Управата за јавни приходи функционира единствено на територијата на Република Северна Македонија.
Врз основа на Законот за Управата за јавни приходи, ги извршува управните и други стручни работи кои се однесуваат на делокругот на нејзиното работење, како и работи кои произлегуваат од посебните даночни закони. Управата за јавни приходи оперативно ја спроведува даночната политика, го води единствениот даночен регистар и даночните евиденции на даночните обврзници, прима даночни пријави, ги утврдува, врши наплата и поврат на даноци, социјални придонеси од плата и други јавни давачки, врши инспекциски надзор, им дава помош на даночните обврзници за исполнување на нивните даночни обврски, го следи и анализира функционирањето на даночниот систем и дава предлози за негово унапредување, соработува со даночни органи од други држави и дава меѓународна правна помош во даночни предмети.
Во изминатите години, надлежностите на Управата за јавни приходи се проширени со работите кои се однесуваат на управувањето и извршувањето заради наплата на парични казни и трошоци изречени во парнични, прекршочни и управни постапки во корист на Република Северна Македонија, на утврдувањето и наплатата на други јавни давачки доверени со закон или по склучен договор со надоместок кој е приход на Република Северна Македонија, на надзор над примена на Законот за спречување на перење пари и други приноси од казниво дело и финансирање на тероризам и постапки кои произлегуваат од Законот за минералните суровини.
УЈП примарно е задолжена за управување (наплата) на:
- персоналниот данок
- данокот на добивка
- данокот на додадена вредност
- социјалните придонеси од задолжителното социјално осигурување
- парични казни, односно глоби и трошоци изречени во парнични, прекршочни, кривични и управни постапки во корист на Република Северна Македонија
- и на сите други јавни давачки за кои надлежноста се утврдува со закон или врз основа на склучен договор
Посебноста на Управата за јавни приходи се манифестира преку нејзината значајна улога во обезбедувањето средства во Буџетот на Република Северна Македонија со што го обезбедува остварувањето на функциите на државата, а кои во зависност од надлежностите, во последните години се движат околу 62%-68% од проектираните Приходи на Основниот Буџет и фондовите. Со проширување на надлежностите над наплатата на прекршочните глоби и казни и радиодифузната такса, таквиот придонес се зголемува.