На покана на Асоцијацијата за е трговија на РСМ, директорката на Управата за јавни приходи м р Елена Петрова се обрати на Годишното собрание, настан кој ги обедини компаниите од најдинамичниот и најиновативниот сегмент на нашата економија.
Во своето обраќање, директорката се фокусираше на дигитализацијата на фискалните процеси во секторот е трговија. Таа истакна дека е трговијата има специфики: голем број онлајн трансакции, прекугранични продажби, различни начини на плаќање и логистика. Класичната фискализација веќе не соодветствува на брзината и обемот на онлајн трансакциите.
„Преку системот е Фактура е предвиден концепт на дигитална фискална сметка применлив кај плаќањата со платежни картички. Се разгледуваат и решенија за онлајн нарачки кои се плаќаат во готовина при достава од трето лице. Фокусот е на е фискализација која лесно ќе се интегрира во постојните платформи, а истовремено ќе воспостави правила со кои ќе се затвори просторот за злоупотреби и сива економија во онлајн продажбата.“ – рече директорката Петрова.
Овој пристап е дел од пошироките активности на Управата за јавни приходи насочени кон сузбивање на неформалната економија не само преку засилени контроли, туку пред сè преку дигитализација, поедноставување на процедурите и креирање системи кои го прават законското работење полесно од неформалното.
Преку проектот е УЈП, како што рече, се работи и на целосен редизајн на деловните процеси во Управата за јавни приходи - не само нивна дигитализација. Целта е да се изградат нови, поефикасни и поинтуитивни дигитални процеси и услуги. За бизнисот тоа значи помалку административно оптоварување и повеќе фокус на развој, продажба и иновации, а за институцијата подобри податоци, поефикасна анализа на ризици и навремена реакција таму каде што постојат индикации за неправилности.
Асоцијацијата за е трговија беше истакната како клучен партнер во процесот на дигитализација на фискалните процеси. Таа има улога на глас на индустријата, двигател на добри практики и посредник во дијалогот со институциите. Управата за јавни приходи ја нагласи важноста на досегашната соработка и ја потврди подготвеноста да продолжи заеднички да работи на решенија кои се практични, применливи и одржливи.