Memorandum_mk
Мислења Данок на личен доход (ДЛД)

Прашањата поставени од даночните обврзници и мислењата дадени од УЈП се прикажани во нивната изворна форма.
Мислењата на УЈП се засноваат на одредбите од Законот за данокот на личен доход (ЗДЛД), но истите не претставуваат толкување на законот, од причина што надлежен орган за давање на овластено толкување на закони е Собранието на Република Севарна Македонија. Доколку мислењата се од претходни години, потребно е да се има во предвид дека може да има измени во одредбите и треба да се провери дали истите наведени во мислењето се уште се во сила. Доколку има промени во одредбите на законските и подзаконските акти врз кои се базира одредено мислење, истото повеќе не е применливо во тој дел или во целост.

  1. Дали и колку има даночно ослободување за плаќање на персонален данок на личен доход за авторско дело во областа на кинематографија за режисер , сценарист, директор на фотографија , за проекти кои не се опфатени со закон за филмска дејност и не се од јавен интерес ( конкретно станува збор за комерцијален ТВ проект). Дали и кој го дефинира јавниот интерес на проектот и дали е потребно да се има некаков документ /одлука за да се доказе /потврди дека истиот проект е од јавен интерес.

    Одговор од 23.01.2024:

    Почитувани,

    Во врска со поставенoто прашање Управата за јавни приходи - Генерална дирекција Скопје, Ве известува дека:
    Согласно член 3 од Законот за данок на личен доход (“Сл весник на РМ” бр.241/18 и “Сл Весник на РСМ” бр. 275/19......274/22 во понатамошниот текст ЗДЛД), под личен доход се подразбираат следните видови доход остварени во земјата и во странство: 1) доход од работа; 2) доход од самостојна дејност; 3) доход од авторски и сродни права; 4) доход од продажба на сопствени земјоделски производи; 5) доход од права од индустриска сопственост; 6) доход од закуп и подзакуп; 7) доход од капитал; 8) капитални добивки; 9) добивки од игри на среќа; 10) доход од осигурување и 11) друг доход.
    На оданочување подлежи доходот од ставот 1 на овој член што е остварен во пари, во хартии од вредност, во натура, или во некој друг вид.
    Во членот 12 од Законот за авторското право и сродните права (Сл. весник на РМ 115/10...27/16) наведени се авторските дела, односно авторско дело е интелектуална и индивидуална творба од областа на книжевноста, науката и уметноста, изразена на кој било начин и форма.
    За авторско дело се смета особено:
    1) пишано дело (книга, напис, статија, прирачник, брошура, расправа и други дела од иста природа);
    2) компјутерска програма, како пишано дело;
    3) говорно дело (предавање, говор, беседа и други дела од иста природа);
    4) музичко дело, со или без текст;
    5) драмско, драмско-музичко, кореографско и пантомимичарско дело;
    6) фотографско дело и дело создадено во постапка слична на фотографската;
    7) аудиовизуелно дело (кинематографско и друго дело изразено со подвижни слики);
    8) дела на ликовната уметност (слика, цртеж, графика, скулптура и друго);
    9) дела од архитектурата;
    10) дела од применетата уметност и дизајнот и
    11) картографско дело, план, скица, технички цртеж, проект, табела, пластично дело и друго дело со ист или сличен карактер од областа на географијата, топографијата, архитектурата и науката.
    Во член 88 од Законот за авторското право и сродните права, аудиовизуелно дело, во смисла на овој закон, е кинематографско или друго дело изразено во вид на поврзани подвижни слики, со или без звук, без оглед на видот на носачот што го содржи.
    Автори на аудиовизуелно дело, во смисла на овој закон, се: писателот на сценариото, главниот режисер и главниот снимател. Во случај кога анимацијата од кој било вид е суштински елемент на делото, за автор се смета и главниот цртач. Во случај кога музиката е суштински елемент на делото, за автор се смета и авторот на музиката посебно создадена за користење во аудиовизуелно дело (член 89 од Законот).
    Основа за пресметување на данокот на доход за приходите од авторски права и права од индустриска сопственост е нето приходот што се добива кога од остварениот приход ќе се одбијат трошоците што биле потребни за негово остварување (член 40 од ЗПДД).
    Согласно член 40 од ЗДЛД, основа за пресметување на данокот на доход од член 38 на овој закон претставува остварениот надоместок намален за износот на нормираните трошоци во висина од:
    1. 50% од надоместокот - за вајарски дела, таписерии, керамопластика, уметничка керамика и витраж;
    2. 40% од надоместокот - за уметничка фотографија, ѕидно сликарство и сликарство во простор во техниките: фреска, графика, мозаик, интарзија, емајл, интарзирани и емајлирани предмети, костимографија, модно креаторство и уметничка обработка на текстил (ткаен текстил, печатен текстил и слично), сликарски дела, графички дела, индустриско обликување со изработување модели и макети, ситна пластика, уметнички решенија за сценографија, музички и кинематографски дела и реставраторски и конзерваторски дела во областа на културата и уметноста;
    3. 30% од надоместокот - за научни, стручни и публицистички дела, изведување уметнички дела во областа на сериозната музика, балетот, операта и театарското и филмското актерство, за рецитирање, снимање филмови и идејни скици за таписерија и идејни скици за костимографија;
    4. 20% од надоместокот - за преводи, предавања и слични интелектуални творби,изведување естрадни програми на забавна и народна музика како и за други авторски дела и предмети на сродни права кои не се наведени во овој член.
    Според член 84 став 3 од ЗДЛД, аконтацијата на данокот на доходот од авторски и сродни права (ако исплатувачот на доходот води деловни книги) се пресметува на соодветно утврдена даночна основа со примена на даночна стапка.
    Согласно изнесеното, доколку исплатите се однесуваат за физички лица согласно член 88 и член 89 од Законот за авторски и сродни права, исплатувачот како основа за пресметка на данокот на доход го зема бруто износот намален за 30% нормирани трошоци, согласно член 95 и член 40 став 1 точка 3) од ЗДЛД.

  2. Би сакал да знам доколку поседувам Крипто валута која не е предходно купена туку е ископана со помош на електронски уред(мајнери),како ке се пресметува данокот доколку ја продадам ? Дали треба 10 проценти данок на добивка?Потоа за колку време треба да го платам данокот и дали може електронски?

    Одговор од 05.05.2023:

    Почитувани,

    Во врска со Вашето барање на мислење, Управата за јавни приходи Генерална Дирекција, Ве известува за следното:
    Согласно член 3 став 1 точка 11) од Законот за данок на личен доход (“Сл весник на РМ” бр.241/18 и “Сл весник на РСМ” 275/19, ……274/22, во понатамошниот текст ЗДЛД), под личен доход и друг доход остварен во земјата и странство.
    На оданочување подлежи доходот од ставот 1 на овој член што е остварен во пари, во хартии од вредност, во натура, или во некој друг вид.
    Според член 5 од ЗДЛД, обврзник на данокот на доход е секое физичко лице резидент на Република Македонија за доходот што го остварува во земјата и во странство.
    Обврзник на данокот на доход е и секое физичко лице кое непријавено врши дејност и остварува доход кој подлежи на оданочување според одредбите на овој закон.
    Согласно член 71 став 1 од ЗДЛД, друг доход во смисла на овој закон е секој доход кој не се смета за доход на физичките лица од членот 3 став (1) точки 1), 2), 3), 4), 5), 6), 7), 8), 9) и 10) од овој закон и не е изземен од оданочување со одредбите од членот 12 од овој закон.
    Обврзник на данокот на доход од друг доход е физичкото лице кое остварува доход од членот 71 од овој закон.
    Согласно член 73 од ЗДЛД, основа за пресметување на данокот на доходот е бруто-доходот, односно во конкртениот случај доходот добиен од “рударење“ изразен по пазарна вредност на денот на стекнување на криптовалутата.
    Според напред наведените одредби , во случаи кога физичко лице остварува доход од “рударење”, истото е предмет на оданочување со данокот на личен доход согласно член 71 од ЗДЛД и физичкото лице треба да поднесе пресметка преку е-пдд системот во моментот на остварување на доходот, а најдоцна до 10-тиот ден во месецот кој следува по истекот на месецот во кој е остварен доходот.
    По приемот и обработката на електронската пресметка “е-ППД”, органот за јавни приходи преку електронскиот систем “е-Персонален данок”, ја одобрува пресметката на обврзникот, со доделување Фолио број и издава Рекапитулација за утврдување на аконтација на данок на личен доход со статус “Одобрена” и налог за плаќање на данок на личен доход.
    Согласно член 93 од ЗДЛД, аконтација на данокот на доход утврден во одобрените пресметки се плаќа најдоцна во 15-ти во месецот за претходниот месец и за доходот остварен од странство.
    Плаќањето на данокот на доход кај носителот на платниот промет се врши на образец ПП53.
    Во случаи кога физичкото лице продава криптовалути, во тој случај според член 58 од ЗДЛД, под капитална добивка се подразбира разликата помеѓу продажната и набавната цена при продажба на друг подвижен и нематеријален имот.
    Обврзник на данокот на доход од капитални добивки е физичко лице кое остварува добивка
    Според член 60 од ЗДЛД, основа на данокот на доход од капитални добивки претставува разликата помеѓу продажната цена на нематеријален имот и нивната куповна (набавна) цена.
    Според напред наведените одредби, доколку физичкото лице остварува капитална добивка (позитивна разлика = продажна вредност – набавна вредност на нематеријален имот) во тој случај има обврска добивката да ја пријави во Управата за јавни приходи преку системот Е-персонален данок најдоцна до 10-ти во месецот кој следи по месецот во кој е остварен доходот (член 88 од ЗДЛД).
    Во пресметката износот на остварениот доход се искажува како:
    -Вид на доход Т8. - Капитални добивки и
    -Подвид на доход S8.6. Капитални добивки од нематеријален имот.
    Врз основа на внесените податоци, системот автоматски ќе го пресмета остварениот доход во денари (по среден курс на датумот кога е остварен доходот во странство).
    Вашата пресметка е-ППД за доходот остварен во странската држава ја проверува и одобрува службено лице од УЈП.
    По приемот и обработката на електронската пресметка “е-ППД”, органот за јавни приходи преку електронскиот систем “е-Даночни услуги”,ја одобрува пресметката на обврзникот, со доделување Фолио број и издава Рекапитулација за утврдување на аконтација на данок на личен доход со статус “Одобрена” и налог за плаќање на данок на личен доход.
    Согласно член 93 од ЗДЛД, аконтација на данокот на доход утврден во одобрените пресметки се плаќа најдоцна во 15-ти во месецот за претходниот месец и за доходот остварен од странство.
    Плаќањето на данокот на доход кај носителот на платниот промет се врши на образец ПП53.
    Според напред наведените одредби, доколку се продава криптовалута која е стекната по основ на рударењето за кое веќе е платен данокот на личен доход согласно член 71 од ЗДЛД, и истата понатака ја продавате и остварувате капитална добивка како позитивна разлика помеѓу продажната цена (цена по која се продава криптовалутата) и набавната цена (вредноста на криптовалутата во моментот на ископувањето), имате обврска да поднесете електронска пресметка до УЈП и да платите данок на личен доход согласно член 58, член 60, член 93 од ЗДЛД.
 
http://www.ujp.gov.mk
© Управа за јавни приходи на Република Северна Македонија