Etax
Физички лица Правни лица Меѓународни организации
Пребарување на даночни
обврзници
Внесете назив, седиште, единствен даночен број (ЕДБ) или матичен број (МБ) на даночниот обврзник
П
В
С
Ч
П
С
Н
        1 2 3
4 5 6 7 8 9 10
11 12 13 14 15 16 17
18 19 20 21 22 23 24
25 26 27 28 29 30 31
Recnik
Не станувам заложник кај ниту еден директор! Ќе “играме” фер!
01.02.2007

За Капитал (неделен магазин), 01.02.2007 година
Новинар: Виолета Цветковска


На 18 декември минатата година се соочив со опасноста дека нема да ја исполнам ДДВ проекцијата за декември и ќе имаме дефицит од 400 милиони денари. Ако сакав, имав многу механизми, изворни македонски, за да ја решам таа ситуација, посебно што имавме три-четири ДДВ поврати (вторник и четврток). На пример, можев да кажам што е вратено-вратено, сега - стоп и пуштаме контроли и бараме ,,рачка,, за да не враќаме повеќе ДДВ, каде потоа би покажал резултати. Има и друг метод - да ги викнам најсилните фирми, да ги седнам во канцеларија и да им речам: Ве молам уплатете ми ДДВ по ”грешка” а јас во јануари ќе ви вратам. Не го направив ни едното ни другото. Одев на ризикот на 31 декември 2006 да ми се појави “џеб”. Со ова сакам да ви кажам дека за 400 милиони не станувам заложник на ниту еден директор кој во моментот ќе ми излезе во пресрет.
На пример, ако го стопирав повратот на ДДВ-то ќе паднеше во вода сe што сме работеле претходните два месеци - демагогија. И не влеговме во минус, дури натфрливме со 102,7%.

Да се започнат длабоки, даночни или било кои други економски реформи е политичка одлука. Владата донесе таква одлука. Но, да се спроведат тие реформи е оперативна работа. Дали Управата за јавни приходи (УЈП) е оперативниот столб на реформската влада и дали има капацитет, стручен и кадровски да ги спроведе тие засилени реформи?

Трајковски: Капацитетот на УЈП не се разликува по ништо од капацитетот на државата, односно од општите состојби во Македонија. Каква ни е државата, таква е и Управата. А какви сме ние, таква оценка јас најмалку можам да дадам. Управата сепак е еден орган со традиција, како и да се викала во минатото, меѓутоа, основно е дека УЈП има свои корени и има стручни кадри. Тие се разбира никогаш не се доволни, но за оптимум функции можеме во секое време да се мобилизираме, да ги збиеме редовите и да одговориме на сe што ни произлегува како обврска од актуелните случувања со даночните и економските реформи, во приоритетите кои се приоритети и на Владата и на здравиот разум. А тоа е да се соочиме со сивата економија без утописка заложба дека ќе ја уништиме во целост, но да се сведе на поднослив процент.

Сивата економија Ви е приоритет?

Трајковски: Приоритет ни е исполнување на буџетските барања во делот на даночните приходи, а во функција на тој приоритет ни е сe останато. Значи прво проширување на даночната база, поголем опфат на даночните обврзници, а со тоа директно го тангираме и прашањето на сивата економија. Дел од таа сива економија да ја внесеме во системот. Кога зборувам да ја внесеме во системот, од името на УЈП зборувам само во даночниот дел, додека целосното интегрирање на сивата економија бара низа други претпоставки, законски, вклучување на други институции, министерства, како Министерството за економија и други. Ние во моментот ќе ги користиме сите законски претпоставки со кои располагаме да покажеме дека секој во оваа држава може да биде оданочен. И не само може, туку треба да биде оданочен.

Воведувањето на рамниот данок е централниот имиџ на оваа Влада. Но, има буџетски дефицит од околу 25 милиони евра. Какви се Вашите професионални проценки. Подготвени ли сте да го супституирате овој минус со некој поголем даночен опфат?

Трајковски: Ние мораме да бидеме подготвени, колку и да звучи ова војнички. Едноставно тоа е обврска на Управата. Колку и ние да сме ја имале комоцијата во системот да тактизираме со приходи, да ги толкуваме законите арбитрарно, сега веќе нема простор за тоа. Само како пример може да го земеме ДДВ-то.
Ние од првиот ден на воведување на ДДВ како УЈП имаме законска обврска во рок од 30 дена да постапиме врз основа на барањето за поврат на ДДВ-то.Тоа не е ништо ново. Но, шест години наназад од страна на УЈП се случува нивелирање, или покривање на неефикасност во прибирање на месечни или годишни приходи од страна на оние кои работеле овде, користејќи го повратот (невраќањето) на ДДВ. Така, на пример, замислете, ни се случи во 2003-та година, во времето на министерот Гошев и господинот Васковски, да биде суспендиран повратот на ДДВ (!?). Требаше да се случи огромен притисок на ММФ и на УЈП, да се компензира повратот на 2003 година, а нормално да се работи во 2004 година.

Сакате да кажете дека за да го заштити својот институционален имиџ (министерството за финансии и УЈП во тоа време) се оштетуваа даночните обврзници, пред сe компании и стопанството, со тоа што не им се враќаше ДДВ?

Трајковски: Токму така. Така, де факто, и стапот и морковот, така вели законот, се на страна на Управата. Ние имаме правни лекови, право на приговор, жалба судска заштита, но со оглед на должината на постапките тоа е премногу за стопанството. Од друга страна, ние како УЈП си земаме за право да речеме: Не враќаме за 30 дена затоа што овој месец имаме помала наплата на средства. И колку ни фалат - 500 милиони денари! За 500 милиони ќе го намалиме повратот? Тоа се користеше порано.

Која државна институција Ве контролира за ваквото однесување. Државната ревизија или некој друг?

Трајковски: Во овој дел не. Колку јас што сум читал извештаи од ДЗР (Државниот завод за ревизија) вакви наоди немало. ДЗР воопшто не се мешаат во политиката на УЈП за поврат на ДДВ-то.

Станува збор за политика или за закон. Дали тука на сцена треба да стапат антикорупциските тимови?

Трајковски: Невраќање на ДДВ во пропишан рок е кршење закон. Поради тоа, во еден извештај на Државната комисија за спречување на корупцијата имаше забелешка дека креирањето на ДДВ - долговите двострано, од страна на стопанството кон државата и од државата кон стопанството е можен извор на корупција.

Дали можеме да констатираме дека сте подготвени за реформи?

Трајковски: Не, јас не би сакал да го користам терминот реформи, бидејќи мислам дека сите сме веќе уморни од реформи. Ние заедно со ММФ најдовме многу убав израз, а тоа е модернизација. Значи ние не ја реформираме УЈП, таа си останува Управа за јавни приходи, но ја модернизираме според потребите на мигот во кој живееме и работиме. Информатички ќе се зајакнеме, ќе бидеме потранспарентни, ќе воведеме нови услуги. Ништо ново, сето тоа функционира во другите економии. Сетоа тоа да биде проследено со мерење на ефектот, колку се примени пријави, колку данок е вратено и слично. А крајната оценка на ефектот ја дава оној на кој му правиме услуги - а тоа е стопанството. Многу не интересира гласот на крупното стопанство, големите даночни обвзници, кои сега се во рамки на новата Дирекција, преку која полесно ќе ги сознаеме нивните потреби.

Сепак повторно се враќаме во некоја веќе видена фаза: ,,Ќе,,! Дури и во јавноста се враќате со стара кампања, со повик за даночна дисциплина. Дали прибирањето на даноци е во криза и ова е паничен потег, дај набрзина нешто да направиме, да маскираме, па макар со старо?

Трајковски: Факт е дека за овие пет месеци нешто е веќе направено, не е сe ,,ќе,, како што велите. Нешто е започнато, нешто се довршува. Што се однесува до застарената ПР кампања тоа не е е во наша надлежност, туку тоа го прави Министерството за финансии. Не сме толку обучени за тоа, имаме работа да прибираме даноци, целото медиумски претставување е на Министерството за финансии.

Но, факт е дека нешто на планот на даноци се случува, посебно кај фискализацијата. Вистински куриозитет е некој во продавница или кафуле да ви даде фискална сметка. Ги испуштивте ли конците?

Трајковски: Не. Фискализацијата е стара работа, но факт е дека некој во УЈП ја ставил фискализацијата на маргините на интересот. Тоа нашите даночни обврзници го чувствуваат. Тие точно знаат кога и дали некому ,,засилено му дишеме во вратот, или не,,, со фискализацијата, со персоналецот или друго. Многу лесно сме читливи. Но ние имаме некоја, каква-таква бројка од 80% покриеност со фискални апарати во продажната мрежа. Тоа е процент кој вели: Назад нема, да видиме што натаму? Но, ние уште се бавиме со прашања од 2001: имаш или немаш фискален апарат, наместо да прашуваме - го користиш ли, како го користиш и што има внатре во тој фискален апарат?
Во меѓувреме немаше законски измени, усогласувања, воведување глоби. Но, се случи еден момент - УЈП ја изгуби казнената функција и се претворивме во неми посматрачи на ситуацијата, а да не можеме да напишеме прекршочна пријава. Немаме обрасци, се смениле, треба нови тендери и сл.
За ваквите законски стапици се обратив и до Владата да објаснам што се случува, дека ни е одземена суштинската надлежност. Тоа е еден проблем, друг е што УЈП во моментот нема право да заплени стоки без потекло, кои ги затекнала на терен кај даночен обврзник. Порано одземавме со црни вреќи. Ако некому еднаш му заплените, друг пат ќе размисли што прави. Не знам како ќе звучам, но говорам од позиција на даночник. Направен е невиден злостор во законите, кои ја засегаат УЈП и се одразува врз нејзината работа. Наместо да се бориме против даночна евазија, борба со корупција и сива економија ни се случува ова.
Како Управа ќе ги примениме законите онакви какви што се, затоа што во едно сум убеден: И најлошиот закон е добар ако се применува, и најдобриот закон е лош ако не се применува. Јас ни во ова пригода нема да ,,играм,, со бројки. Но затоа ќе кажам дека ако за четири години од страна на УЈП е поведена само една постапка за имотна состојба на именуван функционер, која заврши со решение, ние само за еден месец завршивме со уште четири предмети. И ако сакам да играм со јавното мислење, ќе речам дека за 400% сме ја зголемиле ефикасноста.

Кои се тие пикантни имиња со спорна имотна состојба?

Трајковски: Јас тоа пред некој ден го соопштив во јавноста, тоа е имотот на судијката Попчевска, која ја оданочивме за имот кој сметаме дека е без потекло со данок од 1,7 милиони денари (близу 30.000 евра). Нејзе и е замрзнат имотот и следи наплата на данок. И кога се бориме против корупцијата ние не се криеме зад законите, иако тие не се најсреќни, наспроти замајувањето на јавноста изминатите четири години дека имаме сјајни закони.

Дали овој закон важи самo за ,,поранешните,,?

Трајковски: Не. Еве, овие четири случаи не се за поранешните. Има и поранешни и сегашни. Иако не смеам да кажувам кои се останатите, бидејќи сe уште не е расчистено до каде се оди со шпекулации и што може да кажам, ќе напоменам дека меѓу оние кои, во моментот, силно ги притиснала Управата има и четири цариници, има судии, има именувани функционери. Во делот на анкетните листови, не ме интересира ни име, ни презиме, ни содржина.
Но, она што сакам да го кажам на прашањето дали УЈП е во криза, одговорот е категоричен: Не! Иако сега е неблагодарен датум да се говори за сработеното, она што се случува во делот на наплатата на ДДВ не ни дава за право да кажеме дека не сме во криза, исто како и кај новите даноци, иако треба да се сочекаат март и април да се види дали намалувањето на даноци ќе донесе и намалување на приходите. Можеби во однос на големината на стапката, но со зголемување на даночната база, очекуваме поголеми приходи.

Дали намерно нема да одите со пониски проекции на прибрани приходи за да не се покаже поголемо потфрлање?

Трајковски: Проекциите не ги правиме ние, туку Министерството за финансии.

Колку е сега степенот на исполнување на проекциите?

Трајковски: Можам да кажам за 2006 година, реализацијата на приходите е 102,7%. Треба притоа да се има предвид дека со ребалансот имавме дури и зголемување од 8,37% на бараните приходи.

Кого ,,притегнавте,, за вакво натфрлање во собраните пари. Големите компании, големите даночни обврзници?

Трајковски: Не, тоа го постигнавме со партнерски однос. Ние кај треба ќе притегнуваме и во иднина, но да ви кажам дека во последниот квартал дури за 35% е зголемен повратот на ДДВ кон стопанството. Тогаш стопанството е поликвидно, а кога е поликвидно тогаш е и поажурно во плаќањето даноци. Ризикот е голем, но мое длабоко убедување е дека колку ние повеќе си ги исполнуваме обврските, толку процесот ќе биде реверзибилен. Ова го потврди и средбата со големите даночни обврзници во ,,Александар Палас,, кога компаниите отворено можеа да кажат дали е тоа така или не.
Јас некаде на 18 декември се соочив со опасноста дека нема да ја исполнам ДДВ проекцијата за декември и ќе имавме дефицит од 400 милиони денари. Има многу механизми за да ја решам таа ситуација, посебно што имавме три-четири ДДВ поврати (вторник и четврток). Можев да кажам што е вратено-вратено, сега - стоп и пуштаме контроли и бараме ,,рачка,, за да не враќаме. Има и друг метод - да ги викнам најсилните фирми, да ги седнам во канцеларија и да им речам: Ве молам уплатете ми ДДВ по “грешка”, а јас во јануари ќе ви вратам. Јас не го направив ни едното ни другото. Одев на ризикот на 31 декември 2006 да ми се појави ,,џеб,,. Со ова сакам да во кажам дека за 400 милиони не станувам заложник на ниту еден директор кој во моментот ќе ми излезе во пресрет.
На пример, ако го стопирав повратот на ДДВ-то ќе паднеше во вода се што сме работеле претходните два месеци - демагогија. Не влеговме во минус дури натфрливме со 102,7%. Можеби е утопија, но се чувствува и кај стопанството и кај нас кога има фер - игра. Притоа не гледаме кој е кој, кој од која политичка заднина е. Можеме да ги видиме фирмите со име. Се враќаат по 50-60 милиони денари два пати месечно. А како нема да враќаме кога се работи за извозник. Дали Владата, или јас како УЈП имаме мандат на оваа сиромаштија и тешки услови за работа да уништиме нечиј извоз. Нечија компаниска иднина!? Бил кандидат за пратеник од спротивниот табор или не знам што и не знам кој. Што ме интересира, ако таа компанија работи силно, извезува, плаќа даноци - треба да има поврат. И не ме интересира ништо повеќе. Тој треба да добие 3-4 милиони евра поврат на ДДВ овој месец. Но, видете, веќе следниот месец тој ќе ни плати 4 милиони ДДВ. Затоа, ние како УЈП размислуваме и не сакаме да го фрлиме во канџите на банките со краткорочни задолжувања и високи камати кога се гледа дека има свои сопствени пари.

За сите Влади и менаџерски структури останува забелешката на нееднаков даночен третман. Даноци во источна, даноци во западна Македонија. Дали источна Македонија со своите редовни даноци го финансира развојот на западна Македонија, која е полош плаќач?Дали имате коалициски договор со албанскиот блок?

Трајковски: Дека има проблеми во наплатата- има, но тие се секаде. Од центарот на Скопје, до Берово и Штип. Секаде каде што има сива економија. Етничката структура ако се алудира на тоа, не може да се преслика кај даноците. Може да се бара одговорност кај поединци. На централно ниво, кај давачките, не можете да правите пари во свој атар, а да не излезете од атарот. Ако сте тетовска фирма морате да продавате и во Скопје, Струмица ... Ние во 2004 година имавме случај кога голем дел од даночните обврзници кои биле обврзници на Скопската дирекција ги мигрираа своите сметки во даночните управи во Кавадарци и Прилеп.

Таму не се плаќа данок?

Трајковски: Сакам да ми се одговори, и тоа од страна на УЈП, бидејќи ова го дознав од улица.

Деновиве голем дел од граѓаните добиваат решенија за плаќање данок на капитална добивка. За што станува збор?

Трајковски: Такви решенија ќе добиваат сe повеќе и повеќе. За сите податоци кои сме дошле од Берзата - за капитална добивка остварена на берзата, за лични примања по основ на авторски права, членства во управни одбори, закупнини, наемнини и слично, ќе изготвиме систематизарана даночната пријава.

Кога сето тоа ќе се обедини и кога ќе имаме единствена даночна база?

Трајковски: Секојдневно работиме на тоа. Хардверски сме подготвени, во моментот ни треба софтвер, за да ги користиме придобивките на единствениот даночен и единствениот матичен број, и да кажеме тоа и тоа лице со тој матичен број има остварено толку приходи. Но, тоа не е само во УЈП, туку и во МВР и во други институции, Агенција за заштита на лични податоци и Агенцијата за класификација на информации.

ММФ е тука. Што бара од Управата?

Трајковски: Да ги потврдиме роковите на што е договорено со стенд-бај аранжманот, околу функционирањето на канцеларијата за големи даночни обврзници, потоа профункционирањето на канцеларијата за големите плаќачи на придонеси, ПИОМ и Фондот за здравство, нашето учество во хармонизација на даночната основица на придонесите, односно единствена методологија, постапка и сл.
Потоа е примената на концептот на бруто - платите, а не како досега кога слабостите на институциите ги префрламе на фирмите. Не е идејата да се криеме зад лошите закони. Тој кредит на комоција одамна е потрошен.

Зошто со Премиерот отидовте кај градоначалникот Трифун Костовски? Имате нешто да си кажете од времето на заедничкото работење, или нешто актуелно?

Трајковски: Јас можам да кажам за мене. Повод беа јавните претпријатија и нивните обврски кон УЈП. Факт е дека најголемите јавни претпријатија се токму во Скопје, а тие се најголемите должници. Ние секојдневно ја менаџираме кризата со Јавната хигиена и Јавното сообраќајно претпријатие. Требаше да одам таму за да ги слушнам проблемите на јавните претпријатија иако со година и пол работа таму некои работи ги знам изворно.

 


© Управа за јавни приходи на Република Северна Македонија