Во периодот 25 - 26 март и 1 - 2 април 2026 година, во Охрид се одржа работилница и тркалезна маса на тема „Стечајна постапка, досегашни искуства и судска пракса“, организирана од Комората на стечајни управници. На настанот учествуваа стечајни судии, стечајни управници и претставници на Управата за јавни приходи кои воедно се јавија и во улога на презентери. Со воведен и поздравен говор настанот го отворија претседателката на Комората на стечајни управници Билјана Стефановска и претседателот на Комисијата за едукација при Комората на стечајни управници Ацо Петров.
Во рамки на работилницата се дискутираше за:
- улогата на УЈП како стечаен доверител;
- актуелни правни прашања и судска пракса;
- институтот „даночна гаранција и даночен гарант“; и
- потребата од зајакнување на комуникацијата меѓу УЈП и стечајните управници.
Претставниците на УЈП ја презентираа постапката за наплата на даночни долгови која се води согласно Законот за даночна постапка, врз основа на доверена надлежност со Законот за Управа за јавни приходи и статусот на УЈП како стечаен доверител. Понатаму беше обработен институтот „даночна гаранција и даночен гарант“ кој законодавецот го вовел со цел заштита на даночните приходи, спречување на неплаќање и зајакнување на фискалната дисциплина, еднаков третман на сите даночни должници и фер оданочување.
Во рамки на работилницата организирана беше тркалезна маса на која се водеа дискусии со стечајните управници. Изнесени беа клучни поенти за потребата од зајакнување на комуникацијата меѓу УЈП и стечајните управници, со цел постигнување повисок степен на ефикасност.
Учесниците се согласија дека е потребно да се разгледа можноста за склучување Меморандум за соработка меѓу УЈП, Државното правобранителство и Комората на стечајни управници, со цел обезбедување единствена практика и јасни насоки за постапување.
Настанот овозможи размена на практични знаења и зајакнување на соработката меѓу институциите во насока на поефикасно и праведно водење на стечајните постапки.