Memorandum_mk
28.07.2020
Aнализa за искористеност на мерката за финансиската поддршка за исплата на плата за април и мај 2020

Директорката на Управата за јавни приходи на денешната прес конференција посветена на искористеност на мерката финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот Ковид 19, истакна дека уште на почетокот од кризата, Управата за јавни приходи ги стави на располагање сите свои капацитети се со цел да се излезе во пресрет на најпогодените даночни обврзници од оваа здравствено - економска криза
,,УЈП се вклучи во сите процеси и фази за спроведување на мерките што ги донесе Владата на Република Северна Македонија учествувајќи во изготвување на Уредбите, поставување на обрасци за аплицирање на електронските платформи на УЈП, софтверско прилагодување на системите на УЈП за прием и обработка на поднесените барања како и достава на точна евиденција до институциите надлежни за исплата на финансиска поддршка. Ја реализиравме финансиската поддршка на сите оние на кои им беше најпотребна.”- рече Лукаревска.

Директорката ги соопшти анализите за искористеноста на финансиската поддршка за април и мај:

  • За aприл 2020 на 19.780 работодавачи е исплатено вкупно 1.793.207.630 денари, за вкупно 128 315 вработени.

Вкупно 281 работодавачи кои примиле финансиска поддршка за месец април 2020 во износ од 9.995.565 денари, не ја исполниле обврската за исплата на плата за 722 вработени.
Овие работодавачи се од дејностите: 62 фирми од дејноста трговија на мало, примиле финансиска помош од 1.715.262 денари и на 126 вработени не исплатиле плата, 43 фирми што вршат подготовка на оброци и служење на храна примиле помош од 1.249.452 денари и на 95 вработени не исплатиле плата, 24 фирми од дејноста транспорт, примиле помош од 630.750 денари и на 44 вработени не исплатиле плата, дејност градежништво - 17 фирми примиле помош од 660.738 денари и на 48 вработени не исплатиле плата за април.
Тука влегуваат и дејностите за производство на облека, трговци на мало и големо, емитување на програма, објекти за сместување и сл. По региони најмногу фирми што не исплатиле плата се од : Скопје 84 фирми, Тетово 38, Струга 20, Гостивар 23, Куманово 16.
Вкупно 76 даночни обврзници, за дел од своите вработени побарале финансиска поддршка преку конечна пресметка, а за дел со исправка, и за 1.121 вработени примиле финансиска поддршка во износ од 15.111.700 денари, но не извршиле исплата на износот на плата по поднесените исправки во вкупен износ од 172.790 денари.
Овие компании се од дејностите градежништво, производство на мебел, транспорт, објекти за сместување, производство и сл. По региони најголем дел од овие фирми се од Тетово 27 фирми, Гостивар 11 фирми, Скопје 5.
Исто така за месец април 1.930 работодавачи, за 26.875 вработени за кои примиле финансиска поддршка имаат извршено задржување на средства од плата во вкупен износ од 49.340.606 денари . Податоците за овие компании ќе се достават до министерството за труд и социјална политика за да може да се утврди дали задржаните средства се основани или не.

  • Во мај 2020 на 19.938 работодавачи е исплатено вкупно 1.666.373.597 денари, за вкупно 119.182 вработени.

За овој месец вкупно 427 компании воопшто не исплатиле плата за 984 вработени, а добиле финансиска поддршка во износ од 13.698.998 денари
- Овие работодавачи се од дејностите: 84 фирми од дејноста трговија на мало примиле финансиска помош од 2.160.248денари и на 160 вработени не исплатиле плата , 66 фирми од дејноста подготовка на оброци и служење на храна примиле помош од 2.052.240 денари и на 150 вработени не исплатиле плата, 35 фирми од дејноста транспорт примиле помош од 920.750 денари и на 65 вработени не исплатиле плата , 8 фирми од дејноста нискоградба фирми примиле помош од 1.087.500 денари и на 77 вработени не исплатиле плата за мај.
Останатите фирми кои не исплатиле плата за мај 2020 а за истите добиле финансиска поддршка се од дејностите градежништво, производство, трговија на големо и мало, емитување на програма и слично. По региони најмногу фирми што не исплатиле плата за мај се од Скопје 110 фирми, Тетово 61, Струга 28 , Гостивар 34, Куманово 21, Струмица 10, Битола 15.
34 даночни обврзници кои за дел од своите вработени побарале финансиска поддршка преку конечна пресметка, а за дел со исправка, примиле износ на финансиска поддршка од 13.218.438 денари за 913 вработени, а не извршиле плаќање на износ од 102.593 денари од поднесените исправки. Овие фирми се од дејностите градежништво, образование ,подготовка на оброци и служење на храна, транспорт, објекти за сместување, производство и сл.
По региони најголем број од фирми што не ги исплатиле исправките на плата доаѓаат од Скопје 5 фирми, Тетово 3, и од другите градови по 1 фирма.
И во месец мај 1.816 работодавачи, за 25.590 лица за кои примиле финансиска поддршка, имаат извршено задржување на средства од плата во вкупен износ од 40.069.247 денари. Податоците за овие компании, како и за месец април, ќе се достават до Министерството за труд и социјална политика за да може да се утврди дали задржаните средства од плата се основани или не.
Од направената анализа се утврди дека 120 даночни обврзници кои добиле финансиска поддршка не исплатиле плата за своите вработени и за месец април и за месец мај а 8 даночни обврзници исплатиле помалку плата за двата месеца.

На работодавачите кои користеле финансиска поддршка, а не извршиле исплата на плата доставени им се опомени за неисплатена плата и доколку не извршат исплата во определениот рок, ќе следи спроведување на постапка на присилна наплата на платата. Исто така, Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување во ваков случај предвидува изрекување на глоба за сторен прекршок, а работодавачот ќе биде задолжен да ги врати добиените финансиски средства во целост, заедно со камата, во спроведена постапка на УЈП во соработка со Државниот инспекторат за труд.
Директорката истакна дека Управата за јавни приходи, располага со детални податоци за искористеноста на финансиската поддршка и будно ја следи состојбата на искористеност на мерките, но и почитување на обврските од законот. Податоците за компаниите кои примиле финансиска поддршка, а не ја исполниле обврската за исплата на платата ќе бидат доставени до Генералниот секретаријат на Владата како носител на мерката и исплатувач на финансиската поддршка, од каде истите ќе може да бидат и јавно објавени.
Анализата за искористеноста на мерката во јуни е во тек и по завршување истата ќе се соопшти на јавноста, а досега на 17 905 компании е исплатено вкупно 1.404. 470.647 денари, за вкупно 101 148 вработени.
Директорката апелираше до сите работодавачи да ги користат правата од Уредбата за финансиска поддршка, но и да ги почитуваат обврските утврдени во оваа уредба, Законот за придонеси од задолжително осигурување и Законот за работни односи.
УЈП ќе настојува да осигура дека финансиска поддршка која е дадена за помош за исплата на плата на работодавачите правилно ќе се применува, но и е спремна да постапува согласно своите надлежности за секој утврдена неправилност.

 
http://www.ujp.gov.mk
© Управа за јавни приходи на Република Северна Македонија