Со вчерашната работилница во Битола се заокружи уште една успешна активност реализирана во рамки на соработката помеѓу Управата за јавни приходи и Стопанската комора на Северна Македонија, преку Регионалните стопански комори во Битола и Прилеп. Оваа соработка започна во јуни со првата работилница одржана во Прилеп, а нејзина цел е компаниите навремено да се запознаат со функционалностите на системот е-Фактура, активно да се вклучат во неговото тестирање и преку своите искуства, предлози и забелешки да придонесат кон создавање модерен, ефикасен и функционален систем кој ќе одговори на потребите на деловната заедница. Со работилниците во Пелагонискиот регион беа опфатени вкупно 130 претставници од околу 70 компании.
Работилниците се организираат со цел компаниите подетално да се запознаат со функционалностите на системот е-Фактура, придобивките од неговата примена и активностите што се спроведуваат во рамки на тековната тест-фаза.
Посебно внимание се посветува на практична демонстрација на апликативното решение за е-Фактура, при што се обработуваат различни деловни сценарија и процедури поврзани со регистрацијата во системот, издавање, прием и обработка на електронските фактури, како и функционалностите за нивно прифаќање, одбивање, исправка и сторнирање. На тој начин, учесниците имаат можност да се запознаат со практичната примена на системот и да можат сами да почнат да го користат при изработка на фактурите.
На работилниците кои се реализираат низ државата учесниците се информираат и за тековните активности поврзани со воспоставувањето на системот е-Фактура, планираната динамика на неговата имплементација, даночните аспекти и индикаторите што ќе бидат составен дел од неговото функционирање. Воедно, се разгледуваат и предизвиците со кои компаниите може да се соочат при усогласувањето и интеграцијата на системот во нивните постојни деловни процеси.
Големиот интерес, активното учество и конструктивната дискусија ја потврдуваат подготвеноста на деловната заедница активно да се вклучи во процесот на дигитална трансформација и воведувањето на системот е-Фактура.
Управата за јавни приходи продолжува со караванот и со директната комуникација со компаниите низ државата, со цел тие навремено да се запознаат со функционалностите и придобивките од системот е-Фактура. Тековниот тест-период претставува клучна фаза во развојот на системот, поради што УЈП ги повикува сите компании активно да се вклучат во тестирањето, да ги испробаат функционалностите и преку своите предлози, забелешки и искуства да придонесат кон создавање модерен, ефикасен и кориснички ориентиран систем, развиен во партнерство со деловната заедница и во согласност со нејзините реални потреби.

