Memorandum_mk
12.01.2018
ОРГАНИЗИТОРИ НА ЗЕЛЕНИ ПАЗАРИ – ДО 15 ЈАНУАРИ ПОДНЕСЕТЕ ИЗВЕШТАЈ ЗА КОРИСИНИЦИТЕ НА ТЕЗГИ НА ЗЕЛЕНИ ПАЗАРИ ЗА 2018 ГОДИНА

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за персоналниот данок на доход („Службен весник на РМ“, бр.190/2017) се менува начинот на пресметување и плаќање на персоналниот данок на доход за приходот што го остварува физичко лице од продажба на производи на продажни места (тезги) на зелените пазари (види дел III. ФИЗИЧКИ ЛИЦА КОИ ОСТВАРУВААТ ПРИХОДИ ОД ПРОДАЖБА НА СОПСТВЕНИ ЗЕМЈОДЕЛСКИ ПРОИЗВОДИ И ТРГОВЦИ КОИ ОРГАНИЗИРААТ ЗЕЛЕНИ ПАЗАРИ од Брошурата „Пресметување и плаќање на е-Персонален данок на доход“ преземи http://www.ujp.gov.mk/mk/publikacii/pogledni/67).

Како организатор на зелен пазар, имате обврска до Управата за јавни приходи да поднесете Извештај за корисниците на продажните места на зелените пазари, односно Извештај за тековна состојба (образец ПДД-И/ЗП) преку системот e-pdd.ujp.gov.mk најдоцна до крајот на година која претходи на годината за која Управата за јавни приходи треба да изврши утврдување на данокот. По исклучок, Извештајот за корисниците на продажните места на зелените пазари врз основа на кој треба да се изврши пресметување на данокот за 2018 година, имате обврска да го доставите до Управата за јавни приходи најдоцна до 15 јануари 2018 година.
Извештај ПДД-И/ЗП се поднесува посебно за секој одделен зелен пазар.

Насоки за поднесување на Извештај за тековна состојба ПДД-И/ЗП преку e-pdd.ujp.gov.mk

  • Податоци за зелениот пазар
    Преку системот e-pdd.ujp.gov.mk се прикажува листа на зелени пазари, од која треба да ги повлечете податоците за зелениот пазар за кој го поднесувате Извештајот за тековна состојба ПДД-И/ЗП.
    Доколку во системот не постојат податоци за зелениот пазар за кој треба да поднесете Извештај, тогаш отворете го посебниот прозорец на екранот, преку кој ќе поднесете барање за запишување на пазарот, во коe треба да ги внесете податоците за пазарот – име, адреса каде што е лоциран пазарот и евентуално дополнителни информации. Откако службено лице од Управата за јавни приходи ќе го прифати барањето за запишување на пазарот, ќе може да го пополните Извештајот, избирајќи го конкретниот пазар од системската листа.
     
  • Даночен период и рокови за поднесување на Извештајот
    Од лизгачкото мени изберете ја годината за која го поднесувате Извештајот ПДД-И/ЗП и автоматски ќе се пополнат податоците за даночниот период (од – до) и рокот за поднесување на извештајот.
    При поднесување на Извештајот за тековна состојба ПДД-И/ЗП, вообичаено во менито ќе ви биде понудена само следната календарска година, освен при поднесување на извештајот за тековна состојба во 2018 година, кога преку менито ќе ви биде понудена година „2018“ (се избира при поднесување на Извештајот за 2018 година во законскиот рок до 15.01.2018 година) и година „2019“ (се избера при поднесување на Извештајот за 2019 година во законскиот рок до 31.12.2018 година).
     
  • Податоци за корисници на продажни места
    Во Извештајот за тековна состојба ПДД-И/ЗП внесете ги корисниците на продажни места – вршители на дејност и физички лица, а не треба да ги внесувате корисниците на продажни места – правни лица.
    Внесете ги поодделно податоците за секое лице кое треба да биде активен корисник на продажно место (тезга) на зелениот пазар на 1 јануари во годината за која ќе се врши пресметување на данокот (даночен период). На пример, во Извештајот ПДД-И/ЗП за периодот 01.01.2018 – 31.12.2018 година, внесете ги сите активни корисници на тезги на 01.01.2018 година.
    Со внес на ЕДБ/ЕМБГ на корисникот на тезга, системот ќе ги повлече автоматски податоците Назив / Име и презиме на обврзникот. Доколку корисникот на тезга – физичко лице не постои во Регистарот на даночни обврзници на УЈП, преку системот ќе добиете соодветна порака, а за да го внесете во Извештајот, потребно е лицето да се регистрира со поднесување на Пријава за регистрација на даночен обврзник (образец УЈП-РДО) до надлежната даночна канцеларија.
    За секој корисник на тезга внесете го Периодот на закуп од (задолжително 01. 01 во годината – даночен период), Периодот на закуп до (до крајниот датум определен со договорот за закуп на тезга, но не подоцна од 31 декември во годината даночен период), изберете „Нов корисник“, внесете ја шифрата на дејност на корисникот и вкупниот износ на закупнина за времетраењето на закупот.
     
  • Потпишување на Извештајот
    По внесот на сите податоци, извештајот треба да го потпише со дигитален сертификат лицето кое сте го овластиле за потпишување за ПДД во системот е-Даноци.

НАПОМЕНИ:

1) За секоја настаната промена на корисниците на продажни места на пазарот (нови корисници и одјавени корисници), треба да поднесете Извештај за корисниците на продажните места на зелените пазари, односно Месечен извештај за промени ПДД-И/ЗП, најдоцна до 10-ти во месецот кој следи по месецот во кој настанала промената.
Управата за јавни приходи дополнително ќе објави насоки и упатства за поднесување на Месечен извештај за промени, како и за исправка на погрешно внесени податоци во Извештајот ПДД-И/ЗП.
2) Поднесете Годишен Извештај за корисниците на продажните места на зелените пазари за 2017 година на образец ПДД-ГИ/ЗП преку е-даноци, најдоцна до 31.01.2018 година.

 
http://www.ujp.gov.mk
© Управа за јавни приходи на Република Северна Македонија