По иницијатива на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ) денес 02.02.2026 година во просториите на Комората се одржа работна средба меѓу претставници на ССКМ, членките на Сојузот и Управата за јавни приходи (УЈП), со цел запознавање со процесот на воведување на системот за електронска фактура (е-Фактура).
На работната средба директорката на Управата за јавни приходи, м-р Елена Петрова, нагласи дека ваквите средби директно придонесуваат кон поефикасна реализација е-фактурата, која е проект не само на УЈП, Министерството за финансии и Владата, туку проект на целата бизнис заедница. Е-фактурата ќе доведе до промена на административното работење и дневните практики на комапниите, ослободувајќи ресурси кои ќе се користат за попродуктивни работи и развој на бизнисот. Како алатка за намалување на сивата економија, е-фактурата има бенефит и за државата преку подобра наплата на јавните приходи, и за бизнисот преку намалување на нелојалната конкуренција. Е-фактурата е долгорочна државна инвестиција која ќе има влијание врз деловната клима, конкурентноста и економскиот раст, истакна Петрова.
Во рамки на средбата имаше директна дискусија со компаниите за процесот на тестирање и функционалностите на е-фактура во контекст на различни практични случаи. Процесот на имплементација продолжува заеднички, со директна поддршка која УЈП ќе ја обезбедува систематски, до целосно интегрирање на сите даночни обврзници кои ќе бидат корисници на државната платформа за е-фактурирање.

