Memorandum_mk
01.04.2026
ДИРЕКТОРКАТА НА УЈП М-Р ЕЛЕНА ПЕТРОВА ПРЕД ГЕРМАНСКИТЕ ИНВЕСТИТОРИ ВО ЗЕМЈАВА ГО ПРЕТСТАВИ ПРОЕКТОТ Е - ФАКТУРА

На покана на Германско-Македонската стопанска комора, директорката на Управата за јавни приходи м-р Елена Петрова присуствуваше и се обрати на Годишното собрание на здружението, кое брои над 180 членки и претставува етаблирана мрежа на германски и македонски компании и институции.

Пред повеќе директори на германски инвестиции во земјата беше презентиран проектот „е-Фактура“, односно придобивките од е – фактурирањето, пред се во однос на подобрена даночна усогласеност преку навремен пристап до структурирани податоци и јакнење на борбата против сивата економија.

Директорката на УЈП во своето обраќање пред присутните истакна:

„Во современото деловно опкружување, конкурентноста не зависи само од квалитетот на производите и услугите, туку и од брзината, ефикасноста и транспарентноста на процесите. Е-фактурата е алатка која компаниите ја очекуваат како исчекор во нова ера на деловно работење. Германските компании не се само меѓу најзначајните инвеститори во Македонија, туку се и носители на напредни стандарди. Токму вашето искуство и очекувањата се важна референтна точка за нас. Ова обраќање е само почеток. Дијалогот ќе продолжи со директна соработка и поддршка на компаниите во адаптацијата за е-фактурата.“

Беше нагласено и дека е-фактурирањето е долгорочна инвестиција во современа, транспарентна и стабилна даночна инфраструктура која ќе донесе поголема наплата на јавни приходи, помалку злоупотреби и пониски административни трошоци и за државата и за компаниите, а воедно директно ќе се одрази на деловната клима, конкурентноста и економскиот раст.

     

Со ова беше потврдена посветеноста на Управата за јавни приходи да обезбеди стабилна и сигурна примена на е‑фактурирањето, во партнерство со бизнис‑заедницата и со цел создавање модерна и конкурентна економија.

 

 
http://www.ujp.gov.mk
© Управа за јавни приходи на Република Северна Македонија