Memorandum_mk
12.03.2026
ПОДНЕСУВАЊЕ НА БАРАЊЕ ЗА ПРЕНЕСУВАЊЕ НА ДАНОЧНА ЗАГУБА (ОБРАЗЕЦ “ДД-01“) ДО 31 МАРТ 2026 ГОДИНА

Доколку сте даночен обврзник за данок на добивка и во Даночниот биланс за оданочување на добивката за 2025 година (образецот „ДБ”) на АОП 40 – даночна основа, сте искажале даночна загуба, имате право да поднесете барање за пренесување на даночната загуба (образец „ДД-01”).*

Даночна загуба претставува негативна разлика помеѓу износот на остварена загуба искажан во Билансот на успех за 2025 година (искажан на АОП 01 од ДБ, со негативен предзнак) и износот на непризнати расходи за даночни цели (искажан на АОП 02 од ДБ).

Барањето ДД-01, за пренесување на даночната загуба од 2025 година, треба да се поднесе до УЈП најдоцна до 31 март 2026 година.

Во прилог на барањето ДД-01, задолжително се поднесува:

  • Пресметка на износот на загубата за која барате одобрение за пренесување на товар на добивката во идните пресметковни периоди од три години, сметано од годината во која загубата е искажана.
  • Изјава од одговорното лице на друштвото, дека друштвото не настанало со статусна промена (спојување, припојување, поделба, сопственичка трансформација).

Даночната загуба може да ја пренесете на товар на добивката во идните пресметковни периоди најмногу до три години од годината во која е искажана загубата и со тоа да го искористите правото за намалување на даночната основа за оданочување со данокот на добивка во образецот ДБ. Намалувањето на даночната основа во ДБ се врши последователно, почнувајќи од износот на најрано настанатите даночни загуби.

НАПОМЕНА: правото на пренесување на даночна загуба не може да се користи во случај на измена на статусот на даночниот обврзник врз основа на спојување, припојување, поделба, сопственичка трансформација и слично.

УЈП донесува решение во рок од 60 дена од денот на приемот на барањето ДД-01.

* Износот на даночна загуба треба да е искажан и на АОП 62 од ДБ за 2025 година – Остварена загуба намалена за непризнаените расходи од тековната година која може да се пренесе во наредните три години и да се користи како даночна поволност преку намалување на даночната основа во ДБ за 2026, 2027 и 2028 година.

За дополнителни информации или поддршка во врска со подготовката и поднесувањето на образецот ДД-01, обратете се до Контакт центарот на УЈП на:
е-пошта: info@ujp.gov.mk
телефон: 0800 33 000; 02/ 3253 200

 
http://www.ujp.gov.mk
© Управа за јавни приходи на Република Северна Македонија