На покана на Стопанската комора за информатички и телекомуникациски технологии – МАСИТ, претставници на Управата за јавни приходи учествуваа на настан посветен на системот е-Фактура. На настанот присуствуваа претставници на ИТ и други компании, а целта беше ИТ заедницата подетално да се запознае со техничките и функционалните аспекти на системот е-Фактура и со процесот на неговата имплементација.
Во рамки на настанот беа презентирани функционалностите на системот, процесите за регистрација, издавање и прием на електронски фактури, како и можностите за API-интеграција. Преку практична демонстрација учесниците имаа можност да се запознаат со начинот на функционирање на системот и да добијат одговори на прашањата поврзани со неговата имплементација.
Управата за јавни приходи ги повика сите софтверски компании активно да ја искористат тековната тест-фаза за навремено да ги интегрираат своите решенија, да ги тестираат сите функционалности и преку своите технички предлози и забелешки да придонесат кон развој на сигурен, стабилен и модерен систем е-Фактура кој ќе ги задоволи потребите на компаниите и ќе обезбеди ефикасна дигитална размена на електронски фактури.