Etax
Физички лица Правни лица Меѓународни организации
Пребарување на даночни
обврзници
Внесете назив, седиште, единствен даночен број (ЕДБ) или матичен број (МБ) на даночниот обврзник
П
В
С
Ч
П
С
Н
1 2 3 4 5 6 7
8 9 10 11 12 13 14
15 16 17 18 19 20 21
22 23 24 25 26 27 28
29 30          
Recnik
Не ми е лесно, но платен сум да немам емоции кога блокираме компании!
06.12.2012

За Капитал (неделен магазин), 06.12.2012 година
Новинар: Александар Јанев

Има многу вицeви за даночниците во кои што најчесто тие се опишани како сурови луѓе. Многу такви шеги, всушност, првпат ги слушнав токму во Управата за јавни приходи пред почетокот на интервјуто со директорот Горан Трајковски. На пример, дека даночниците не ги напаѓаат ајкулите од колегијалност, или дека заедничко со забарите им е тоа што нанесуваат болка и притоа бараат да им биде платено за тоа. И тоа всушност ми беше инспирација да го прашам директорот Трајковски, дали е лесно да се работи оваа работа?! Тој во ова интервју отворено зборува за тоа колку многу истоштува да се наплаќаат даноци во време кога компаниите немаат пари, но како природата на оваа професија налага да се блокираат емоциите секогаш кога треба да се блокира некоја фирма. Освен тоа, Трајковски за „Капитал“ зборува за причините за падот на даночните приходи, за повратот на ДДВ, за економските трендови идната година.

Податоците покажаа потфрлување во даночните приходи во споредба со лани. На што се должи тоа, дали на немоќта на компаниите да плаќаат даноци поради намалувањето на обемот на работа или пак, инспекторите во услови на криза станаа попустливи?
- Не станува збор за попустливост на даночната администрација, тоа е лесно за докажување. Фактите потврдуваат зошто се случува ова потфрлување. Само податокот за падот на индустриското производство од последниот квартал минатата година, па до сега, ја одразува реалноста во собирањето на приходите. Не можеме да кажеме дека тоа не се чувствува во поглед на плаќањето на даноците. Од друга страна, Македонија и понатаму е лидер во доброволна наплата на даноците. Најголем дел од компаниите, односно 94% доброволно ги исполнуват своите обврски за плаќање даноци. Само 1,7% се новооткриени даноци за плаќање во инспекциска контрола. Тоа значи дека не станува збор за тренд на даночна евазија што ја зафатила Македонија, напротив, и покрај сите удари од оваа криза што ја чувствуваат компаниите, менаџерите го задржаа нивото на свесност за плаќање на даноците, како предуслов да опстанат на пазарот. Последно нешто што тие би го направиле за да опстанат е да евазираат во делот на плаќање на даноците кон државата.

Колку УЈП е флексибилна кога станува збор за наплата на даноци, во услови кога кризата во домашната економија кулминираше во неликвидност кај приватните компании?
- Ние со закон имаме дефинирано што можеме, а што не можеме да направиме. Друго е прашањето колку самите компании се свесни што им нуди законот како можност. Имаме една парадоксална ситуација, сите мислат дека знаат се во оваа држава, меѓутоа информациите им се од нерелевантни извори, врз основа на чуени муабети од некои компании. Многу ретки се случаите кои кога имаат проблем со плаќањето на даноци, се обраќаат директно во УЈП заеднички да менаџираме некакво решение. Дури откако ќе почне фаза на присилна наплата, односно ќе ги блокираме сметките на компанијата, тогаш директорите доаѓаат во УЈП. Ние тоа го воочивме и токму поради тоа, години наназад ги едуцираме дека постои институт продолжена доспеаност. Тоа значи дека компанија може да најави дека ќе доцни 90 дена со исполнување на обврската, без никакви санкции. Тоа законски и следува на секоја компанија и тука УЈП не може да каже дали една фирма има такво право поаѓајќи од тоа дали сте симпатични или не. Освен тоа, има можност и за плаќање на рати, односно репрограмирање на долгот на 36 рати. Со тоа, доколку уредно ги подмирувате ратите, каматите што настануваат во тој период се отпишуваат. Имаме низа други алатки што може да им бидат од огромна помош на компаниите во вакви услови и ние многу агресивно ги промовираме. Не ни е целта присилна наплата и инспекциски надзор.

Меѓутоа, сепак податоците за блокирани сметки покажуваат сурова реалност. Имате ли грижа на совест кога ќе слушнете дека УЈП затворила стотици објекти, или поради тоа што половина од фирмите во земјава се со блокирани сметки. Дали со текот на годините успеавте да го потиснете човекот во Вас и на ова да гледате само како на бројки, но не како на човечки судбини?
- Колку и да звучи сурово, судбината на ова работно место е таква и јас примам плата за да немам емоции во однос на блокираните сметки на фирмите и човечките судбини позади тие бројки. Меѓутоа, сите сме луѓе, некои помалку некои повеќе, воопшто не се пријатни тие информации кога ќе чуете каква судбина се крие позади секоја блокирана фирма, колку работници не зеле плата и колку семејства настрадале. Она што мене како човек ми обезбедува мирна совест и мирен сон е веќе добро етаблираниот проект на бруто-плата. Кога гледам дека оваа економска криза сурово се чувствува и во Македонија, ние сепак имаме фиксен број на вработени со стабилна и константна исплата на плати и тоа е фактот што ме смирува. Вакви проблеми имало и ќе има, но верувајте, онаму каде што УЈП се јавува како основен чинител на блокирање на сметките на фирмите, сите претходни механизми се најмалку по три пати искористени, за на крај да дојде до тоа. Одговорно тврдам дека ги анализираме сите можности како да не дојде до блокирање за да може компаниите да продолжат да работат, да не дојде до отпуштања, да има редовни плати. Најнепосакувано решение e блокирана сметка, бидејќи тогаш таа компанија во нашите евиденции добива статус на полуактивна, а тоа значи дека од тој даночен обврзник во следниот период не можеме да очекуваме да биде полнач на Буџетот на државата.

Ме загрижуваат последиците од кризата

Какви Ви се очекувањата за економијата во следната година, дали овој тренд на блокирање на приватните компании ќе продолжи со исто темпо, од што ќе зависи?
- Не треба да сте многу паметен за да заклучите дека кризата е многу сериозна. Она што од првиот ден ме плаши е што кога „големите киваат, малите добиваат бронхитис“, а ние сме мали. Нормално е кога светски економии, па дури и германската се судираат со голема криза, ние ги чувствуваме последиците, но сепак можам да кажам дека во одредени сегменти и полесно поминуваме. Нашата Влада воведе неколку атипични антикризни мерки кои беа токму во насока на одржување на стандардот на граѓаните. Прво, не ја зголеми стапката на ДДВ, иако најголем дел од земјите во Европа мораа да го сторат тоа. Освен тоа, многу неопходни производи во земјава, храна, лекови, земјоделски препарати, што порано се оданочуваа со стапка од 18%, се категоризираа во групата што се оданочува со 5%. Денешницата покажува дека тоа ги даде очекуваните ефекти. Деновиве бевме бомбардирани со информации дека ќе имаме големи отпуштања од градежната индустрија, но од тоа што јас го гледам од исплатените плати, таков тренд нема. Не дај боже, можеби ќе се случи, но лично не верувам во тоа. Видете што се случува во Словенија. Од тоа што го знам јас, сите проблеми што досега се туркаа под килим и допрва ќе излезат на виделина, експлозијата ќе биде уште поголема. Ние како млада држава, во такви услови успеавме да ја прошириме даночната база и до крајот на минтата година имаме 200.000 граѓани кои уредно декларираа дека имаат приходи надвор од редовната плата. Доколку како единица мерка за патриотизмот се земе плаќањето даноци, ние сме најголеми патриоти во Европа.

Сепак, зборуваме за економска стагнација и стабилност во такви услови. Дали Ве загрижува тоа што Македонија не може да оствари високи стапки на економски раст што ќе го почувствуваат сите граѓани?
- Секако дека ме загрижуваат последиците од економската криза која ги истоштува и компаниите и граѓаните. Но, она што ми дава вистинска надеж е што се бележи силно мобилизирање на сите ресурси за излез од кризата и конечно остварување високи стапки на економски раст. Оваа криза овозможи УЈП да се промени во начинот на работење и од еден репресивен орган, кој казнувал и наплатувал, да се претвори во партнер на стопанството кој едуцира и гради партнерски односи со компаниите.

Вие сте одговорен за полнењето на државниот Буџет со даноци, но кога би се прашувале Вие како да се трошат народните пари, каков би бил Буџетот?
- Ова за мене е многу тешко прашање и во старт признавам дека мојот став не е објективен. Кога секојдневно фокусот на работата е кон приходите, се нема време да се мисли на расходната страна, исто како и во семејството, едни се задожени за приходи, а други за расходи. Единствено што ми останува е да се грижам за расходите во УЈП, која, како што е евидентирано и во ревизорските извештаи, е многу ригорозна кон себе кога станува збор за трошењето, било за патувања во странство или во земјата, прекувремената работа и користењето на сите ресурси. Само за илустрација, дури внимаваме и на секое парче хартија како го трошиме и за што го трошиме, што само по себе говори за нашиот однос кон денарот. Примери од овој тип може да набројувам безброј.

Владата обелодени дека половина од долгот кон приватните компании е вратен. Имате ли Вие податок колку пари се исплатени, колку тоа може да ја подобри ликвидноста во економијата?
- Од позиција на една компанија, пари никогаш доволно. И така треба да биде, тоа е она што треба да ве води напред. Од она што јас го следам, а тоа е повратот на ДДВ, напуштена е практиката да се сервисира два пати неделно, туку секој ден. Враќањето на ДДВ значително ја подобрува ликвидноста на компаниите, и јас што и да додам во овој дел може да биде сфатено на овој или на оној начин. Ова прашање го покрена бизнис-заедницата и колку повратот на ДДВ може да влијае на ликвидноста најдобро може да одговорат тие. Јас само може да потврдам дека имаше доцнење, но никогаш не било на толку критично ниво како што се доби впечаток во јавноста.

Нема безболно плаќање даноци, поентата е помалку да боли

Како ги коментирате изјавите на бизнисмените кои велат дека државата има двоен аршин бидејќи е брза и ефикасна во наплатата на даноци, а доцни со исплаќањето на своите обврски?
- Двоен аршин нема, доволно е да се погледне Законот за ДДВ кој вели дека неточно пријавениот, неблаговремено пријавениот, па дури и пријавениот, а неплатен данок е кривично дело. Тврдам дека оној што пријавил ДДВ, а не го платил до 25 во месецот нема добиено кривична пријава. Доколку по тој основ УЈП поднесуваше кривични пријави, тогаш можевме да зборуваме за двоен аршин. Напротив, нашата определба за перманентно следење на сите компании, од најмалите до најголемите придонесе да се изгради партнерски однос, за да го направиме плаќањето даноци што побезболно. Ниту имало, ниту ќе има безболно плаќање даноци, но поентата е помалку да боли.

Има многу милионери во Македонија

Вие ги знаете најбогатите луѓе во државата, меѓутоа не ги објавувате нивните имиња во јавноста. Колку милионери има во земјава, какви профили на луѓе се тие, со што се занимаваат?
- Секогаш кажувам дека УЈП не е „Форбс“ и дека ние ја немаме листата на најбогати луѓе по сите основи. Ние опфаќаме само еден сегмент на граѓани кои во текот на една година оствариле најмногу приходи надвор од редовните примања, како што се платата и пензијата. Тоа се оние 200.000 граѓани што поднесоа годишни даночни пријави лани и што зборува за зголемената даночна свест, но и за пораст на духот на претприемништво кај македонските граѓани кои наоѓаат нови начини на заработка. Тоа е за поздравување. Не е генерална оценка за богатството, но Македонија има многу милиониери ако зборуваме за денари, но не е занемарлив ниту бројот на оние што заработуваат во милиони евра или долари. Според последните податоци што ги објавивме, сите десет најголеми зарботки лани се над милион евра. Тие потекнуваат од веќе познати бизниси, поединци, кои своето знаење, умеење и искуство успеале да го материјализираат по пат на преговарање, посредување и тоа не само во земјава, туку и меѓу светски мултинационални компании. Она што е позитивна последица на градежниот „бум“ изминатите години е што се создадоа атрактивни имоти на територијата на Македонија кои се стопанисуваат и сопствениците имаат добри заработки од давањето на тој имот под закуп. Тоа што порано беше исплатливо, односно капиталните добивки од хартии од вредност, од дивиденди, повеќе не е, поради општо познатата состојба на Македонската берза.

Колку ќе се продлабочува кризата, толку повеќе ќе ни треба даночна амнестија

Што се случи со Вашата идеја за воведување даночна амнестија? Дали сте разговарале со претставници од Владата, какво е расположението за еден таков потег?
- Јас се уште стојам зад тоа што го кажав и пред две години. Сметам дека и денес оваа тема е многу актуелна и вреди да се дискутира за ова и да се бара начин како да се спроведе. За да се имплементра, потребно е да се вклучат сите, и државата и стопанството, да разговараме и со оние „сенки“ што ги имаат парите надвор од земјава за да се најде модел како тие да ги донесат парите што ги чуваат надвор во земјава. Треба да се изгради доверба за еден ваков проект. Се додека трае кризата, ова прашање ќе станува се поактуелно. Сметам дека даночната амнестија во насока на привлекување на капиталот од странските банки во земјава е повеќе од потребно. Министерот за финансии, Зоран Ставрески, ја остави отворена можноста за дијалог, а го изнесе и неговиот личен став дека не е поборник на даночните амнестии. И јас се сложувам со тоа дека амнестијата има две страни, меѓутоа дали условите на криза се факторот што ќе пресуди во корист на спроведување на таков потег, останува прашање на кое треба да се добие одговор низ една широка јавна дебата.

Како одлучува Управата во која фирма ќе врши инспекција, односно контрола? Како знаете кои се најризични даночни обврзници?
- Анализата на ризикот и проценка на најризичните даночни обврзници коишто ќе бидат предмет на контрола е процес што повеќе години е силно етаблиран во УЈП. За тоа најдобро говорат бројките. Од 2006 година кога 280 инспектори направиле контроли кај околу 25.000 даночни обврзници и утврдиле низа незаконитости и неправилности како што е помалку платени даноци, оваа година со 180 даночни инспектори, направени се за половина помалку контроли, а нето-даночниот ефект е зголемен дури и до 15 пати. Согласно со најдобрите светски практики, имаме развиено систем со посебни индикатори кои за секоја компанија укажуваат степен на ризичност, односно дали е ургентно да биде контролирана, во кој сегмент, кој профил на инспектори да ја конторлираат. Тој систем на анализа на ризикот секојдневно се надградува, и од година во година, доаѓа до прочистување на листата и се дефинираат компаниите кај коишто постои неопходност од спроведување контрола. Одговорно тврдам дека споредено со сите земји во регионот, ние сме најмалку десет чекори понапред од другите, па дури и од земји-членки на ЕУ.

Што покажува овој систем, кои се најризични сектори во земјава за плаќање даноци?
- На пример, градежништвото е еден од најризичните сектори. Има одлични градежни компании, меѓутоа и такви коишто претежно се занимаваат со градежништво, кои навистина се движат по работ, со едната нога во легалната, а со другата во сивата економија. Тие внесуваат голема правна несигурност во целата индустрија и сите 26 гранки кои гравитираат околу градежништвото. Ризични се, исто така, и индустриите што се знамиваат со откуп и преработка на секундарни суровини, пред се на металите. Во последните месеци заедно со колегите од финансиската полиција разбивме цели синџири на фантом-фирми кои правеле големи злоупотреби со ДДВ со откупот на секундарни суровини. Се уште не се довоно уредени правилата на игра во оваа индустрија и од тој аспект за даночни цели важи за високо ризична. Услужната дејност исто така спаѓа во високоризична категорија, меѓутоа во услужна дејност спаѓаат и нотарите, извршителите, приватните здравствени установи, за кои не можам да кажам дека се ризични. Некои категории како водоинсталатери, молери, приватни офталмолошки ординации кои нудат оптичарски услуги покажуваат елементи на висока ризичност и генерираат сива економија.

УЈП се повеќе се фокусира на електронското работење. Кои се предностите од тоа за приватните компании и како се навикнуваат тие на овој начин на работење?
- Прво се скратува времето. Секој еден чекор и обврска што ја има даночниот обврзник кон УЈП е измерен во часови, денови за пријава на ДДВ. Месечните даночни обврзници, на пример, треба да поднесат пријави за ДДВ 12 пати во годината, во зависност од основната дејност, може ќе имате и по неколку исправки на даночната пријава. Ако сето тоа го симплифицираме по електронски пат и јасно кажеме дека со просечни вештини, потребни се само 15 минути од вашата канцеларија да ја исполните обврската што претходно одземала од 4 до 8 часови, бенефитите се огромни. Поразвиените компании веднаш може да ги валоризираат заштедите, помалите кои не се свесни за трошоците за комуникација со даночните управи ќе ги сфатат подоцна. Меѓутоа, истрајно се оди кон прифаќање на електорнски услуги и електронската комуникација, бидејќи тоа го наложува и ова современо време на живеење. Друг момент е тоа што електорнските комуникации овзоможуваат да нема физички контакт меѓу даночниот обврзник и службеникот. Секогаш кога има физички контакти постојат можности за некакво манупулирање од типот познанство со службеничката на шалтер, па преку ред да ја доставите пријавата. Тоа веројатно ќе ги изреволтира останатите. Тој начин на работа остава можност за ситна корупција и градење систем на недоверба во системот. Електронско пријавување е транспарентно, не остава можност за фингирање на податоци. Едноставно, станувате поголеми господари на своето време, а што е времето нема потреба да објаснувам.

Минатата недела го одбележавте денот на даночниците најавувајќи неколку новини во работењето на Управата за јавни приходи. Колку сте задоволен од резултатите што ги постигнавте годинава, какви промени може да очекуваат даночните обврзници?
- Реално да кажам, задоволен сум од резултатите што ги постигна Управата за јавни приходи оваа година во вакви економски услови, но човечки е да се признае дека секогаш може и подобро. Сите вработени во УЈП, од топ-менаџментот па до секој даночен службеник ги знаат нашите приоритети, а најголем предизвик на секој даночник е да открие каде се можностите за проширување на даночната база. Бидејќи постои јасна одредба дека нема зголемување на даноците во земјава, а како и сите други, и ние имаме потреба од зголемување на приходите од даноци, тоа единствено може да се постигне преку зголемување на даночната база. Тоа не значи дека на мала врата ќе се наметнуваат нови обврски, туку напротив, да се открие кои се зоните што не се доволно опфатени со оданочување и она што се нарекува сива зона, да го адаптираме во легалната економија.

 


© Управа за јавни приходи на Република Северна Македонија