Прашањата поставени од даночните обврзници и мислењата дадени од УЈП се прикажани во нивната изворна форма.
Мислењата на УЈП се засноваат на одредбите од Законот за данокот на добивка (ЗДД) и подзаконските прописи поврзани со данокот на добивка, но истите не претставуваат толкување на законот, од причина што надлежен орган за давање на толкување на закони е Собранието на Република Севарна Македонија. Доколку мислењата се од претходни години, потребно е да се има предвид дека може да има измени во одредбите и треба да се провери дали истите наведени во мислењето се уште се во сила. Доколку има промени во одредбите на законските и подзаконските акти врз кои се базира одредено мислење, истото повеќе не е применливо во тој дел или во целост.
- Можете ли да ми дадете ваше мислење и видување на следната ситуација:
Приватна фирма основана од едно физичко лице е во фаза на доброволна ликвидација поради пензионирање на основачот.
Фирмата се стекнала со Хартии од Вредност преку купување на Македонска Берза, пред јуни 2022 година.
Каква е судбината на овие Хартии од Вредност од сопственички како и од даночен аспект:
Која е постапката за пренос на сопственоста на овие ХВ на основачот ?
Кој има обврска за плаќање данок – правното или физичкото лице, по која стапка, кој го пресметува данокот и кога се плаќа истиот ?Однапред благодарам за вашиот ценет стручен одговор.
Одговор од 14.02.2024:
Во врска со Вашето барање на мислење, Управата за јавни приходи Ве известува:Согласно член 7 од Законот за данок на (во натамошен текст:ЗДД) објавен во „Сл.весник на РМ“, бр.112/14...248/18 и „Сл.весник на РСМ“, бр.232/19...199/23, основа за пресметување на данокот од добивка е добивката која се утврдува во даночниот биланс.
Основа за пресметување на данокот од добивка се утврдува како разлика меѓу вкупните приходи и вкупните расходи на даночниот обврзник во износи утврдени согласно со прописите за сметководството и сметководствените стандарди.
Во однос на водењето на сметководството, согласно член 469 од Законот за трговските друштва („Службен весник на Република Македонија” бр.28/04...215/21), секој трговец има обврска да води сметководство на начинот определен со овој закон и со прописите за сметководство и:
1) секој голем и среден трговец, трговците определени со закон, како и трговците кои вршат банкарски дејности, дејности на осигурување, трговците кои котираат на берза, како и трговците чии финансиски извештаи влегуваат во консолидирани финансиски извештаи на претходно наведените трговци имаат обврска да водат сметководство во согласност со усвоените меѓународните стандарди за финансиско известување објавени во “Службен весник на Република Македонија” и
2)другите трговци имаат обврска да водат сметководство во согласност со меѓународните стандарди за финансиско известување за мали и средни субјекти.
Во Правилникот за водење на сметководство објавен во „Сл.весник на РМ“ бр.159/09...107/11 се објавени Меѓународните сметководствени стандарди (МСС), и Меѓународен стандард за финансиско известување (МСФИ) за мали и средни ентитети (МСЕ). Конкретно МСС-39 Финансиски инструменти: признавање и мерење.
Согласно точката 17 од МСС 39, Ентитетот треба да отпише финансиско средство кога, и само кога: (a) Истекуваат договорните права на паричните текови од финансиското средство. (б) Го пренесува финансиското средство како што е наведено во точките 18 и 19 и пренесувањето се квалификува за отпис во согласност со точка 20. (Види точка 38 за редовен начин на продажби на финансиски средства.)
Во точката 18 од МСС 39 е наведено дека ентитетот пренесува финансиско средство доколку, и само доколку: (a) Тој ги пренесе договорните права да ги прими паричните текови од финансиското средство. (б) Тој ги задржи договорните права да ги прими паричните текови од финансиското средство, но превзема договорна обврска да ги плати паричните текови на еден или повеќе приматели во аранжман кој ги исполнува условите наведени во точка 19.
Според точка 20 од МСС 39, кога ентитетот пренесува финансиско средство (види точка 18), тој треба да го оцени степенот до кој тој ги задржува ризиците и наградите од сопственоста на финансиското средство. Во овој случај:
(a) Доколку ентитетот ги пренесе суштински сите ризици и награди од сопственоста на финансиското средство, ентитетот треба да го отпише финансиското средство и одделно да ги признае како средства или обврски сите права и обврски кои се создадени или задржани во преносот.
(б) Доколку ентитетот ги задржува суштински сите ризици и награди од сопственоста на финансиското средство, ентитетот треба да продолжи да го признава финансиското средство. (в) Доколку ентитетот не ги пренесува ниту ги задржува суштински сите ризици и награди од сопственоста на финансиското средство, ентитетот треба да утврди дали тој ја задржал контролата на финансиското средство. Во овој случај:
(i) Доколку ентитетот не ја задржал контролата, тој треба да го отпише финансиското средство и да ги признае одделно како средства или обврски сите права и обврски кои се создадени или задржани во преносот.
(ii) Доколку ентитетот ја задржал контролата, тој треба да продолжи да го признава финансиското средство до степенот на неговото континуирано инволвирање во финансиското средство (види точка 30).
Согласно член 9 став 1 точка 1 како непризнаени расходи за даночни цели се сметаат: расходите кои не се поврзани со вршење на дејност на субјектот, односно не се непосреден услов за извршување на таа дејност и точка 7 скриените исплати на добивки како што се: давање на одредени производи и услуги на содружниците или акционерите или на нив поврзани лица по цена пониска од пазарната, вклучувајќи ја и пониската камата на одобрените заеми; плаќање за добиените производи и услуги од содружниците или акционерите или на нив поврзани лица, по цени повисоки од пазарните и овозможување на стекнување на добивки на содружниците или акционерите или на нив поврзани лица.
Воедно упатуваме и на член 12 од Законот за даночна постапка (Службен весник на РМ бр.13/06...35/18, Службен весник на РСМ,, бр.275/19, 247/22.
Ако со привидна правна работа се прикрива некоја друга правна работа, во тој случај, за утврдување на даночната обврска основата ја чини прикриената правна работа.
Според сето наведено и информациите изнесени во Вашето прашање, упатуваме дека кога ентитетот пренесува финансиско треба да се имаат предвид упатувањата од МСС 39.