Управата за јавни приходи ги известува сите работодавачи, самовработени лица и даночни обврзници дека во „Службен весник на РСМ“ бр. 148 од 6 јули 2026 година е објавен Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, кои директно влијаат врз пресметките на платите и придонесите:
Согласно со законските измени најважната измена се однесува на висината на стапките по кои ќе се пресметуваат и плаќаат придонесите од социјално осигурување. Овие стапки задолжително се применуваат почнувајќи со исплатата на платата за месец јули 2026 година, па сè до исплатата на платата за месец декември 2026 година. Новите утврдени стапки се:
- 19,9% за задолжително пензиско и инвалидско осигурување;
- 7,5% за задолжително здравствено осигурување;
- 0,5% за дополнителен придонес за здравствено осигурување за случај на повреда на работа и професионално заболување;
- 0,1% за осигурување во случај на невработеност.
Стапката на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување за стажот на осигурување со зголемено траење изнесува:
- 9,95% за вршење на работи и задачи на кои ефективно поминати 12 месеци се сметаат во стаж на осигурување како 18 месеци
- 8,29% за вршење на работи и задачи на кои ефективно поминати 12 месеци се сметаат во стаж на осигурување како 17 месеци
- 6,63% за вршење на работи и задачи на кои ефективно поминати 12 месеци се сметаат во стаж на осигурување како 16 месеци
- 4,98% за вршење на работи и задачи на кои ефективно поминати 12 месеци се сметаат во стаж на осигурување како 15 месеци
- 3,32% за вршење на работи и задачи на кои ефективно поминати 12 месеци се сметаат во стаж на осигурување како 14 месеци
- 1,66% за вршење на работи и задачи на кои ефективно поминати 12 месеци се сметаат во стаж на осигурување како 13 месеци
Со цел олеснување на процедурите, со измените во членот 13 се менува начинот на администрирање на придонесите за самовработените лица кои данокот на личен доход го плаќаат според паушално утврден нето-доход, Управата за јавни приходи станува обврзник за пресметка на придонесите. Ова во пракса значи дека наместо овие лица самите да вршат пресметки, Управата за јавни приходи станува обврзник за пресметување на нивните придонеси. По извршената пресметка од страна на УЈП, обврската за уплата на средствата останува на самите самовработени лица.
Управата за јавни приходи апелира до сите работодавачи, правни лица и сметководствени бироа навремено да ги ажурираат своите софтверски системи за пресметка на плати и придонеси во согласност со новите законски стапки, со цел непречено поднесување и обработка на МПИН-пресметките за месец јули 2026 година.

