Memorandum_mk
25.09.2026
Делегација на УЈП предводена од директорката м-р Елена Петрова во работна посета на Унгарија

Делегација на Управата за јавни приходи, предводена од директорката на УЈП, м-р Елена Петрова, беше во работна посета на Унгарија, со цел унапредување на институционалната соработка и размена на искуства со даночната администрација на Унгарија.

Во рамки на посетата, директорката на Управата за јавни приходи, м-р Елена Петрова, и директорката на Националната управа за даноци и царина на Унгарија, Моника Рожен Шат, потпишаа Меморандум за соработка, со кој се воспоставува основа за продлабочување на соработката и континуирана размена на знаења, искуства и добри практики во повеќе области од даночната сфера.

Соработката опфаќа размена на искуства во областа на ИТ-системите и применетите апликации, предпополнетите даночни пријави за личен доход, онлајн фискалните каси и електронските системи за фактурирање, како и поддршката на даночните обврзници преку поедноставување на административните постапки.

Посебно внимание ќе биде посветено и на примената на бихејвиорални анализи во процесите на наплата на даноците, унапредувањето на клиентската ориентираност и современите пристапи за управување со усогласеноста на даночните обврзници.

Меморандумот предвидува и размена на искуства во областа на методите и начините на анализа на ризик, професионалниот развој и обуката на вработените, конкретни даночни прашања, како и имплементацијата на директивите на Европската Унија поврзани со даночните администрации.

Во текот на работната посета, делегациите разменија искуства и информации за современите начини на работа и дигиталните решенија во даночната администрација, со фокус на унапредување на ефикасноста на институционалните процеси и квалитетот на услугите за даночните обврзници.

Потпишувањето на Меморандумот претставува значаен чекор кон продлабочување на институционалната соработка и воспоставување континуирана размена на знаења, искуства и добри практики меѓу даночните администрации на Македонија и Унгарија.

     

 

 
http://www.ujp.gov.mk
© Управа за јавни приходи на Република Северна Македонија