Memorandum_mk
01.07.2022
Се зголемува лимитот за МојДДВ, за три години вративме 4,2 милјарди денари кај граѓаните

За три години, колку што се спроведува мерката МојДДВ, Управата за јавни приходи, на сметките на корисниците на апликацијата, исплати 4,2 милјарди денари, или близу 68,3 милиони евра. Тоа се сериозни средства преку кои директно се подобруваат семејните буџети, се влијае врз зголемување на бројот на издадени фискални сметки, и намалување на сивата економија. Ова денеска на прес конференција го истакна директорката на УЈП, Сања Лукаревска.

„ Поддршката од граѓаните е од исклучително значење, во таа насока, сакам да информирам дека, од наредната година се зголемува лимитот за скенирани сметки од 1.800 денари на 2.100 денари за тромесечје по корисник. На годишно ниво, секој корисник може да добие 8.400 денари како поврат на дел од средствата за скенираните фискални сметки. На овој начин даваме дополнителен стимул и кај граѓаните и кај компаниите, едните да бараат а другите да издаваат фискални сметки. “ – истакна директорката Лукаревска.
Лукаревска појасни дека апликацијата во 2019 година, стартуваше со 212 776 корисници а денеска има семејство од 460 илјади корисници, истата ја кориситат граѓани од 15 до 98 години. А додаде и дека жените се поголеми поддржувачи на оваа мерка. Во моментов, како што рече директорката на апликацијата се регистрирани 245 924 жени и 212 598 мажи. А статистиката покажува дека, најмногу скенирани сметки има од бензински пумпи, мали и големи маркети, аптеки, продавници за облека и бела техника.
Штип, Валандово, Битола, Скопје, Гевгелија, Кочани, Неготино, Велес, Кичево и Прилеп, се градовите од каде потекнуваат топ 10 граѓани кои имаат скенирани најмногу фискални сметки.
„Согласно администрирањето на УЈП, гледано по региони, на територија на РД Скопје скенирани се 259 милиони фискални сметки. На второ место е територијата која е во надлежност на РД Штип со 112,2 милиони скенирани сметки, РД Битола со 107,6 милиони скнирани сметки, на теритирија на РД Прилеп скенирани се 93,5 милиони фискални сметки, веднаш по нив следуваат РД Тетово, со скенирани 58,4 милиони и РД Струмица со 58,2 милиони скенирани сметки. Поделено по старосна структура, 1 808 граѓани до 18 годишна возраст скенирале 1,4 милиони сметки. Додека 90 829 граѓани се на возраст од 19-30 години и тие скенирале 113,2 милиони фискални сметки. 118 085 регистрирани корисници се на возраст од 31-40 со скенирани 177,3 милиони сметки, а 176,9 милиони фискални сметки скенирале 104 695 граѓани на возраст од 41-50 години. 104 695 граѓаните на возраст од 51-60 години скенирале 121,4 милиони фискални сметки, додека 75 527 граѓани со над 61 година и скенирале 98,7 милиони фискални сметки во тек на овие три години.“ – појасни Лукаревска.

   

Апелираше до оние граѓани кои сеуште не се регистрирале на апликацијата да се регистрираат, а граѓаните кои се корисници на МојДДВ, редовно да ги ажурираат промените на своите податоци на апликацијата Мој ДДВ, посебно тоа е важно за оние граѓани кои во изминатиот период имале промена на трансакциски сметки, навеле туѓа трансакциска сметка или број на платежна картичка.

На овој начин, се овозможува во базата да има валидни податоци за секој корисник со што се исполнуваат условите за навремено исплаќање на дел од данокот на ДДВ искажан во скенираните фискални сметки на граѓаните. Управата за јавни приходи и во наредниот период ќе продолжи да креира поволни мерки и политики за граѓаните и за стопанството.

 
http://www.ujp.gov.mk
© Управа за јавни приходи на Република Северна Македонија