Etax
Физички лица Правни лица Меѓународни организации
Пребарување на даночни
обврзници
Внесете назив, седиште, единствен даночен број (ЕДБ) или матичен број (МБ) на даночниот обврзник
П
В
С
Ч
П
С
Н
1 2 3 4 5 6 7
8 9 10 11 12 13 14
15 16 17 18 19 20 21
22 23 24 25 26 27 28
29 30 31        
Recnik
Даночен речник - преглед по поими

Даночниот речник опфаќа дефиниции на поими и кратенки кои директно или индиректно се поврзани со даночното работење. Како систематизиран материјал, речникот првенствено е сублимат на терминологија опфатена и дефинирана во законските и други прописи.


Т
Тајно друштво

Настанува со договор со кој едно лице (таен содружник) вложува, односно учествува со паричен и непаричен влог во претпријатието на друго лице/претприемач - јавен содружник и врз основа на влогот стекнува право да учествува во добивката и во загубата на претпријатието. Влогот на тајниот содружник влегува во имотот на претприемачот - јавниот содружник.

 
Таксена тарифа

Тарифа по која се плаќаат административните такси согласно Законот за административни такси.

(види и административни такси)
 
Таксен обврзник

Лице по чие барање постапката се покренува, односно се вршат дејства предвидени со таксената тарифа.

(види и административни такси)
 
ТВ томбола (ТВ бинго)

Игра на среќа во која учесникот поседува потврда за уплата која ја издава приредувачот на играта на среќа и на која во согласност со правилата на играта на среќа, однапред се впишани броеви, а добитник е учесникот кој поседува потврда за уплата што покажува комбинација на броеви (комбинација на добивката) која според правилата на играта е означена како добитна, при што броевите на оваа комбинација се добиваат по пат на механичко или електронско јавно извлекување и тоа на ден кој е однапред одреден и во однапред утврдено време, во согласност со правилата на игра, а со посредство на телевизиски медиум.

 
Технолошка индустриска развојна зона

Дел од територијата на Република Македонија како дел од царинско подрачје, одвоен од останатиот дел од царинското подрачје, посебно ограден и означен простор што претставува функционална целина во која се вршат дејности под услови пропишани со закон и во кој важат царински и даночни погодности. Технолошката индустриска развојна зона се формира заради развој на високо пропулзивни и современи технологии со воведување на економски профитабилно производство и ефикасна употреба на ресурсите со примена на највисоки еколошки стандарди. Технолошката индустриска развојна зона е слободна зона од аспект на царинскиот и даночните закони.

 
Толкувачи во управна постапка

Лица кои се стручњаци за јазик и кои со толкувањето (преведувањето) треба да овозможат разбирање помеѓу службеното лице на органот на управата и странките.

 
Томбола од затворен тип

Игра на среќа во која учесникот има томболска картичка која ја издава приредувачот на играта на среќа и на која во согласност со правилата на играта на среќа, однапред се впишани броеви, а добитник е учесникот кој поседува томболска картичка што покажува комбинација на броеви (комбинација на добивката) која според правилата на играта е означена како добитна, при што броевите на оваа комбинација се добиваат по пат на механичко извлекување кое не се пренесува со посредство на средствата за јавно информирање.

 
Траен отпис на даночен долг

Трајно отпишување на даночен долг и споредни даночни давачки откако ќе истече рок за застареност на утврдувањето и наплатата.

 
Трансакции на хартии од вредност

Промени на сопственоста на хартиите од вредност на секундарниот пазар, како резултат на нивно купување или продавање.

 
Трансакциона сметка

Единствен и неповторлив нумерички податок кој служи за идентификација на учесникот во платниот промет, а преку која истиот врши плаќање.

 
Трговец

Правно или физичко лице кое е регистрирано за вршење на трговска дејност во соодветниот регистар согласно закон.

 
Трговец-поединец

Физичко лице регистрирано во Трговскиот регистер кое како занимање врши некоја трговска дејност и кое за своите обврски одговара лично и неограничено со сиот свој имот. Странски трговец -поединец е секое физичко лице на кое тоа својство му е признато надвор од територијата на Република Македонија, во земјата чиј државјанин е, во која го има регистрирано седиштето и во која го води работењето на претпријатието.

 
Трговија

Купување и продавање на стоки, како и вршење на трговски услуги.

(види и трговец)
 
Трговија на големо

Купување на стоки заради натамошна продажба на трговците, преработувачите и големите потрошувачи во земјата и странство без оглед на тоа дали стоката е продадена во неизменета или во изменета состојба по обработка, преработка или доработка.

 
Трговија на мало

Продавање на стоки на крајните потрошувачи.

 
Трговски книги

Секој трговец, во согласност со принципите на правилно водено сметководство, води трговски книги на начин што ги прави видливи сите преземени трговски правни работи, состојбата на средствата, обврските, главнината, приходите и расходите. Трговските книги се водат на таков начин што секое трето лице експерт, при прегледувањето на книгите може да стекне општ преглед и увид во врска со работењето на трговецот и во врска со финансиската состојба и со финансискиот резултат на неговото друштво. Трговските книги мора јасно да покажат на кој начин биле започнати, водени и комплетирани сите трговски трансакции на трговецот. Трговските книги се водат по системот на двојно книговодство.

 
Трговскиот патник

Лице овластено во име и за сметка на давачот на полномошното (трговското друштво, односно трговецот-поединец) да склучува договори за продажба на неговата стока, да ја испорачува таа стока, да продава на кредит ако има посебно овластување за тоа, да ги прима изјавите на купувачите во врска со стоката што е предмет на тие договори, да дава изјави и да презема други дејствија заради зачувување на правата на давачот на полномошното, што произлегуваат од договорот што го склучил од негово име и за негова сметка.

 
Трговски полномошник

Вработено лице во трговско друштво или друго физичко лице кое за награда е овластено од застапниците на друштвото да го води претпријатието или негов дел, во рамките на даденото полномошно. Трговското полномоштво се дава во писмена форма со заверка на потписите кај нотар.

 
Трезор

Организациона единица при Министерството за финансии која управува со трезорската сметка и со други сметки на државата, а врши и други работи.

 
Трезорска главна книга

Официјален запис на податоците и трансакциите во врска со одобрените средства со буџетот, правото за трошење, пријавените преземени обврски, приливите и одливите за фискалната година на Буџетот на Република Македонија, на буџетите на општините и на другите институции.

 
Трезорска сметка

Сметка или систем на сметки управувани од страна на Трезорот, преку која се врши евиденција на наплатата на сите приливи и се извршуваат сите одливи на Буџетот на Република Македонија, на буџетите на општините и на други институции.

(види и трезор)
 
Трошоци на стечајна постапка

Побарувања кои вклучуваат трошоци на постапката, како што е надоместокот на стечајниот управник и на лица назначени од стечајниот управник, трошоци за продолженото работење на должникот, долговите што произлегуваат од овластувањата и надлежностите на стечајниот управник, трошоци што произлегуваат од договорните и правните обврски и други трошоци на постапката.

(види и стечајна постапка)
 
Тур-оператори

Лице кое настапува спрема патниците во свое име и притоа прима добра и услуги од трети лица кои се од непосредна полза за патниците. Туристичките услуги дадени од страна на тур-операторот се сметаат за една единствена услуга.

 
Тутунски добра

Пури и цигаролоси, цигари, тутун за пушење - фино сецкан тутун за виткање цигари и друг тутун за пушење.

(види и акциза, акцизно добро)
 
 


© Управа за јавни приходи на Република Македонија