Memorandum_mk
Даночен речник - преглед по поими

Даночниот речник опфаќа дефиниции на поими и кратенки кои директно или индиректно се поврзани со даночното работење. Како систематизиран материјал, речникот првенствено е сублимат на терминологија опфатена и дефинирана во законските и други прописи.


Н
Наградни игри

Игрите на среќа кои заради рекламирање на производи и услуги ги приредува едно трговско друштво или повеќе трговски друштва заедно, на начин определен од страна на приредувачот на играта на среќа (на вообичаен начин, електронски начин, по пат на мобилен уред, интернет и сл.) со јавно објавување на условите за учество во играта утврдени со правилата на играта, при што приредувачот на играта на среќа се обврзува на извлечените добитници да им ги додели наградите во предмети, пари или права.

 
Надворешна контрола на даночни обврзници

Kонтрола на претпријатија, на данокот на додадена вредност и други видови на надворешна контрола за кои е надлежна Управата за јавни приходи. Контрола со која се преиспитува и утврдува законитото и навремено исполнување на даночните обврски од страна на даночниот обврзник.

(види и записник од надворешна контрола)
 
Надзорен информациски систем (НИС)

Компјутерски систем кој ги следи, запишува и чува податоците од сите уреди за играње на кои приредувачот организира игри на среќа, вклучува благајничко работење поврзано со организирањето на игрите на среќа и ги следи, запишува и чува настаните поврзани со функционирањето на тој компјутерски систем, кој треба да се наоѓа на територијата на Република Македонија.

 
Надоместок како даночна основа (согласно ЗДДВ)

Пари, добра, услуги и други бенифиции според пазарната цена која ја плаќа или треба да ја плати примателот на доброто или корисникот на услугата или некое друго лице.

 
Надоместок на плата

Делот кој вработениот го добива по различни основи утврдени со Законот за работните односи и колективен договор.

 
Налог за блокада на средства

Налог во писмена форма со кој се врши блокада на средствата од сметката на учесникот - должник, издаден од Министерството за финансии за пристигнати, а неплатени побарувања пренесени со закон.

 
Налог за надворешна контрола

Даночен управен акт во кој се содржани сите задолжителни елементи определени со Закон за даночна постапка.

 
Настанување на акциза

Акцизата настанува со предавање на добрата подложни на акциза во потрошувачката во акцизен склад или со нивното изнесување и пуштање во акцизно-правен слободен промет.

 
Небанкарска финансиска институција

Правно лице кое не е банка, чија основна дејност се вршење на една или повеќе финансиски активности, и тоа: одобрување кредити; менувачки работи; издавање електронски пари, доколку е регулирано со посебен закон; издавање и администрирање на кредитни картички; финансиски лизинг; факторинг; форфетинг; издавање на гаранции и други форми на обезбедување; економско-финансиски консалтинг; работи на осигурување во согласност со закон; посредување во склучување договори за кредити и заеми; работи во врска со хартии од вредност, во согласност со закон; вршење на услуги брз трансфер на пари и управување со пензиски фондови.

 
Непрофитни организации

Здруженија на граѓани и фондации кои се основаат заради задоволување на лични и заеднички цели и интереси на граѓаните, со цел на унапредување на научни, спортски, културни, хуманитарни и социјални цели. Исто така, странци кои имаат постојан и привремен престој подолг од една година во Република Северна Македонија можат да основаат здруженија на странци.

 
Нерезидент

Правно или физичко лице кое не ги исполнува условите за резидент.

(види и резидент)
 
Неспособност за плаќање (неликвидност)

Состојба кога должникот не ги намирува своите пристигнати парични обврски, односно кога е неспособен да ги исплати своите обврски, односно долгови како што пристигнуваат.

 
Нето-плата

Платата во вкупен износ намалена за вкупниот износ на придонесите од задолжително социјално осигурување и за износот на персоналниот данок.

 
Номинален и емисиски износ на акции

Секоја акција мора да има номинален износ на кој гласи акцијата. Акциите издадени под нивниот номинален износ се ништовни. За штетата што ќе произлезе од издавање акции под нивниот номинален износ, издавачите одговараат солидарно. Акциите можат да се издаваат над номиналниот износ - емисиски износ.

 
Носители на јавен долг

Носители на јавен долг се Владата на Република Северна Македонија, јавните установи основани од Република Македонија, општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, јавните претпријатија и трговските друштва кои се во целосна или во доминантна сопственост на државата општините, општините во градот Скопје и градот Скопје и Народната банка н Република Северна Македонија.

 
Носители на платниот промет

Народна банка на Република Македонија и банките кои добиле дозвола за вршење на платен промет согласно со закон.

 
Носител на семејно земјоделско стопанство

Полнолетно лице кое е одговорно за управување со земјоделското стопанство и кое истапува во име и за сметка на семејното земјоделско стопанство и како такво е запишано во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во Министерствата за земјоделство, шумарство и водостопанство.

 
Носител на царинска постапка

Лице за чија сметка била поднесена царинската декларација или лице на кое, во врска со царинската постапка, биле пренесени правата и обврските од тоа.

 
Нотарска изјава

Изјава со потпис заверен кај нотар.

 
 
http://www.ujp.gov.mk
© Управа за јавни приходи на Република Северна Македонија