Акт за основање на Управата за јавни приходи (УЈП) е Законот за Управата за јавни приходи („Службен весник на Р.М.“, бр. 80 од 30.12.1993 година) кој е во примена од 1 јануари 1994 година. Со донесување на овој закон, постојната Републичка управа за приходи и нејзините подрачни органи – одделенијата за даноци и одделенијата за инспекција – продолжуваат да работат како Управа за јавни приходи со нов делокруг утврден со овој закон. Новата институција ги презема и ги вклучува во својот состав и вработените од Службата на општествено книговодство на Република Македонија коишто работат на работи на контрола.
За статусот и функционирањето на Управата за јавни приходи од основно значење е Законот за Управата за јавни приходи, а процесен закон по кои УЈП ги уредува и води своите постапки е Законот за даночна постапка.
Законот за Управата за јавни приходи, донесен во месец септември 2005 година, со измените и дополнувањата од 2008, 2009 и 2010 година, претставува правна рамка со која се уредува делокругот, организацијата, начинот на вршење на работата и раководењето, како и овластувањата и одговорностите при собирањето, евидентирањето, обработката и заштитата на податоците во врска со работите на УЈП.
Со последните измени и дополнувања на Законот во 2008 година, се создаде и основата за новата организација на УЈП по функционален модел и за промена на статусот на вработените во „даночни службеници”.
Законот за даночна постапка, донесен во 2006 година и со измените и дополнувањата од 2009, 2010 и 2011 година, на единствен начин го регулира: општото даночно право, постапката на утврдување на данокот, постапката на контрола, постапката на наплата на јавните приходи, правата и обврските на даночните обврзници, постапката по жалба, водењето на прекршочна постапка и прекршочните одредби.
Правната рамка, вклучувајќи ги и подзаконските акти и оперативните инструкции за работа на одделните функции на Управата, обезбедува можност за засилување на административниот капацитет за спроведување на законодавството и за борба против одбегнување на плаќање даноци.

