Etax
Физички лица Правни лица Меѓународни организации
Пребарување на даночни
обврзници
Внесете назив, седиште, единствен даночен број (ЕДБ) или матичен број (МБ) на даночниот обврзник
П
В
С
Ч
П
С
Н
        1 2 3
4 5 6 7 8 9 10
11 12 13 14 15 16 17
18 19 20 21 22 23 24
25 26 27 28 29 30  
Recnik
Сеуште верувам во даночна амнестија
21.01.2012

За Дневник, 21 јануари 2012 година
Новинар: Мирче Јовановски


Господине Трајковски, УЈП е главниот полнач на државната каса. Какви се резултатите за 2011година?

- За 2011 година бевме обврзани да наплатиме 54.737.000.000 по основа на даноци (ДДВ, персонален данок и данок на добивка), а наплативме 55.624.419.000 денари, што во проценти е повеќе за 1,62 процент. Во споредба со 2010 година, пак, наплатата е зголемена за 10,68 проценти. Кај ДДВ наплатени се 12,02 повеќе од 2010, кај персоналецот 7,22 проценти, а кај добивката за 5,34 проценти повеќе во однос на 2010. Во вкупната структура на буџетските приходи, над 60 отсто отпаѓаат на овие три приходи.

Како го објаснувате ваквото префрлање на „нормата“, со оглед што 2011 беше кризна година?
- Криза е широк поим. За Македонија може да зборуваме за повеќедецениска криза. Факт е дека 2011 беше кризна, но такви беа и 2010, 2009 и 2008 година. Она што можеме да го дефинираме како некризна година од аспект на полнење на буџетот и општата економска клима беа 2007 и првите два квартала на 2008 година, кога стопанството не работеше под бремето криза и неизвесноста што ќе се случи. Ние докажавме дека континуирано, без разлика на се, успеваме да ги оствариме буџетските проекции, а кои се сами по себе премногу комплексни, бидејќи даноците не извираат сами од себе, туку се дел од вкупната макроекономска проекција. Убавината е што даноците не се виртуелна категорија, туку произлегуваат секаде каде што има остварено економска активност, односно профит.

Какви се Вашите очекувања за годинава, со оглед што претстои уште една кризна година?
- Предвидувањата по дефиниција се неблагодарни. Но, во делот на даноците ќе си земам за право да бидам оптимист. Иако во 2012 година треба да наплатиме 8,36 отсто повеќе даноци во однос на предвиденото за 2011 година, оваа стапка за УЈП не е 8,36 отсто, туку 6,63 отсто, заради тоа што во 2011 година наплатата ја натфрливме со 1,6 отсто. Имајќи го искуството од минатите години, кога исто така бевме под психолошки притисок на кризата, ја задржувам дозата на оптимизам дека во делот на даночните приходи ќе ги оствариме буџетските проекции.

УЈП неодамна се пофали дека е меѓу управите што остваруваат најдобри резултати во наплатата на буџетските приходи. Истовремено, сивата економија зафаќа висок процент. Како ги коментирате таквите оцени кога еден дел очигледно останува неоданочен?
- УЈП максимално избегнува да се фали. Ние се трудиме да изнесуваме факти, а фактите не се фалба. Тоа е нашата вистина. Меѓутоа, дека не е само наша, поткрепено е и со длабински анализи и извештаи на одделот за даноци на ММФ, а истите оцени ги потврди и ЕУ, каде што во рангирањето на земјите-кандидати и земји што се во преговори, како и земји-членки на ЕУ, македонската даночна администрација според сите перформанси беше на врвот во Југоисточна Европа.

Сепак, ако сме толку успешни во наплатата, зошто е толку висока стапката на сивата економија?
- Јас уште немам сретнато точна формула што ќе ја измери сивата економија во Македонија. Првиот пат кога имав можност да дадам процени колкава е сивата економија, во време на конфликтот во 2001 година, храбро проценив дека е 40 отсто. Сега нема да се впуштам во оцени дали е 30 отсто, но ќе нагласам битни моменти во намалување на сивата економија. Прво, влегувањето на индивидуалните земјоделци во даночниот систем, а станува збор за околу 105 илјади вршители на дејност. Кога ќе се формираат откупните центри и ќе проработи агроберзата, сж повеќе ќе се има слика што се случува во таа сфера, која е доминантна во македонската економија и која последниве години е силно поддржана, со над 100 милиони евра годишни субвенции. Не смееме да дозволиме тие 100 милиони евра во субвенции да бидат генератори на сивата економија. Во најмала рака треба да се следат. Второ, да не ја заборавиме и бруто-платата, која ја воведовме на почетокот на 2009 година, кога беше шпицот на светската економска криза. Еден многу добар индикатор во Македонија беше отсуството на социјални немири и протести. Не поради тоа што постои некоја аморфна маса која не ја засегаат социјалните права, или до толку развиена сива економија што го компензира социјалниот немир, туку мислам дека бруто-платата беше клучна која конечно ги извади картите на масата за да се види што се случува на пазарот на труд.

Што е со даночната амнестија што ја промовиравте кон крајот на 2010 година? Тогаш Ве обвинуваа дека е пробен балон на власта. Дали и сега мислите дека би дала добри ефекти за Македонија?
- Мое лично задоволство е што се покажа дека не сум пробен балон што ја тестира јавноста. И по дванаесет и пол месеци упорно стојам на тоа гледиште. Ако кон крајот на 2010 година кажав дека вреди да се размислува за еден таков чекор во Македонија, сега на почетокот на 2012 година повеќе од убеден сум дека е потребно. Во контекст на еврокризата стануваме една од забележителните точки, бајпас-рута на светските текови на пари. Колку би ја искористиле таа шанса со условно кажано „даночна амнестија“, парите да поминат низ Македонија, а истовремено да не го добиеме епитетот даночен рај, бидејќи немаме амбиција да бидеме офшор-земја, ниту да бидеме втор Кипар на Балканот, ниту Карипски или Девствени Острови. Историјата не дава постојано вакви шанси и треба да ја искористиме компаративната предност што ја имаме.

Малку ме збунивте, бидејќи даночната амнестија се врзува за пари кои се одлеани од Македонија, а ова што го велите за финансиските текови, дали е отворање врата за валканиот капитал?
- Не. Валканиот капитал си ги има своите патишта, без оглед дали имало криза или не. Има институции и механизми што ќе се борат против тоа. Даночната амнестија значи враќање на сигурноста кај македонските граѓани кои имаат свои заштеди или капитал надвор од Македонија, тој капитал да го донесат назад во Македонија.

Зошто сметате дека еврокризата ни оди во прилог?
- Сега парите се многу посигурни во македонските банки отколку во банките на некои европски држави. Верувам дека македонски државјани што имаат пари во Грција и во Кипар не се толку спокојни како што биле спокојни пред две, три или пет години. Сега би биле многу посреќни доколку тие пари ги донесат во Македонија. Тој што има пари во Грција, сигурно ќе ги мигрира парите некаде, особено ако е нерезидент. Тоа, впрочем го прават и грчките државјани. Прашањето е дали македонските граѓани кои имаат заштеди во банки во такви земји ќе ги мигрираат парите во некоја друга европска дестинација или ќе им се отвори убав терен да ги донесат во Македонија. Нивно право е што ќе прават со парите потоа.

Колку пари мислите дека би влегле со евентуалната даночна амнестија?
- Ќе останам конзервативен и ќе кажам дека доколку една милијарда евра успееме по оваа основа да донесеме во Македонија, значи пари на македонски граѓани да дојдат во нашата земја, Македонија ќе направи голем чекор.

Не е ли ваквата постапка награда за лошите момчиња?
- Не станува збор за простување на даночен долг. Зборуваме само за широко отворање на вратите, при што нема да кажеме еве година дена институциите ќе мижат и правете што сакате, туку однапред би се поставиле правилата на игра. Од старт треба да се оградиме од влез на нечист капитал. А доколку ни се протне нешто такво, постојат механизми, бидејќи таквите дела не застаруваат.

 

ЌЕ ТРЕБА ВРЕМЕ ДА СЕ РАСПЛЕТЕ „ПАЈАЖИНАТА“

Го следите ли судскиот процес за случајот „Пајажина“? Дали се потврдија наодите на УЈП за даночно затајување?
- Ќе треба уште многу време да помине за да се искристализира сликата за она што се нарекува процес „Пајажина“. За УЈП сега е интересна стечајната постапка која се отвори на наше барање, преку државниот правобранител. Сметавме дека од она што го покажуваа бројките и фактичката состојба во „А1“, во една регуларна постапка за присилна наплата шансите да го наплатиме даночниот долг ни се сведени на нула. Целиот мој фокус и на вработените во УЈП е кон стечајната постапка на „А1“ и судбината на останатите поврзани лица од даночен аспект, да наплатиме што повеќе од утврдениот даночен долг. Во делот на кривичната постапка, УЈП можеби беше лидер на случувањата околу „А1“, но УЈП ниту поднесе кривична пријава, ниту учествуваше во кое било дејствие на прогон. Тоа беше надлежност на МВР и на колегите од Финансиска полиција. Ние сме само странка во својство на сведок во кривичната постапка.

Дали е нешто наплатено, посебно што има информации дека „А1“ ќе оди во ликвидација?
- Од она што јас во моментов го знам, многу сме далеку од ликвидација. УЈП се уште ги нема добиено пописот и процената што треба да ја направи стечајниот управник и да помине пред стечајниот судија и пред Одборот на доверители. Одборот на доверители е тој што ќе каже што понатаму со „А1“. Но, што понатаму со имотот што остана, прво треба да видиме кој е тој имот и колку вреди. Потоа доверителите ќе седнат на маса, каде што УЈП е само еден од доверителите.

Колку побарува УЈП?
- Управата побарува околу 400 милиони денари по основа на ДДВ, персонален данок и данок од добивка. Да не заборавиме дека покрај кривичната и стечајната постапка, тече и онаа наша оригинерна постапка, тоа е даночната управна постапка. Во втор степен се потврдија наодите на УЈП, а во моментов немам информација дали „А1“ беше заинтересирана да поведе и управен спор.

 


© Управа за јавни приходи на Република Македонија