Управата за јавни приходи, во соработка со Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), на 12 мај во Клуб на пратеници во Скопје одржаа обука на тема „Етика и интегритет на вработените во Управата за јавни приходи“. Целта на обуката беше препознавање и спречување на непрофесионално, неетичко и коруптивно однесување.
На настанот воведно обраќање имаа директорката на УЈП, м-р Елена Петрова и претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ. Во своето обраќање директорката Петрова истакна дека интегритетот не е само лична вредност, туку и институционална обврска, врз која се гради довербата на граѓаните и деловната заедница во системот.
Таа посочи дека, по донесувањето на Декларацијата за даночна етика, Управата за јавни приходи активно работи и на подготовка на Стратегија за интегритет и анти-корупција, со која се воспоставуваат јасни принципи, стандарди и механизми за професионално, одговорно и транспарентно постапување.
„Се обврзуваме на систем во кој нема „брзи ленти“, нема „тивки интервенции“ и нема различни правила за различни луѓе. Корупцијата не започнува со големи афери. Таа започнува тогаш кога правилата почнуваат да зависат од лични контакти, неформални барања и услуги „да се провери“, „да се забрза“, „да се среди“ или „да се премолчи“, истакна директорката Петрова.
Претставниците на ДКСК истакнаа дека особено е значајна заложбата на УЈП за развивање интерни политики, етички стандарди и механизми за превенција на корупцијата, како и градење институционална култура заснована на одговорност, транспарентност и законито постапување.
Во контекст на работата на УЈП, беше истакнато дека институцијата постапува со чувствителни податоци, носи одлуки со директно влијание врз граѓаните и деловниот сектор и работи во средина во која е особено важно да се препознаваат и навремено да се управуваат ризиците од притисоци, неформални влијанија, судир на интереси и злоупотреба на службени информации.
Целта на ваквите едукативни активности е службените лица навремено да ги препознаат ризичните ситуации, да знаат како правилно да постапат, кога да побараат совет, кога да пријават приватен интерес и кога да се изземат од постапување. На тој начин, како што беше истакнато, се заштитуваат и институцијата и вработените, а се јакне довербата на граѓаните и правните лица во јавниот сектор.
Директорката пред присутните порача дека градењето институција со висок интегритет подразбира доследна примена на правилата, транспарентност во постапувањето и професионален однос во секојдневната работа. Особен акцент беше ставен и на личната одговорност на секој вработен во создавањето институционална култура во која чесноста, отчетноста и еднаквиот третман се вредности што се живеат секојдневно, а не само формално пропишани принципи. Додаде и дека довербата на граѓаните се гради преку доследност, предвидливост и професионално постапување, но и преку подготвеноста институциите отворено да ги препознаваат ризиците и континуирано да работат на нивно надминување и зајакнување на довербата во даночните службеници и УЈП.
„Довербата во УЈП ќе ја зајакнеме со интегритет, транспарентност и доследност секој ден, во секој предмет, за секој рок, во секој контакт со даночен обврзник и во секоја одлука што ја носиме“, порача директорката Петрова.
Таа додаде дека Управата за јавни приходи останува посветена на унапредување на етичките стандарди, јакнење на професионалниот интегритет и создавање институционална култура заснована на одговорност, еднаквост, професионализам и владеење на правилата.
Обуката „Етика и интегритет на вработените во Управата за јавни приходи“ е дел од континуираната соработка меѓу ДКСК и институциите од јавниот сектор за зајакнување на системот на интегритет, унапредување на професионалните стандарди и развивање култура на одговорно, законито и непристрасно постапување. На обуката учествуваа 46 вработени.