Etax
Физички лица Правни лица Меѓународни организации
Пребарување на даночни
обврзници
Внесете назив, седиште, единствен даночен број (ЕДБ) или матичен број (МБ) на даночниот обврзник
П
В
С
Ч
П
С
Н
  1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31      
Recnik
Даночен речник - преглед по поими

Даночниот речник опфаќа дефиниции на поими и кратенки кои директно или индиректно се поврзани со даночното работење. Како систематизиран материјал, речникот првенствено е сублимат на терминологија опфатена и дефинирана во законските и други прописи.


Д
Данок на добивка

Данок кој се плаќа на добивката која правното лице-резидент на РСМ ја остварува од вршење на дејност во земјата и странство, односно која правното лице-нерезидент на РСМ ја остварува од вршење на дејност на територијата на РСМ.

 
Данок на додадена вредност

Општ потрошувачки данок кој се пресметува и плаќа во сите фази на производството и трговијата и во целокупниот услужен сектор.

 
Данок на имот

Данок кој се плаќа на сопственоста на недвижен имот: неаграрно земјиште,стабени згради или станови, деловни простории, административни згради, згради и станови за одмор и рекреација, гаражи и други градежни објекти. Со процесот на децентрализација во РМ, од 30.06.2005 година администрирањето на данокот на имот и комуналните такси го вршат општините, како единици на локална самоуправа и Градот Скопје, како посебна единица на локалната самоуправа.

(види и извори на финасирање на општините)
 
Данок на личен доход

Се уредува оданочувањето на личниот доход на физичките лица, обврзникот за плаќање на данокот на личен доход, даночната основа за пресметување на данокот на личен доход, даночните стапки, роковите за плаќање на данокот на личен доход, како и други прашања кои се значајни за утврдување и плаќање на данокот на личен доход.

 
Данок на наследство и подарок

Данок кој се плаќа на недвижен имот и право на плодоуживање и користење на недвижен имот, кои наследниците односно примателите на подароци ги наследуваат односно примаат за подарок.

(види и извори на финасирање на општините)
 
Данок на промет на недвижности

Данок кој се плаќа на остварениот промет на недвижности, односно на преносот со и без надоместок на
правото на сопственост, како и друг начин на стекнување на недвижности со и без надоместок меѓу правни и физички лица. Под промет на недвижности не се смета физичката делба на недвижниот имот.

 
Данок по одбивка

Данок кој го пресметува и плаќа исплатувачот (даночен должник) во име на даночниот обврзник (физичко лице) при исплатата на приходот кон него.

 
Даноци

Давачки на даночниот обврзник кои мора да бидат платени без противуслуги, кои служат за општо државно добро и кои на сите даночни обврзници им се наметнати со закон.

 
Даночен акт

Акт што Управата за јавни приходи го составува и донесува при преземање на одредени дејствија во даночната постапка.

 
Даночен биланс за оданочување на непризнаени расходи

Пропишан образец на кој се утврдува и плаќа данокот на добивка за даночниот период (годината), односно периодот од годината за кој даночниот обврзник работел, доколку истиот работел за период пократок од годината.

(види и образец ДБ)
 
Даночен гарант

Лице кое одговара за плаќање на даночен долг на даночниот обврзник во случај кога даночниот обврзник тој долг не го плати во рокот на пристигнување.

(види и гарант, гаранција во даночна постапка)
 
Даночен долг

Износот на данок или на друг вид јавна давачка кој даночниот обврзник е должен да го плати на начин пропишан со закон.

 
Даночен должник

Лице кое треба да исполни одредена обврска за плаќање од даночната постапка; даночен гарант; лице кое треба да плати или наплати данок за сметка на трето лице; други лица кои треба да исполнат некоја обврска за плаќање од даночната постапка.

 
Даночен инспектор

Лице со посебни должности и овластувања од УЈП кое ја врши надворешната контрола.

(види и надворешна контрола на даночни обврзници)
 
Даночен обврзник

Оној кој должи данок; гарантира за данок; треба да плати или наплати данок за сметка на трето лице; треба да поднесе даночна пријава и/или даночно објаснување; мора да води книги или записи; или мора да исполнува други обврски кои му се наложени со даночните закони.

 
Даночен орган

Орган на државната управа кој ги извршува управните и другите стручни работи утврдени со Законот за Управата за јавни приходи.

(види и управа за јавни приходи)
 
Даночен период

Период за кој се утврдува, пресметува и плаќа данокот.

 
Даночен управен акт

Акт кој Управата за јавни приходи го донесува при преземање на дејствија во даночната постапка против даночниот обврзник, кој предизвикува непосредно правно дејство од кое произлегува одредено дејствие, трпење или оставање.

 
Даночна обврска

Секоја пропишана обврска за даночниот обврзник со Законот за даночна постапка или друг даночен закон, за дајствија во даночната постапка.

 
Даночна основа

Претставува основата одредена со даночните закони на која се пресметува на данокот. Даночната основа при увоз на добра е вредноста на увезеното добро утврдена според царинските прописи.

 
Даночна постапка

Постапка за утврдување и наплата на јавните приходи која ја спроведува Управата за јавни приходи.

 
Даночна пријава

Запис на даночниот обврзник за остварените приходи, извршените расходи, добивката, имотот, прометот на добра и услуги или други трансакции од значење за утврдување на данок.

 
Даночна стапка

Процент кој се применува врз даночната основа за пресметување на данокот.

 
Даночна тајна

Сите документи, информации, податоци или други факти за даночниот обврзник до кои службените лица дошле во даночна, прекршочна или судска постапка; податоци за пронајдоци или патенти, како и сите други податоци за технолошките постапки кои ги применува даночниот обврзник и сите деловни тајни за трето лице со кои е запознаено службеното лице.

 
Даночни евиденции

Евиденции кои Управата за јавни приходи ги води за даночните обврзници, кои ги опфаќаат даночните пријави, финансиските картички, како и резултатите од извршената надворешна контрола кај даночните обврзници.

 
Даночни факти

Сите факти содржани во докази и во документи кои се од значење за оданочувањето.

 
Даночно олеснување

Намалување на даночната основа и намалување на пресметаниот данок согласно одредбите на соодветните посебни даночни закони.

 
Даночно ослободување

Ослободување од плаќање на данок согласно одредбите на соодветните посебни даночни закони.

 
Даночно побарување

Случај кога даночниот обврзник за одреден даночен период, во пропишана даночна пријава, искажува повеќе платен данок на кој има право на враќање.

 
Даночно правен однос

Однос кој во даночната постапка ги опфаќа правата и обврските на Управата за јавни проходи, од една страна и на даночниот обврзник, од друга страна, при што особено се уредува исполнувањето на даночните обврски од страна на даночниот обврзник, како и правото на Управата за јавни приходи да бара исполнување на овие обврски.

 
Даночно признат расход

Расход искажан од страна на даночниот обврзник, кој се признава при утврдувањето на конечната обврска на данокот на доход.

 
Даночно решение

Даночен управен акт со кој се врши утврдување на данок.

 
Декларант

Лице кое поднесува царинска декларација во свое име, или лице во чие име се поднесува царинската декларација.

 
Деловна единица на странско правно лице

Постојано место на активност преку кое или во кое се врши, целосно или делумно, која било стопанска дејност на странско правно лице во Република Македонија, директно или преку зависен агент.

 
Деловни книги и евиденции

Книги и евиденции кои даночниот обврзник мора да ги води заради оданочување, како: трговски книги, сметководствени документи, записи и пописи, годишна сметка и финансиски извештаи, белешки за применети сметководствени политики и други документи во врска со организацијата, деловни писма и коресподенции, сметки за книжење и/или други документи, доколку истите имаат значење за оданочување.

 
Делумен пристап на информации од јавен карактер

Во случај кога при барање пристап до информации од јавен карактер, бараниот документ содржи класифицирани информации, тајни, доверливи или лични податоци, како и податоци/информации со чие оддавање би се нарушиле некои други права или би можеле да се предизвикаат штетни последици, имателот на информации обезбедува делумен пристап. Тоа значи дека имателот на информации, доколку е можно да ги одвои чувствителните информации од документот, без притоа да ја загрози неговата безбедност, го известува барателот на информацијата единствено за содржината на останатиот дел од документот.

 
Демонтажа на фискалната меморија

Постапка која ја врши сервисен техничар на овластениот производител на фискалната опрема, во присуство на даночниот обврзник и овластено лице од УЈП. Демонтажата се извршува во сервисен центар или на лице место кај даночниот обврзник. За резервната меморија се спроведува постапка на фискализација.

(види и фискализација, фискална меморија)
 
Ден на плаќање на данокот

Денот кога: даночниот обврзник издал на банката налог за плаќање (даночен налог) од неговата сметка да пренесе на пропишаната уплатна сметка за јавни приходи одреден износ на средства, под услов на сметката да има доволно средства; должниот износ е уплатен на банката, со налог да изврши уплата на пропишана уплатна сметка за јавни приходи; запленети пари се уплатени на соодветна сметка на јавни приходи; е донесено решение од Управата за јавни приходи за пренос на предмети во сопственост на Република Северна Македонија; износот остварен со продажба на движни предмети и недвижности во постапка на присилна наплата на даноци и споредни даночни давачки е уплатен на пропишана уплатна сметка за јавни приходи; или денот кога парите се уплатени на уплатната сметка за јавни приходи, ако данокот е платен во готово или на некој друг начин (со чек, кредитна картичка и сл.).

 
Депозит

Побарување од банката во пари, со или без камата или надомест од кој било вид, наплативо веднаш или на определен рок, зависно од условите договорени при вложување на паричните средства.

 
Дивиденда

Дел од добивката на трговското друштво која што се распределува на содружниците, односно на акционерите на друштвото во согласност со правата определени во уделите, односно во секој род и класа на акции.

 
Дневен финансиски извештај

Збир на сите дневни трансакции (издадени фискални сметки). Дневниот финансиски извештај се врши еднаш во текот на 24 часа од работниот ден.

(види и фискална сметка)
 
Добивка

Разлика помеѓу вкупните приходи и вкупните расходи на даночниот обврзник.

 
Доброволно порамнување во стечај

Се преговори чија цел е договорно (спогодбено) уредување на должничко-доверителските односи меѓу должникот и доверителот.

 
Доверител на стечајна маса

Физичко или правно лице кое по која било основа има побарување спрема стечајниот должник, а кое побарување настаноло по отворање на стечајна постапка.

(види и стечаен доверител)
 
Докажување во управна постапка

Претставува една фаза во управната постапка која се состои во утврдување на вистинитоста на фактите кои според материјалните прописи се важни за донесување на решението.

 
Документ

Секој запис на информација без оглед на нејзината форма или карактеристики, пишан или печатен текст, карти, шеми, фотографии, слики, цртежи, скици, работни материјали, како и звучни, гласовни, магнетски или електронски, оптички или видео снимки во која било форма, како и пренослива опрема за автоматска обработка на податоци со вградени или преносливи мемории за складирање на податоците во дигитална форма.

 
Долгорочни финансиски вложувања

Вложувањата во: акции или удели (во поврзани субјекти); заеми на поврзани субјекти; заеми со кои субјектот е поврзан врз основа на учество во вложувањето; учество во вложувања-партиципација (кога вложувањето е под 25% од основната главнина); вложувања во хартии од вредност (акции со кои се тргува; обврзници; благајнички записи; комерцијални записи; и др. видови на хартии од вредност); дадени кредити депозити и кауции (во земјата и во странство); задолжителни долгорочни вложувања (пропишани со закон; вложувања во фондови и др.); откупени сопствени акции и др. останати долгорочни вложувања.

 
Должник во постапка за реорганизација на стечај

Правно лице-стечаен должник над кое се врши реорганизација според планот за реорганизација.

 
Должник во стечајна постапка

Секое правно или физичко лице над кое може да се отвори стечајна постапка согласно Законот за стечај.

 
Домашна стока/добро

Стока: целосно добиена на царинското подрачје на Република Северна Македонија согласно Царинскиот закон, во која не е вградена стока увезена од други земји (стоката добиена од стока ставена во одложувачка постапка се смета дека нема статус на домашна стока); увезена од други земји и пуштена во слободен промет; и добиена или произведена на царинското подрачје на Република Северна Македонија.

 
Донација (согласно Законот за донации и за спонзорства во јавните дејности)

Доброволна и безусловна помош во пари, добра и услуги која не создава директна корист за давателот ниту обврска за враќање од примателот на донацијата и која може да биде дадена за цели од јавен интерес или за поддршка на активностите на примателот. Под донација се подразбираат и жирални давања, теле-давање и организирани настани за прибирање на средства.

(види и примател на донација)
 
Дополнителни примања од работен однос

Исплати по основ на деловна успешност на работодавачот и надоместоци на плата утврдени со Законот за работните односи и колективен договор.

 
Доставување на писмена во управна постапка

Претставува материјално дејствије преку кое се врши предавање на писменото (покана, решение, заклучок или друг службен спис) на лицето на кое му е наменето.

 
Државен долг

Збир на финансиски обврски создадени со задолжување на Република Северна Македонија, јавните установи основани од Република Северна Македонија и општините, општините во градот Скопје и Градот Скопје не вклучувајќи го долгот на јавните претпријатија и трговските друштва кои се во целосна или во доминантна сопственост на државата, општините, општините во градот Скопје и Градот Скопје и на Народната банка на Република Северна Македонија.

 
Државен запис

Краткорочна должничка хартија од вредност издадена од Република Северна Македонија.

 
Државен службеник

Лице вработено во државната служба кое врши стручни, нормативно-правни, извршни, управни, управно-надзорни, плански, материјално-финансиски, сметководствени, информатички и други работи од надлежност на органот, во согласност со Уставот и со закон.

 
Државна гаранција

Потенцијална обврска за плаќање, преземена од Република Северна Македонија во име на носителот на јавен долг за чија сметка е издадена гаранцијата.

 
Друштво со ограничена одговорност

Трговско друштво во кое едно или повеќе физички и правни лица учествуваат со по еден влог во однапред договорената основна главнина на друштвото. Влоговите на содружниците можат да бидат со различна големина. Содружниците не одговараат за обврските на друштвото.

 
 


© Управа за јавни приходи на Република Северна Македонија