за Вашите работници, веднаш по завршување на овој месец, односно веќе од 1-ви мај поднесете Барање за финансиска поддршка - образец БФП-ИП до Управата за јавни приходи преку системот е-Даноци, најдоцна до 7-ми мај за исплата на платите за април, односно до 7-ми јуни за исплатата на платите за мај“, истакна Лукаревска.

Барањето, Управата за јавни приходи ќе го потврди во рок од 3 дена од денот на неговиот прием, а откако работодавачот ќе добие потврда од Управата дека барањето е комплетно, во образецот МПИН во полето 3.4б внесува шифра 5000 , за оние вработени за кои бара финансиска поддршка - објасни Лукаревска и додаде дека работодавачот истовремено може да користи друга мерка за субвенционирање на социјалните придонеси и/или данок на доход за што во полето 3.23 од МПИН образецот ја внесува соодветната шифра за ослободување, и истата ја комбинира (користи истовремено) со шифрата кој ја внел во полето 3.4б односно шифрата 5000.
После обработката на МПИН образецот, Управата за јавни приходи го информира работодавачот за вкупниот износ на финансиската поддршка што ќе му биде исплатена за соодветниот месец и ја известува Владата за сите оние кои ги исполнуваат овие условите. Средства ќе се исплатуваат веќе од 10-ти мај за платите за април односно од 10-ти јуни за платите за мај.
Овие средства работодавачите ги враќаат во Буџетот на Република Северна Македонија: но најмногу до износ од 50 % од остварениот финансиски резултат пред оданочување за 2020 година зголемен за износот на оданочивите расходи и помалку искажаните приходи во Даночниот биланс за обврзниците на данокот на добивка, за обврзниците на годишниот данок на вкупен приход, најмногу до износот од 50% од финансискиот резултат пред оданочување искажан во Билансот на успех за 2020 година, а за вршителите на дејност, најмногу до износот од 50% од износот на искажаниот финансиски резултат пред оданочување во Билансот на приходи и расходи (образец Б) за 2020 година, зголемен за непризнаените расходи за даночни цели од годишниот Даночен биланс за утврдување на данокот на доход од вршење на самостојна дејност.
Средства не ги враќаат даночните обврзници кои не искажале даночна основа за оданочување во Даночниот биланс за 2020 година под услов доколку немаат обврски по основ за неплатени даноци и придонеси.
Неповратна е оваа финансиска поддршка и за работодавач кој имаат до 250 вработени, и кој:

1. За претходните две години искажал добивка после оданочување,
2. На денот на поднесување на барањето не се наоѓа на последната објавена Листа на должници од страна на УЈП,
3. Заклучно со 29.02.2020 година, не доцнел со плаќање на обврските по основ на кредити подолго од 90 дена од денот на достасаноста согласно податоците за задолженост од соодветен јавен регистар, и
4. Финансиските средства од добиена финансиска поддршка ги искористил за: Инвестиции во вработени, Оперативни подобрувања на компанијата и во продуктивен капитал.
Овие набавки работодавачот треба да ги изврши до крајот на 2020 година.

За времетраење на мерката работодавачот не треба да исплаќа дивиденда, награди за успешност , како и не смее да го намали бројот на вработените во однос на месец март 2020 година,за повеќе од: 15% кај работодавач кој имал до 50 вработени, односно 10% кај работодавач кој имал од 51 до 250 односно, односно 5% кај работодавач кој имал над 250 вработени во месецот за кој користел финансиска поддршка.

Барање за претворање на поддршката на плати во грант се поднесува најдоцна до рокот за поднесување на даночниот биланс за 2020 година а УЈП го известува работодавачот за ослободувањето.
Барањето за пресметување на износот за враќање на примената поддршка за исплата на плати ќе се пропише дополнително со Закон а по утврдување на износот за враќање, ќе може да се изврши на три месечни рати, без камата, во месеците април, мај и јуни 2021 година.
Оние кои ја искористиле оваа мерка имаат обврска да ги вратат средствата во целост доколку по извршената контрола од УЈП и Државниот инспекторат за труд, се утврди дека не ги исполниле условите за оваа финасиска поддршка

Директорката ги повика работодавачите да ги задржат вработените на своите работни места преку оваа финансиска поддршка, и истакна дека ,,оваа здравствено – економска криза не погоди сите но ние сме тука работиме посветено и неуморно за да може на некој начин да ја ублажиме Вашата состојба а во која се најдовме сите поради Covid-19.”

Во видео обраќање директорот на канцеларијата на Светска банка во земјава Мантованели, истакна дека врз основа на технички анализи, искуства од претходни големи кризи, но и мислењата собрани преку консултации со приватниот сектор, вклучително и во Северна Македонија биле дадени препораки за мерката за финансиска поддршка 14.500 денари по вработен, како и дека повеќето од препораките се вклучени во главната рамка усвоена од страна на Владата и неколку се дел од уредбата, која денес беше преставена.
„За да ги поддржиме нашите препораки за време на имплементацијата, понудивме мобилизација од не-алоцирани средства од проекти на Светска банка кои се веќе одобрени, за финансирање на мерката на Владата за субвенција на платите за неколку месеци, со тоа што тие треба да се насочат кон поддршката за добростоечки макро, мали и средни претпријатија, врз основа на лесно применливи критериуми. Таргетирањето го правиме, бидејќи веруваме дека тие претпријатија ќе бидат јадрото на економското закрепнување на земјата“, рече Мантованели.

Мерката е наменета за секоја фирма која има намалување на приходите од најмалку 30% во април и мај - во однос месечниот просек од 2019, месечниот просек од основање на компанијата или во однос на сезонскиот просек од последните 4 месеци спореден со сезонскиот просек од претходната година за фирми од специфични сезонски дејности. Фирмите не смеат да исплаќаат дивиденди, бонуси, годишни награди, награди за деловна успешност за времетраење на мерката и просекот на највисоките нето-плати на 10% од вработените да не надминува 120.000 денари по вработен.

Мерката се однесува за сите вработени освен за вработените со плата над 39.900 денари, за вработените за кои се користи ослободување од плаќање придонеси од проектот „Македонија вработува” и доколку работодавецот ја користи мерката од првиот сет на економски мерки за субвенционирање на 50% од придонесите, а фирмата не е од најпогодените дејности.

 


© Управа за јавни приходи на Република Северна Македонија