Memorandum_mk
16.04.2026
Контролингот како двигател на стратешки одлуки

Директорката на УЈП, м-р Елена Петрова, имаше чест да ја отвори 6-тата Меѓународна конференција за контролинг на тема „Leading with Insight in the Era of Transformation“, во организација на Контролинг Бизнис Центар – значајна платформа за размена на знаење, искуства и современи практики во областа на контролингот и бизнис управувањето.

Во обраќањето, пред присутните на конференцијата директорката Петрова се осврна на улогата на овие концепти во институционалното управувањето во УЈП, каде контролингот претставува систем за планирање, следење и управување со резултати, поставен низ јасна хиерархија на стратешки и оперативни документи. Фокусот е на мерење на влијанието врз даночната усогласеност, а не само на реализираните активности.

На почетокот на настанот директорката Петрова го постави суштинското прашање: дали предизвикот денес е само да воведеме аналитички алатки и вештачка интелигенција во контролингот, или вистинскиот предизвик е да создадеме систем кој знае што да прави со знаењето и увидите што ги добиваме?

Аналитичките алатки обработуваат масовни податоци, покажуваат трендови, автоматизираат извештаи, вештачката интелигенција може да предложи одлуки, но не може да постават приоритети, да утврдат стратегија, ниту да сносат одговорност. Одлуките ги носи институцијата.
Во таа смисла, како што беше појаснето, трансформацијата не е технолошки, туку институционален процес. Во време на забрзан развој на вештачката интелигенција и аналитичките технологии, клучното прашање повеќе не е само технологијата, туку капацитетот на организациите да ја претворат во подобри одлуки, подобри резултати и поголема вредност.

   
   

Она што денес ги разликува успешните организации не се алатките што ги поседуваат, туку нивната зрелост и способност да го претворат знаењето од податоците во стратешки одлуки. Во таа насока, контролингот поддржан од современи дигитални алатки, но и од силни институционални рамки не е само функција на управување. Тој претставува основа за доверба, одговорност и одржлив развој.

Овој пристап е дел од стратешките определби на Управата за јавни приходи за градење модерна, транспарентна и ефикасна институција која поттикнува доверба и обезбедува стабилни јавни приходи.

Конференцијата обедини врвни експерти за контролинг од земјата и регионот, создавајќи потенцијал за размена на знаење, искуства и најдобри практики.

 
http://www.ujp.gov.mk
© Управа за јавни приходи на Република Северна Македонија