Управата за јавни приходи е орган на државната управа во состав на Министерството за финансии, со својство на правно лице. Заклучно со 31.12.2010 година, бројот на вработени изнесува 1.327 лица.
Како даночен орган кој функционира единствено на територијата на Република Македонија, Управата за јавни приходи извршува управни и други стручни работи кои се однесуваат на делокругот на нејзиното работење и работи кои произлегуваат од посебните даночни закони.
Спроведувајќи ја оперативно даночната политика и наплатата на даноци, социјални придонеси од плата, парични казни, односно глоби и трошоци изречени во парнични, прекршочни, кривични и управни постапки во корист на Р.Македонија и други јавни давачки, Управата обезбедува остварување на функциите на државата, им дава помош на даночните обврзници за исполнување на нивните даночни обврски, го следи и анализира функционирањето на даночниот систем и дава предлози за негово унапредување, соработува со даночни органи од други држави и дава меѓународна правна помош во даночни предмети.
УЈП примарно е задолжена за управување (утврдување и наплата) на:
- персоналниот данок
- данокот на добивка
- данокот на додадена вредност
- социјалните придонеси од задолжителното социјално осигурување
- парични казни, односно глоби и трошоци изречени во парнични, прекршочни, кривични и управни постапки во корист на Р. Македонија
- и на сите други јавни давачки за кои надлежноста се утврдува со закон или врз основа на склучен договор.
Работите од делокругот на институцијата се вршат преку: Генерална дирекција, Дирекција за големи даночни обврзници, пет регионални дирекции со седишта во Скопје, Битола, Штип, Тетово и Кавадарци, осум даночни одделенија лоцирани во Охрид, Прилеп, Куманово, Струмица, Гостивар, Кичево, Велес и Гевгелија и 72 даночни шалтери кои треба да се отворат во сите општини.
I. ГЕНЕРАЛНА ДИРЕКЦИЈА
Генералната дирекција на УЈП ги утврдува стратешките цели и ги носи плановите за работа и го следи квантитавното и квалитативно исполнување на работите, надлежна е за координирање, надзор и контрола над работењето на сите функции и на единственото спроведување на даночната политика и во таа смисла давање стручна помош и едукација на пониските организациони структури и на функциите на УЈП, следење на примената на меѓународните договори и обезбедување на меѓународната правна помош од областа на даноците и предлагање на измени во даночната политика заради унапредување на даночниот систем и поефикасна наплата на даноците. (види и органограм)
II. РЕГИОНАЛНИ ДИРЕКЦИИ И ДИРЕКЦИЈА ЗА ГОЛЕМИ ДАНОЧНИ ОБВРЗНИЦИ
Регионалните дирекции и Дирекцијата за големи даночни обврзници се надлежни за оперативните активности поврзани со водење на регистерот на даночни обврзници и на сите даночни евиденции, прием на даночни пријави, утврдување на даночни обврски, наплата на даноците и враќање на повеќе или погрешно платените даноци, спроведување на контроли, поведување и водење на прекршочни постапки, поднесување на кривични пријави, издавање на исправи за работи за кои се водат евиденции и давање на појаснувања на даночните обврзници за примена на даночните прописи. (види и органограм)
III. ДАНОЧНИ ОДДЕЛЕНИЈА И ДАНОЧНИ ШАЛТЕРИ
Даночните одделенија и Даночните шалтери се надлежни за прием на даночни пријави и утврдување на нивната исправност и законитост, водење евиденции, а особено за давање услуги на даночните обврзници во вид на појаснувања за примена на даночните прописи и процедури, или во вид на давање исправи за работи за кои УЈП води евиденции. (види и органограм)

