Memorandum_mk
11.02.2026
Пријавување и оданочување на доходот од работа од странство од страна на физички лица – резиденти на РСМ за календарската 2025 година

Управата за јавни приходи ги информира физичките лица, кои се даночни резиденти на Република Северна Македонија и кои оствариле доход од работа од странство во текот на календарската 2025 година, дека се должни да поднесат електронска пресметка на аконтација на данок преку своите кориснички профили на системот е-даночни услуги.

Физичките лица, кои во текот на годината остварувале доход од странство, кој подлежи на оданочување со данок на доход согласно Законот за данокот на личен доход,имаат обврска да поднесат електронска пресметка на аконтацијата на данок на доход и докази до органот за јавни приходи, до 10-ти во месецот кој следи по месецот во кој е остварен доходот (член 88 став 1 точка 4 од Закон за данокот на личен доход).

По исклучок на оваа законска одредба, за доходот остварен по основ на плата и пензија од странство, за кој е платен данок во странската држава, обврзникот е должен да поднесе електронска пресметка на аконтацијата на данок и докази за платениот данок до органот за јавни приходи, најдоцна до 31 март во годината што следи по годината во која е остварен доходот(член 88 став 2 од Закон за данокот на личен доход).

Специфичности за доходот од странство по основ на работа
Физичките лица – даночни резиденти на Република Северна Македонија, кои во текот на календарската 2025 година повремено остварувале доход од странство кој подлежи на оданочување согласно одредбите од Законот за данокот на личен доход (ЗДЛД), а за кој не е платен данок на личен доход во странство (држава договорничка), имаат обврска истиот да го пријават преку системот е-Даночни услуги на Управата за јавни приходи со поднесување на аконтативна пресметка (е-ПДД) до 10-ти во месецот, и да го платат данокот на личен доход до 15-ти во месецот, за доходот остварен во претходниот месец .

Додека пак, физичките лица даночни резиденти на Република Северна Македонија, кои доходот го остварувале континуирано, на месечна основа во текот на 2025 годината, а за кој данок на личен доход е платен во странската држава, имаат обврска истиот да го пријават со поднесување на аконтативна пресметка (е-ППД) преку системот е-даночни услуги најдоцна до 31 март 2026 година. Покрај доказите за износот на остварениот доход, задолжително се доставува доказ за платен данок издаден од надлежен орган за јавни приходи во странската држава. Со ова се намалува товарот за поднесување пресметки и докази секој месец.

За износот на платен данок во странство за физичките лица даночни резиденти на Република Северна Македонија, може да се намали пресметаниот данок во земјата-РСМ, најмногу до износот на данокот кој би се добил со примена на законската стапка од 10%. За да може да се оствари ова право, задолжително, како прилог кон пресметката, физичкото лице потребно е да достави доказ од надлежниот даночен орган во странство, во вид на Уверение или друга потврда за платен данок, со кој ќе се потврди дека данокот бил платен. Во случај данокот платен во странство да е во износ помал од 10%, физичкото лице ќе има обврска да ја доплати разликата на данокот до 10% во земјата-РСМ, додека пак доколку данокот во странство надминува износ од 10%, тогаш физичкото лице нема да има обврска за доплата на данок во земјата-РСМ.

Кој се смета за резидент на РСМ за даночни цели?
Согласно одредбите од ЗДЛД, резидент за даночни цели е физичко лице кое има:

  • постојано живеалиште во Република Северна Македонија, или
  • престојувалиште во Република Северна Македонија, при што се смета дека лицето има престојувалиште доколку престојува во земјата, непрекинато или со прекини, повеќе од 183 дена во кој било дванаесет месечен период.

Резидентниот статус на граѓаните на Република Северна Македонија

  • Граѓаните кои имаат постојано живеалиште во земјата се сметаат за резиденти за даночни цели на РСМ согласно одредбите од ЗДЛД.
  • Резидентниот статус на граѓаните упатени на привремена работа во странство во земја со која Македонија има применлив договор за одбегнување на двојното оданочување, се одредува имајќи ги во предвид и одредбите од односниот договор.
  • Доколку за време на привремената работа во овие земји, центарот на нивните витални интереси (лични интереси: поблиската фамилија и пријатели, социјалните односи, како и економски интереси: активни сметки во македонски банки, активен договор за вработување со македонска компанија која го упатила на работа во странство) се наоѓа во Република Северна Македонија, истите ќе се третираат за даночни резиденти на РСМ. Во спротивен случај, односно доколку центарот на витални интереси се наоѓа во земјата во која се упатени (на пример нивната поблиска фамилија, брачен другар и деца, или партнер, престојуваат со нив во странство), тогаш истите нема да се третираат за даночни резиденти на РСМ. Резидентниот статус во другата држава се потврдува со уверение (или друг сличен документ) за даночен резидент издадена од надлежниот даночен орган на другата држава.
  • Резидентниот статус на граѓаните упатени на работа во земја со која немаме применлив договор за одбегнување на двојното оданочување, се одредува согласно ЗДЛД. Доколку за време на работата во странство истите го имаат задржано постојано живеалиште во земјата се сметаат за даночни резиденти на РСМ.

Резидентниот статус на странски физички лица

  • Странските физички лица чиј престој во земјата надминува 183 дена во дванаесетмесечен период се сметаат за даночни резиденти на РСМ согласно одредбите од ЗДЛД.
  • Резидентниот статус на странските физички лица кои доаѓаат од земја со која имаме применлив договор за одбегнување на двојното оданочување, се определува земајќи ги во предвид одредбите од односниот договор.
  • Доколку за време на нивниот престој во РСМ, центарот на нивните витални интереси (лични интереси: поблиската фамилија, односно брачен другар или партнер, и деца, како и економски интереси: активни сметки во македонски банки, активен договор за вработување со македонска компанија) се наоѓа во Република Северна Македонија, истите ќе се третираат за даночни резиденти на РСМ. Во спротивен случај, односно доколку центарот на витални интереси се наоѓа во земјата од која доаѓаат (на пример нивната поблиска фамилија, брачен другар или партнер, и деца остануваа во другата земја), тогаш истите нема да се третираат за даночни резиденти на РСМ.

Список на држави со кои се склучени договори и дополнителни информации се достапни на
👉 http://www.ujp.gov.mk/mk/regulativa/pregled/tr/md

Како се пополнува пресметката?
Пресметката се пополнува со внесување на основните лични податоци, период за кој се однесува пресметката, понатаму податоци за видот и подвидот на доходот како и податоци за износот на остварен доход, валутата во која истиот е остварен, датумот на остварување, а системот автоматски врши конверзија во денари на износот во странска валута по среден курс на Народната банка на РСМ на денот на остварување на доходот, датум на платен данок во странство, платен данок во странство и платен данок во МКД. Пресметката ја разгледува и одобрува службено лице од Управата за јавни приходи.

Кон пресметката задолжително се прикачуваат докази (потврда од исплатувачот, извод од банка, договор за извршени услуги и други документи) со кои се потврдува остварениот доход од странство и задолжително доказ за платениот данок во странската држава (доказ издаден од даночниот орган во странската држава).

За повеќе информации во врска со пополнувањето на пресметката може го погледнете следното видео:
https://www.youtube.com/watch?v=gcAcns_QFoE

Помош и поддршка

Управата за јавни приходи ги известува физичките лица, кои имаат остварено доход од странство по основ на работа, за кој е платен данок во странската држава, и за кој имаат законска обврска да поднесат електронска пресметка на аконтацијата на данок и докази за платениот данок до органот за јавни приходи, истото да го сторат во законски предвидениот рок, односно најдоцна до 31 март 2026 година.

Дополнително, ги потсетуваме даночните обврзници на редовната обврска за дохот од странство навремено да поднесат е-ППД преку системот е-даночни услуги и да ја извршат уплатата на данокот, со цел почитување на законските прописи и избегнување на евентуални прекршочни или даночни постапки.

Информации во врска со начинот на пријавување на остварен доход од странство и видовите на доход кој подлежат на оданочување согласно Закон за данок на личен доход може да погледнете тука.

Ги упатуваме даночните обврзници да ги разгледаат и мислењата издадени од Управата за јавни приходи поврзани со примена на одредбите од Законот за данокот на личен доход кои може да се најдат тука.

Даночните обврзници кои имаат потреба од дополнителни информации или поддршка можат да се обратат на:
е-Пошта: info@ujp.gov.mk
Телефонски броеви:
Од фиксна линија: 0800 33 000
Од мобилен телефон: 02 3253 200

 
http://www.ujp.gov.mk
© Управа за јавни приходи на Република Северна Македонија