Etax
Физички лица Правни лица Меѓународни организации
Пребарување на даночни
обврзници
Внесете назив, седиште, единствен даночен број (ЕДБ) или матичен број (МБ) на даночниот обврзник
П
В
С
Ч
П
С
Н
      1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31  
Recnik
05.01.2026
Почетокот на првата фаза од тестирањето на системот е – Фактура го најавија Министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска и директорката на УЈП Елена Петрова

Директорката на Управата за јавни приходи, м‑р Елена Петрова, и министерката за финансии, г‑ѓа Гордана Димитриеска Кочоска, денеска одржаа заедничка прес‑конференција во Медија центарот на Владата на Република Северна Македонија, на која официјално беше најавен стартот на пилот‑проектот е‑Фактура – значаен чекор во дигитализацијата на финансиските и даночните процеси во државата.

Министерката Димитриеска Кочоска во своето обраќање истакна дека е‑Фактурата претставува важна реформа која носи повеќе транспарентност, правичност и стабилност за македонската економија и е сериозен чекор во борбата против сивата економија. Таа нагласи дека новиот електронски систем ќе ги замени традиционалните процеси поврзани со хартиени документи, со што се намалува административниот товар и се поедноставува работењето на компаниите.

„Со Е‑фактурата ја правиме економијата пофер, потранспарентна и поотворена за инвестиции, а конкуренцијата ја подигнуваме на повисоко ниво. На овој начин обезбедуваме фер услови за работа и основа за одржлив економски раст, кој директно придонесува за подобрување на животниот стандард на граѓаните. Од друга страна, за државата, Е‑фактурата ќе овозможи поефикасна наплата на даноците, заснована на точни и реални податоци, како и поцврста и попрецизна борба против сивата економија,“ рече министерката.

Директорката на УЈП Елена Петрова појасни дека во пилот фазата на е – Фактура ќе се тестира Апликативниот програмски интерфејс (API) за испраќање е‑фактури – технички мост што ги поврзува деловните софтвери со платформата за е‑фактурирање и овозможува автоматска и стандардизирана размена на фактури.

Таа нагласи дека: Tехничката документација за API интерфејсот е веќе објавена, а тест платформата е пуштена во употреба. Во тестирањето можат да учествуваат исклучиво регистрирани корисници на системот е‑УЈП, при што повратните информации од компаниите ќе имаат клучна улога во финалното унапредување на системот.

Ги повика сите компании и ИТ субјекти кои сакаат да се вклучат во тест фазата на системот за е‑Фактура и да ги следат чекорите за користење. Најпрво како што појасни потребно е да пристапат до целосната проектна документација на веб страницата https://efakturawiki.ujp.gov.mk и да ги усогласат постојните софтверски решенија на компаниите со техничките и функционалните барања на системот за е‑фактурирање.

Потоа, да се најават на https://eujptest.ujp.gov.mk/ureg и да доделат привилегии за користење на системот е-фактура, а преку https://efakturatest.ujp.gov.mk да се најават на тест платформата и да регистрираат валиден сертификат.

Во рамки на тестирањето, како што појасни директорката, компаниите изготвуваат и доставуваат дигитално потпишани тест е‑фактури преку API интерфејсот, Преку платформата за е‑Фактура компаниите имаат увид на испратените и примените тест фактури. Особено се важни повратните информации и препораки од страна на компаниите кои ќе го тестираат АПИ интерфејсот и за таа цел УЈП обезбеди посебен канал за поддршка и сите сугестии и забелешки од процесот на тестирање можат да ги доставуваат на електронската адреса Kontakt.eFaktura@ujp.gov.mk Од страна на УЈП формирани се тимови за поддршка, а ќе бидат назначени и даночни агенти кои ќе ги контактираат фирмите и ќе даваат поддршка во целиот процес на тестирање.

Директорката Петрова појасни и дека во тест фазата се користат реални податоци од регистрите на УЈП, но тест фактурите немаат правна или даночна важност. Таа најави дека до крај на првиот квартал годинава ќе биде објавена клиентска апликација и веб-портал за компании кои немаат сопствени системи за фактурирање, а до крајот на вториот квартал годинава ќе биде пуштен продукциски сервер и ќе следува постепен премин кон целосна имплементација.

Како што појасни Петрова, системот што се гради е државен, централизиран и функционира без посредници. Компаниите ќе комуницираат директно со УЈП, во реално време. Овој модел е усогласен со современите меѓународни стандарди и со ОЕЦД концептот Tax Administration 3.0, и обезбедува поголема безбедност, транспарентност и ефикасност.

Дигитално потпишаната тест е-фактура која е доставена до системот е-фактура, се валидира и по успешната валидација, фактурата добива единствен идентификатор – еИД, кој е моментот на нејзина правна важност. По издавање на фактурата и издавачот и примачот добиваат нотификација во истиот момент, рече Петрова.

Проектот Е – фактура има повеќе придобивки пред се навремен пристап до точни и структурирани податоци за деловните трансакции, намалување на злоупотреби, фиктивни фактури и непријавени приходи, поголема транспарентност и дигитална трага за секоја трансакција, можност инспекциските служби да работат насочено врз основа на реални сигнали, замена на дел од теренските контроли со автоматизирани и канцелариски контроли, побрзо следење на прометот и навремено утврдување на точните даночни обврски, а за државата – подобра предвидливост на буџетските приливи и поквалитетно фискално планирање.

 


© Управа за јавни приходи на Република Северна Македонија