Memorandum_mk
Регистрација на даночен обврзник и отворање на бизнис

При отпочнување на вашиот бизнис, најважно е да ја регистрирате вашата дејност во соодветниот основен регистар и да поседувате даночен број, неопходен за учество во платниот промет и кој ќе претставува единствен идентификатор за вашите податоци и даночните постапки кои се водат во Управата за јавни приходи.

Направете го првиот чекор, регистрирајте ја вашата дејност!

Доколку сакате да отворите фирма, во зависност од дејноста, потребно е истата да ја упишете во основниот регистар на правни лица кој се води во Централниот регистар www.crm.com.mk.
Постапката за регистрација се врши преку едношалтерскиот систем, што подразбира дека сите неопходни активности за регистација на вашиот бизнис и доделувањето на даночен број (ЕДБ) ќе ги завршите на шалтерот во Централниот регистар во рок од 4 часа, без притоа да доаѓате во Управата за јавни приходи.

Доколку за остварување на дејноста е потребно претходно добивање на лиценца, дозвола, концесија, одобрение или друг посебен документ, начинот и местото на нејзино добивање се уредува со посебен закон за дејност.

Лицата, како што се носител на семејно земјоделско стопанство, занаетчии, адвокати, нотари, извршители и слично, кои не се регистрирани во Трговскиот регистар, во зависност од дејноста што сакаат да ја остваруваат треба најпрво да се регистрираат во надлежните асоцијации:

  • професионално здружение (пр. Нотарска комора, Комора на адвокати, Комора на извршители, Занаетчиска комора и сл.), или
  • во органите на соодветните министерства (пр. Министерство за земјоделие, шумарство и водостопанство каде се води регистерот на носители на семејно земјоделско стопанство од прва, втора и трета категорија согласно со Законот за земјоделство и рурален развој и сл.).

Соодветните податоци за регистрацијата здружението, односно органите ги доставуваат до Централниот регистар, по што ќе ви биде издаден даночен број, шифра на приоритетна дејност и правна форма.

Лица кои задожително се регистрираат во УЈП

За лицата кои не се опфатени во едношалтерскиот систем, постапката за регистрација и доделувањето на даночен број се врши директно во Управата за јавни приходи. Ова се однесува за: странските правни лица - за целите на задржаниот данок; странските физички лица; верските службени лица; и проектите регистрирани во Владата на Република Македонија.
Регистрирањето на дејноста за оваа категорија на лица се врши со поднесување на Пријава за регистрација на даночен обврзник (образец “УЈП-РДО“) до даночните канцеларии на УЈП според местото на седиштето на обврзникот, односно според местото на живеење. 

Остварете го првиот контакт со УЈП

Покрај општата даночна регистрација, доколку исполнувате одредени законски услови, должни сте да се регистрирате и како обврзник за целите на пооделни даноци.
Посетете ја најблиската даночна канцеларија, каде нашите агенти за услуги ќе ве советуваат и ќе ве упатат на вашите права и обврски како даночен обврзник или обратете се во Инфо центарот на УЈП 0800 33 000.

 
http://www.ujp.gov.mk
© Управа за јавни приходи на Република Северна Македонија