Etax
Физички лица Правни лица Меѓународни организации
Пребарување на даночни
обврзници
Внесете назив, седиште, единствен даночен број (ЕДБ) или матичен број (МБ) на даночниот обврзник
П
В
С
Ч
П
С
Н
        1 2 3
4 5 6 7 8 9 10
11 12 13 14 15 16 17
18 19 20 21 22 23 24
25 26 27 28 29 30  
Recnik
Даночен речник - преглед по поими

Даночниот речник опфаќа дефиниции на поими и кратенки кои директно или индиректно се поврзани со даночното работење. Како систематизиран материјал, речникот првенствено е сублимат на терминологија опфатена и дефинирана во законските и други прописи.


П
Пазарна вредност на акција

Вредноста на акцијата којашто се формира на организиран институционализиран пазар на хартии од вредност - берза.

 
Пазарна вредност на недвижен имот

Вредноста на имотот која може да се постигне во слободниот промет во моментот на настанување на даночната обврска.

Утврдувањето на пазарната вредност на недвижен имот ја врши лице проценувач кое е вработено во единицата на локалната самоуправа, а по барање на единицата на локалната самоуправа може да ја врши и лице кое е овластен проценувач.

 
Паушалисти

Обврзници на приходи од самостојна дејност кои се оданочуваат според паушално утврден нето-приход.

 
Паушално оданочување

Може да бара обврзник кој поради определени околности не е во состојба да ги води деловните книги или нивното водење значително му го отежнува вршењето на дејноста и чиј нето-приход во годината која и претходи на годината за која се врши утврдување на данокот не е повисок од две годишни просечни плати.

 
Перење пари и други приноси од казниво дело

Дејствија преземени од страна на физички или правни лица во банкарството, финансиското или друго стопанско работење кои се состојат од пуштање во оптек, примање, преземање, заменување или раситнување на пари кои се прибавени со казниво дејствие (трговија со наркотични дроги, трговија со оружје и др.) или со претворање, промена, пренос или на друг начин прикривање дека потекнува од таков извор или прикривање на неговата локација, движење или сопственост.

 
Персонален данок на доход

Данок кој се плаќа годишно на збирот на нето-приходите од сите извори остварени во земјата и во странство, освен приходите иземени од оданочување согласно Законот за персоналниот данок на доход.

 
Плата

Плата утврдена согласно со закон, колективен договор и договорот за вработување.

 
Платен инструмент

Налог со кој учесникот во платниот промет му наложува на носителот на платниот промет да изврши плаќање.

 
Платен промет

Плаќања во денари што ги вршат учесниците во платниот промет преку носителите на платниот промет.

 
Плаќање

Претставува уплата на готови пари на трансакциска сметка, пренос на средства од една трансакциска на друга трансакциска сметка и исплата на готови пари од трансакциска сметка.

 
Плаќање на даночен долг

Исполнување на даночниот долг со плаќање на износот што се должи.

(види и даночен долг)
 
Плодоуживател (согласно Закон за даноци на имот)

Лице кое правото на плодоуживање го стекнува врз основа на правно дело (договор, тестамент) и со одржувачка.

 
Повеќе платен данок

Случај кога даночниот обврзник платил поголем износ во однос на износот на данокот утврден како долг за плаќање за соодветен даночен период.

 
Поврат на ДДВ

Ако износот на претходниот данок во одреден даночен период е поголем од износот на данокот кој е пресметан на прометот, разликата му се враќа на даночниот обврзник врз основа на негово барање кое е искажано во даночната пријава за ДДВ.

 
Поврзани лица за цели на ДДВ

Група на лица кои се правно независни, регистрирани за целите на ДДВ според член 51 од ЗДДВ и кои се тесно поврзани сопственички, организациски или управувачки.

 
Повторување на управна постапка

Вонредно правно средство чија примена, доколку се исполнат законските услови, може да доведе до повторно решавање на една управна работа за која постои конечно решение.

 
Поднесок

Општ и заеднички поим за сите видови писмени и усни соопштенија со кои поединците и правните лица им се обраќаат на органите во управната постапка (барања, обрасци за автоматска обработка на податоци, предлози, пријави, молби, жалби, приговори и други соопштенија).

 
Подружница

Организациона единица со седиште надвор од седиштето на трговското друштво организирана за вршење работи од предметот на работење на друштвото.

 
Посебна испитна постапка (согласно Закон за општата управна постапка)

Постапка, односно фаза во управната постапка, во која се преземаат посебни дејствија со цел да се утврдат факти и околности од значење за решението и да им се овозможи на странките да ги заштитат своите права и правни интереси.

 
Посебна постапка за задолжување со персонален данок на доход

Постапка која ја покренува УЈП за лице кое поседува имот или располага со средства поголеми од оданочените односно имотот кој го поседува и средствата со кои располага потекнуваат од приходи на кои не е утврден данок или е недоволно утврден данок.

 
Посебни игри на среќа

Tоа се игри на среќа во казино, игри на среќа во обложувалница и игри на среќа во автомат клуб.

 
Постапка за реорганизација во стечај

Постапката која го опфаќа: предлог на должникот за поведување на постапка на реорганизација; расправа и изјаснување на доверителите по предлогот; подготвување на планот за реорганизација; изјаснување на доверителите по планот за реорганизација; и сите други активности што со Законот за стечај ги презема стечајниот судија, должникот и доверителите, заради и во врска со реорганизацијата на должникот врз основа на планот за реорганизација.

(види и реорганизација на должникот во стечај)
 
Постапка на непостоење на услови за настанување на акцизен долг

Постапки кои се водат за добра подложни на акциза кои се наоѓаат во акцизен склад, или се транспортираат во постапка, во која не се пресметува и наплатува акциза.

 
Потврда за платен данок на странско правно лице

Се издава по барање на странското правно лице, примател на приходот, за износот на данок задржан и платен во Република Македонија за одделени видови на приходи, согласно член 29-б од Законот за данок на добивка.

 
Потврда за резидентен статус во Република Македонија (за даночни цели)

Ја издава Управата за јавни приходи на домашно правно лице-резидент на Република Македонија, на негово барање, и служи за одбегнување на двојното оданочување.

 
Потврда за резидентен статус (за даночни цели)

Потврда од надлежен даночен орган во странство дека одредено странско правно лице е резидент за даночни цели.

 
Правно лице

Трговско друштво и друга организациона форма во која едно или повеќе лица вложуваат пари, ствари или права во имот што го користат за заедничко работење и заеднички ја делат добивката и загубата од работењето. Правното лице е регистрирано во Трговскиот регистар или други Регистри на правни лица утврдени со закон.

 
Правосилност на решение во управна постапка

Решение со кое странката стекнала определени права, односно со кое на странката и се определени обврски, а против кое не може да се изјави жалба, ниту да се поведе управен спор. Решението станува правосилно и доколку странката се откаже од правото на жалба.

 
Правосилност на самооданочувањето

Самооданочувањето не може да биде променето со даночно решение на Управата за јавни приходи во рамките на рокот за застарување по истекот на една година, освен во случаи ако самооданочувањето се заснова на свесна измама, ако на друг начин промената е дозволена со закон и ако даночниот обврзник се согласи со промената.

(види и самооданочување)
 
Пребивање на даночни побарувања и даночни долгови

Претставува исполнување, односно плаќање на даночен долг, што се врши во случај кога даночното побарување е поголемо од даночниот долг и повеќе платениот данок се користи за намирување на пристигнати долгови по друг основ. Во постапката на пребивање, од износот на повеќе платен данок од одреден вид може да се намируваат даночни долгови кои се однесуваат за истиот или за друг вид на данок.

 
Предмет на донација и спонзорство

Финансиски средства; секаков вид добра и услуги, вклучувајќи и материјални добра, сопствено произведени или набавени; завештанија и други преносни права.

(види и донација (согласно законот за донации и за спонзорства во јавните дејности), спонзорство)
 
Прекршок

Противправно дело кое со закон е определено како прекршок, чии обележја се определени со закон и за кое е пропишана прекршочна санкција.

 
Пресметковна основа за тутунските добра

Малопродажна цена која ја определува производителот или увозникот како единечна трговска цена за пури, цигарилоси и цигари по парче и за тутун за пушење по килограм.

 
Престанок на даночен долг

Престанување на даночниот долг со негово плаќање, со пребивање на даночни побарувања и даночни долгови на ист даночен обврзник, со присилна наплата и со застарување.

(види и даночен долг, привремен отпис на данок)
 
Претпријатие

Збир од права, ствари и фактички односи кои имаат имотна вредност и кои припаѓаат кон трговската дејност на трговецот. Овие елементи ја сочинуваат активата на трговецот, но ги опфаќаат и неговите обврски. Претпријатието претставува целосен и и самостоен правен објект кој може да биде во промет.

 
Претходен данок (влезен данок)

Износ за кој се намалува данокот на додадена вредност што се должи за извршениот промет за одреден даночен период.

 
Приватен долг

Сите финансиски обврски кои се преземени од резиденти на Република Македонија кои не се носители на јавен долг претставуваат приватен долг.

 
Привидни зделки

Привидни правни работи со кои се прикрива некоја друга правна работа, а основата за утврдување на даночната обврска ја чини прикриената правна работа.

 
Привремено даночно решение

Може да биде даночното решение кога даночното утврдување уследило по податоци од даночниот обврзник, и Управата за јавни приходи сеуште не го испитала даночното решение во целост и кога не е сигурно дали постојат предуслови за настанување на данокот. Привременото даночно решение мора да биде означено како такво.

(види и даночно решение)
 
Привремен отпис на данок

Друга форма на престанок на даночен долг. Привремено се отпишува даночниот долг на оставителот ако оставителот нема наследник или ако ниеден од наследниците не се прифати за наследник. Исто така, привремено може да биде отпишан даночен долг, доколку се утврди дека наплатата нема да успее или трошоците за наплата не се во сооднос со даночниот долг.

(види и престанок на даночен долг)
 
Придонеси од задолжително социјално осигурување
  • Пензиско и инвалидско осигурување врз основа на тековна исплата;
  • Задолжително капитално финансирано пензиско осигурување;
  • Стаж на осигурување кој се смета со зголемено траење;
  • Здравствено осигурување; и
  • Осигурување во случај на невработеност.
 
Примател на донација

Може да биде домашно правно лице, како и странско правно лице кое има непрофитен карактер за остварување јавен интерес во друга држава во случаите на елементарни непогодни, природни и хуманитарни катастрофи.

(види и донација (согласно законот за донации и за спонзорства во јавните дејности))
 
Примател на спонзорство

Може да биде домашно правно лице кое врз основа на применото спонзорство ги извршува обврските што произлегуваат од договорот за спонзорство.

(види и спонзорство)
 
Принос од казниво дело

Секој имот или корист, прибавена непосредно или посредно, со извршување на казниво дело. Овој израз опфаќа и принос од казниво дело сторено во странство, под услов во времето кога е сторено да биде предвидено како казниво дело и според законите на државата во која е сторено и според законите на Република Македонија.

 
Принцип на паритет во стечај

Начело според кое побарувањата на доверителите од исти наплатни редови се третираат и намируваат пропорционално, според нивното побарување од имотот, кој е дел од стечајната маса која служи за распределба на доверителите од нивниот ред.

 
Приоритетно побарување во стечајна постапка

Побарување кое ќе биде платено пред исплаќањето на општите необезбедени доверители.

(види и доверител на стечајна маса)
 
Припадник на верско службено лице

Лице вршител на верски обреди и други верски работи согласно закон и прописите на верската заедница.

 
Приредувач на забавна игра

Трговско друштво и физичко лице-трговец поединец на кои им е издадена дозвола за приредување на забавни игри.

 
Приредувач на игра на среќа

Трговско друштво со седиште во Република Македонија на кое му е издадена лиценца, односно дозвола за приредување на игри на среќа и трговско друштво во кое содружник или акционер е Република Македонија и е основано за приредување на игри на среќа.

(види и лиценца за игри на среќа)
 
Присилна наплата на даночен долг

Начин/постапка на наплата на даночен долг од даночниот обврзник кој истиот доброволно не го платил во определениот законски рок. Предмети на присилна наплата, од кои се наплатуваат даноците во оваа постапка се: парични средства на должникот, парични побарувања на должникот, непарични побарувања и други права на должникот, готови пари и хартии од вредност, движни предмети и недвижности.

(види и даночен долг)
 
Пристигнатост (доспеаност) на данокот

Пристигнатоста на данокот се утврдува според роковите, утврдени со посебните даночни закони.

(види и ден на плаќање на данокот)
 
Приходи од авторски права и права од индустриска сопственост

Надоместок кој обврзникот го остварува од авторски права и права од индустриска сопственост.

 
Приходи од авторски хонорар (права) и други права на интелектуална сопственост (согласно Закон за данок на добивка)

Плаќање од било кој вид, примено како плаќање за употреба или право на користење на авторско право за: книжевно, уметничко или научно дело, вклучувајќи ги кинематографските филмови, софтвер, патенти, трговски марки и заштитни знаци, дизајни или модели, планови, тајни формули или постапка, или за информација во врска со индустриските, комерцијалните или научните искуства, кои права се заштитени со правните прописи и обичаи, со кои се регулира нивното стекнување и употреба.

 
Приходи од вршење на менаџмент услуги (согласно Закон за данок на добивка)

Приход остварен од организирање, планирање, координирање, контролирање и мотивирање, во остварувањето на целите на трговските друштва, односно во остварувањето на одредени економски резултати (профит).

 
Приходи од вршење на финансиски услуги (согласно Закон за данок на добивка)

Се сметаат приходите на странското правно лице остварени од:

  • издадени гаранции и други видови на обезбедувања;
  • камати од финансискиот лизинг;
  • трговија за своја сметка или за сметка на клиентот, било на берза, преку шалтер или на друг пазар со: инструменти на пазарот на пари (вклучувајки чекови, сметки, потврди за депозити), девизи, деривативни инструменти кои вклучуваат но не се ограничени на фјучери и опции, инструменти на девизниот курс и каматните стапки, вклучувајќи ги работите како што се свапс, термински спогодби за камати;
  • преносливи хартии од вредност;
  • други преносливи инструменти и финансиски средства, вклучувајќи ги и златните полуги, учество во издавањето на сите видови хартии од вредност, вклучувајќи го и преземањето на ризикот и пласирањето, во својство на агенти, и давање на услуги во врска со тоа издавање;
  • услуги во врска со пресметка и пребивање на финансиските средства, вклучувајќи ги хартиите од вредност, деривативните производи и другите преносливи инструменти;
  • советодавни, посреднички и други помошни финансиски услуги во врска со сите видови на финансиски услуги, вклучувајќи ги референците за кредитна способност и анализа, истражување и советување за инвестиции и портфолија, совети за преземање и преструктуирање и стратегии на претпријатијата; и
  • посредување во осигурувањето и реосигурувањето (активности на брокери, осигурителни и брокерски друштва и агенти), консултантските услуги, актуарските услуги и услугите во проценувањето на ризик.
 
Приходи од вршење услуги на истражување и развој (согласно Закон за данок на добивка)

Приход остварен од базни и технички истражувања, лабараториски и други услуги, проекти и елаборати (освен оние кои се однесуваат за инвестиции чија реализација е во тек), услуги на пропаганда, истражување на пазарот, огласување во медиуми, саемски приредби, промоција на производи во странство, анкетирање на јавното мислење. Под услуги на истражувањето на пазарот се подразбира: начин на прибавување на пазарни информации, одредување на карактеристиките на пазарите, мерење на потенцијалот на пазарот, анализа на учеството на пазарот, анализа на продажбата, истражување на трендовите во работењето, краткорочни и долгорочни предвидувања, испитување на понудите на конкуренцијата, истражување на цените, тестирање на нови и на постојни производи на пазарот.

 
Приходи од дивиденда (согласно Закон за данок на добивка)

Добивка од акции или други права на учество во добивката кои не се побарувања од долгови како и доход од други корпоративни права кои по однос на оданочувањето имаат ист третман, како и доходот на акциите според законот на државите чиј резидент е друштвото кое врши распределба.

 
Приходи од забавни и спортски активности кои се вршат во РМ (согласно Закон за данок на добивка)

Приходи остварени од организирање и одржување на јавни настапи кои ги вршат организирани групи и поединци исплатени на странски правни лица. Во приходите кои што припаѓаат кон претходно наведените, спаѓаат и надоместоците за: аудиовизуелни услуги, провизии поврзани со филмска и видео дејност, радио и телевизија, лиценци за дистрибуција на права и хонорари, оркестри и други културни и спортски дејности, котизации и членарини на културни и спортски организации, исплатени во корист на странското правно лице.

 
Приходи од закуп на недвижности во РМ (согласно Закон за данок на добивка)

Приходи кои што ги остваруваат нерезидентните правни лица од закуп на недвижен имот во Република
Македонија. Под недвижен имот се подразбира земјиште (градежно, земјоделско, шумско) и градежен објект на кој странското правно лице е сопственик согласно закон.

 
Приходи од земјоделска дејност

Катастарски приход што е утврден за секоја единица на земјиштето што може да се користи за земјоделско производство, односно шумарство, без оглед на тоа дали се користи за тоа производство или не; или вистински приход, утврден на начин што е пропишан со Законот за персоналниот данок на доход.

 
Приходи од имот и имотни права

Приходите што обврзникот ги остварува од издавање под закуп или подзакуп на земјиште, станбени или деловни простории, гаражи, простории за одмор и рекреација, опрема, превозни средства и други видови имот.

 
Приходи од камата (согласно Закон за данок на добивка)

Доход од побарувања секаков вид долг, независно од тоа дали е обезбеден со хипотека и дали врз основа на нив се стекнува право на учество од добивка на должникот и особено доход од обврзници или други должнички хартии од вредност, вклучувајќи ги и премиите од наградите на тие хартии од вредност, обврзниците или должничките хартии од вредност, како и секој друг доход поврзан со доход од пари дадени на заем (освен приходот од: камата од должнички инструменти издадени и/или гарантирани од страна на Владата на РМ, Народната банка на РМ и банки или други финансиски институции кои делуваат како претставник на Владата на РМ и од камата од депозити во банка лоцирани во Република Македонија). Казнените камати платени за задоцнети плаќања не се сметаат за камати.

 
Приходи од капитал

Дивиденди и други приходи остварени со учество во добивката кај правните и физичките лица, камати по кредитите дадени на физички и правни лица, каматите по обврзници или други хартии од вредност и камата на орочени штедни и други депозити.

 
Приходи од консалтинг услуги (согласно Закон за данок на добивка)

Приход остварен од вршење услуги на служби или организации што се занимаваат со давање на совети и интелектуални услуги во стопански финансиски и технички проекти односно упатства или работи на некој специјален предмет или проект за определен надомест. Под консалтинг услуги се подразбираат и: правни, даночни, сметководствени и ревизорски услуги, кои што странските правни лица ги вршат со надомест за домашните субјекти. Под консалтинг услуги на деловно советување, се смета секој облик на деловно советување или консултација. По исклучок, не се смета за услуга на деловно советување: одржувањето на предавања, семинари, работилници и слични методи на подучување, потоа услуги на инжињери, архитекти и слични услуги кои за резултат имаат пишани документи за постапување (идејни и изведбени проекти, нацрти, упатства и други документи за постапување). За услуги на деловно советување не се сметаат и услугите на посредување и застапување во некоја зделка, како и услугите на користењето на различните бази на податоци.

 
Приходи од осигурителни премии од осигурување или реосигурување од ризици во РМ

Приходите на странското правно лице остварени од: 1) премија по основ на осигурување на живот; 2) премија по основ на неживотно осигурување и 3) премија по основ на реосигурување, освен премија по основ на реосигурување што друштвата за осигурување и реосигурување на Република Македонија, се должни да го извршат во согласност со закон.

 
Приходи од самостојна дејност

Приходи остварени од стопанска дејност, од давање професионални и други интелектуални услуги, како и приходите од земјоделска дејност кои не се опфатени со катастарскиот приход и од други дејности чија трајна цел е остварување на приходи.

 
Приходи од телекомуникациски услуги (согласно Закон за данок на добивка)

Приходите од услуги на: обезбедување на јавни фиксни телефонски услуги (локална телефонска комуникација; меѓумесна национална телефонска комуникација и меѓународна телефонска комуникација); обезбедување на јавни мобилни телефонски услуги; обезбедување на јавни услуги на говор преку мрежи со комутација на пакети (интернет протокол и други протоколи); обезбедување на услуги на изнајмени линии; обезбедување на јавни услуги за пренос на податоци; обезбедување на јавни радиокомуникациски услуги и обезбедување на други услуги (обезбедување на јавни услуги на говор преку мрежи со комутација на пакети помеѓу различни оператори.

 
Прогресивна даночна стапка

Стапка која се менува со менувањето на големината на даночната основа, односно стапка која се зголемува со зголемувањето на даночната основа.

 
Продажна цена

Крајната цена на единица на некој производ или услуга или пак на дадената количина на производот, вклучувајќи го тука и данокот на додадена вредност и сите други јавни давачки.

 
Производ

Било која стока или предмет без оглед на степенот на нивната обработка, наменети за понуда на потрошувачите.

 
Производител

Лице кое изготвува готови производи или составни делови за добивање на основни производи или лице кое преку фирмата и својата ознака на производот се претставува како производител. За производител се смета и увозникот на производот.

 
Промет на добра и услуги

Пренос на правото на располагање со движен или недвижен материјален имот. Пренесување на економска супстанца од вршителот на прометот кон примателот на прометот. Промет на услуги е секоја дејност која не е промет во смисла на член 3 од Законот за данокот на додадена вредност.

 
Пропорционална даночна стапка

Стапка која е постојано иста, непроменлива, независно од тоа дали даночната основа расте или се намалува.

 
Просечна месечна плата

Просечен износ на месечна заработка исплатен по вработен во Република Македонија, согласно објавените податоци на Државниот завод за статистика.

 
Проценка на даночна основа

Постапка преку која Управата за јавни приходи ја утврдува даночната основа, преку процена во случај, кога истата не може да се утврди врз основа на деловните книги и евиденцијата на даночниот обврзник.

(види и даночна основа)
 
Процесна способност

Има странка која е наполно деловно способна, односно може сама да ги врши дејствијата во постапката.

 
 


© Управа за јавни приходи на Република Македонија